23 Јануари, 2020
0.0248

Време за отрезнување

Објавено во: Колумни 03 Јануари, 2020

Помина уште една година, а во духот на традицијата, сите си посакуваат среќа, радости, убави моменти и успеси во наредната. Како општество  и како нација, кои се наоѓаат на европскиот континент,  нормално , не сме ниту ние имуни од начинот на прославување на новогодишните празници. Сепак во држава  во која  скоро секоја  наредна година се преповторуваат желбите и посакувањата за  во  новата година, се поставува прашањето, дали тоа ние сме се привикнале дека само чисто формално си ги честитаме празничните денови со куртоазна реторика, а без да веруваме вистински и искрено  дека сите тие убави желби можат да станат реалност? Традиционално, печатените и електронските медиуми прават ретроспектива на изминатата година на општествен / национален  план  со проекции за идната, и секоја година желбите се скоро идентични: повеќе пари, поголеми плати, повеќе вработување пред се за младите кои и се најмногу  невработени, но и подобрување на севкупните општествени односи.

Големите желби и проекции

Политичарите се тие кои ги упатуваат и овие желби до своите граѓани, со слаткоречивост, но тоа трае најчесто неколку денови, пред новогодишните и предбожиќните празници. После нив, кога ќе пројде формалноста околу поздравите и честитките, пак почнуваме по старо- добро нам познатата македонска приказна: огромни поделби по политичко- партиска основа, пизма, омраза и жолч на социјалните мрежи, битка до истребување, како да станува збор за „ односите помеѓу Израел и Палестина“, а не помеѓу спротиставените политички класи кај нас, едноставно истурање на ненормално количество на негативна енергија која потоа влијае врз целокупното здравје на македонската нација. Впрочем, погледнете ги социјалните мрежи, дебатните емисии, дури седнете и на некоја македонска слава,  и ќе видите поделен народ, раскаран и опседнат со политиката на своите омилени политичари/ партии, но што е најтрагично прстот за својата лична/ семејна  социоекономска лоша  состојба најчесто го вперуваат во политичарите од спротивниот табор, не сфаќајки дека во Македонија, и политичката гравитација на елитите  околу левицата и околу десницата е една и иста р’ѓосана монета за поткусурување на личните и фамилијарни бизнис- тендерски интереси на партиските врвови на  македонската политичка номенклатура. Тогаш, како да излеземе од тој маѓепсан круг на македонскиот безизлез, и како после отрезнувањето  да ги реализираме сите наши лични и општествени желби и посакувања? Едноставно да го смениме нашиот „ мајндсет“, и целосно да ја промениме нашата ментална матрица на дејствување и функционирање, бидејќи со празни зборови и познати флоскули ништо нема да се смени, а се ќе остане на пусти желби. Честопати, верските лица нагласуваат дека палењето на бадникарски огнови е еден вид „ паганска традиција“, која нема ништо општо со христијанската вера и христовото раѓање, но сепак  одомаќинето во македонската традиција е да се палат масовно бадникарските огнови, и сето тоа да се прослави со музика, грана ракија, посна храна и играње ора. Во  драматичните  зимски денови, кога на мерните станици за загадување, ПМ- 10 честичките се искачуваат и неколку пати  над  дозволената граница и ги класифицираат македонските градови, и самиот главен град Скопје, на врвовите на светската топ листа на најзагадени градови во светот, доколку проработи нашата свест, тогаш граѓаните би требало да се воздржат од практикување на оваа  „ традиција“ , бидејќи нејзината масовност, ширум целата земја, дополнително ќе го влоши и онака лошиот и загаден амбиентален воздух. Доколку владата  донесе уредба со која ќе се забрани палењето на огновите, тогаш ќе видиме мноштво на изблици на незадоволство, од огромен број на граѓани кои ќе негодуваат и ќе викаат дека „ владата ја прекинува  христијанската традиција“. Доколку мерните станици за загадувањето на шести јануари  се „ загушат“ , тогаш ќе имаме исто толкав број на масовни реакции, зошто властите ги дозволиле овие обичаи кои  и „ немааат никаква врска со христијанската религија и традиција“, што значи нам крајот како нација не ни се наоѓа.

Секој да почне од самиот себе!

 Постојано се случува само и само хистеризација на социјалните мрежи, која не само што не придонесува за решавање на секојдневните натрупани проблеми, туку истата ги банализира, или пак  не дозволува да бидат темелно, стручно, студиозно разработени и да се понудат квалитетни и издржани предлог-решенија, за истите да не ни се преповторуваат од година на година. Живееме како без компас, со неподносливата леснотија на банализација на проблемите, кои не опкружуваат, па дури и апатијата, меланхолијата, и гневот кој го има зафатено ова општество и нација, доведува и до иронизирање  и проследување со цинизам на секој издржан  предлог, секоја аргументирана и добронамерна критика, секој израз на добра волја и гест на помош. Македонците, денеска се  како  ослободено животинче, кое долго време било малтретирано во заточеништво, измачувано и психофизички повредувано. Во посттрауматскиот период, во кој „ завршила голготата и сега е пуштено на слобода“, тоа гледа со недоверба, страв, резигнација  према секој и сешто во новиот „ непознат свет за него“. Такви сме и ние, триесет години  измачувани, ограбени, искрадени,  искорумпирани  и криминализирани од нашите политички елити, па сега кога некој би ни понудил помош или решение за некој наш проблем, ние веднаш  кон тоа гледаме со недоверба, па дури и со страв дека можеме да бидеме излажани. Македонскиот дух е скршен, просечниот и класичен Македонец е своевидно зомби кое се плаши за себе, за својата иднина, и за иднината на своите најблиски. За да ни се случи своевидна општествена и национална катарза, ние треба да ги искорениме или целосно да ги промениме нашите лоши навики, и да почнеме со едно нормално , цивилизирано поведение. Секоја индивидуа, дали е професор, работник, занаетчија, административен  службеник, работодавец или работник, ќе мора да ги смени своите „ манири на однесување“, доколку сака да се промени неговата микро средина, но и таа  големата слика, наречена држава и нејзиното општество. Инаку формалнопразните зборови за успеси и среќа се само  дедомразовска  лага во  која и самите не си веруваме. 


Благојче Атанасовски, политиколог

Можеби ќе ве интересира

Политика на марка на производите

Политика на марка на производите

Медена лекција за пелин нација

Медена лекција за пелин нација

Влијание на перењето пари врз економската стабилност

Влијание на перењето пари врз економската стабилност

Десо

Десо

Неделен Фактор: Медот го изедовме, горчливиот вкус остана

Неделен Фактор: Медот го изедовме, горчливиот вкус остана

Рускиот тандем се распадна

Рускиот тандем се распадна

Да постанеме најдобри во полето на културниот натпревар

Да постанеме најдобри во полето на културниот натпревар