21 Декември, 2024
0.0252

Време на лажни авторитети

Објавено во: Колумни 30 Август, 2019

Добивај вести на Viber

Во  пресрет  на 28 –годишнината од прогласувањето на независноста на  Македонија,  веќе никој нема реални очекувања дека нешто ќе се смени на подобро во оваа земја. Оние флоскули и фрази на политичарите, кои  како на лента се преповторуваат од  година в година, веќе се банални, излитени и испразнети од секаква суштина. За каква суштина  станува збор, кога некој  „ државник“, ќе говори за развој, просперитет и благосостојба на македонските граѓани!? Добро, тој развој, напредок и благосостојба ја зборуваме  безмалку од независноста до ден денеска, но никако да дојдат. Напротив, луѓето се чувствуваат се посиромашни, економско и материјално се понемоќни, и веќе одамна излезот го гледаат само во неговото височество-бугарскиот пасош, и билетот во еден правец , тој на Запад. Македонските граѓани се изневерени, изманипулирани, излажани и предадени. Така се чувствуваат, и тоа со право.  Барањата  на европските челници, во однос на решавањето на  нашите проблеми ,дека  тие веруваат „ само во институции“, не во личности, ја погодува суштината на нашата национална несреќа. 

Институционално урнисана држава!

Просто неверојатно е, како ние за овие безмалку три децении, не успеавме да изградиме независни, ефикасни и пристојни институции, кои ќе бидат огледало на државата. Бидејќи и во самата своја суштина, една држава  всушност е и тоа- сплет од институционален систем, подреден во една  вертикална хиреархија, која функционира хармонично. Кај нас, не функционира, или ако функционира ,тоа е хаотично. Граѓаните ги пополнуваат институциите, и тие се одраз  на одговорноста, транспарентноста и ефикасноста на  самите институции. Не ми велете, дека во  Македонија, нема  чесни, одговорни, ефикасни и исполнителни луѓе. Колку примери, на нашинци, пред се млади луѓе се успешни научници, бизнисмени, иноватори, па дури и професори на странски универтизети, и во странски држави? Значи, системот во кој  вредните, талентираните, упорните, учените се себереализираат ги дава своите резултати. Но тој систем не е тука, туку далеку на Запад. Кај нас, како намерно да се создаде или постави систем, во овие три децении,  во  кој лажливците, опскурните  превртливци,  мешетарите, криминалците, или со еден збор „ снаодливите“ успеваа да ги заграбат позициите, и најлошо од се да управуваат со институциите на системот. Тоа,  од друга страна  создаде двојна штета. Освен што ги постави горенаведените на  врвот , од таму „ да се гледаат помеѓу себе“, останатите, оние кои  сметале дека по мерит системот треба да се градат и реализираат во оваа земја, немоќни пред „ поставените правила на игра во градот“, се откажуваат  и си ја бараат својата среќа надвор. Свесна ли е оваа држава, и нејзините скапани политички елити, колку тоа ќе не чини во иднина? Како да имате  економски, финансиски , па дури и дигитален развој, ако најголемите млади умови токму од овие сфери на наука, бегаат како од чума од оваа земја?

Ориентален менталитет, на народ кој  сака да стане европски!

Честопати, во своите колумни , универитетскиот професор Денко Малески, за овие теми и дилеми го поставува прашањето на т.н „ ориентален “ менталитет кој го завладеал просечниот Македонец. Тој менталитет, создава од  нашиот народ, една аморфна маса, која гледа само да го помине денот, или месецот, на своето работно место, не трудејќи се да испорача никакви резултати, не принесувајќи никаква одговорност спрема работата, или пак ефикасност и ефективност со кои ќе има поголема продуктивност фирмата за која работи, или пак институцијата во која тој е сервис на граѓаните. Тоа создава, една култура на хаотичност, во која „ секој се снаоѓа, како знае и умее“, за да го протурка месецот. Нема никаков ред, поредок, никакви вредносни ориентири за напредок, никаква мотивација за понатамошен успех. Уште поневеројатно е како , овие луѓе по својата психолошка автосугестија се однесуваат сосема спротивно со своите норми на поведение во западните земји, односно се однесуваат  европски, а не примитивно балкански. Знаат да чекаат ред во продавница, на шалтер, на аеродром. Знаат да ја чуваат животната средина,да не фрлаат ѓубре, отпушок, знаат да ги почитуваат сообраќајните правила во сообраќајот, знаат дури и да не зборуваат прегласно на јавен простор. Се поставува прашањето, како таа „ автосугестија“ да ја примениме тука, и да создадеме една нова култура, која не е иманентна за нашиве простори. Честопати, одговорот на овие дилеми, некои го бараат во ригорозните казни, т.е дека само така може да се доведе во ред, еден просечен Македонец, т.е класичен  Балканец. Можеби, не велам не, но зарем треба на секој чекор,  да бидат поставени полицајци-позорникари, па  да треба да не казнуваат за секое наше ненормално поведение. Колку пати се казнети граѓани за брзо возење, фрлање на шут и отпад, па дури и потпалување на животната средина, и дали истите тие граѓани го смениле своето однесување? Одговорот е не!

Новата културолошка димензија на Македонецот!

Треба да дојдеме во друга културолошка димензија, па сетоа тоа да се смени. Треба да се срамиме  сами од себе, ако фрлиме ѓубре на земја, ако се караме и буткаме на шалтер во некоја институција, ако  не почитуваме ништо, како што е предвидено според општествените закони и норми. Само тогаш, ќе влеземе во нов културолошки свет, за нас непознат, и тогаш ниту казните , ниту санкциите ќе бидат потребни за наше „ воспитување“. Кога сме кај воспитувањето, тоа е клучно од најмала возраст, за да дојдеме до овој стадиум. Како очекуваме нашите млади основци и средношколци, да не ги кршат клупите, и да не ги вандализираат парковите, кога ги гледаат своите родители, како го истураат ѓубрето каде што ќе стигнат, и хартијата од изеденото чоколатце ја фрлаат веднаш на земја?! Кој пример тие го гледаат со своите очи , за да бидат поразлични? Западноразвиените земји, оние во кои масовно се селиме, и на кои им се восхитуваме како се уредени, одамна и немаат потреба од закони за санкции и казни. Бидејќи кај нив е правило, а не исклучок, граѓаните да се однесуваат по предвидените општествени норми. Зарем на еден Швајцарец, Германец, Белгиец, му е потребно некој да го казни ако фрли ѓубре, или пак осуденоста од општеството  ако евентуално го направи тоа, е најголема казна сама по себе за него? Кај нас, функционираме по стариот систем „ Каде сите Турци, таму и гол Асан“, па така како сите фрлаат ѓубре, така и ние. Уште полудо и поненормално е ако вие меѓу сите тие кои фрлаат и ја загадуваат животната средина , не го правите тоа, или пак уште ако ги укорите одозгора, ве гледаат вас како „ ненормален“. Затоа  и се почеста е изреката кај нас: „ кој овде не полуди, потоа нека ракажува“.


Благојче Атанасовски, политиколог

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.

Можеби ќе ве интересира

Западот му ласка на Трамп, а тој до инаугурацијата ќе молчи за Украина

Западот му ласка на Трамп, а тој до инаугурацијата ќе молчи за Украина