Втората „смрт“ на украинскиот олигарх Игор Коломојски
Објавено во: Колумни 04 Септември, 2023
„Револуцијата на достоинствово“ во 2013 и 2014 година во Украина покажа дека Украинците сакаат нов живот. Претходната „Портокалова револуција“ од 2004 година се раствори во неподготвеноста за вистинска борба за достоинство. Државата не беше подготвена за таков скок. Како и кај нас со „Шарената револуција“ и во Украина прокламираното на протестите и промената на власта не доведоа до негова реализција. Па беше потребен „Мајдан“ (Мегдан) на кој излегоа стотина илјади луѓе кои одново ја сменија власта. Овој пат поуспешно, од претходно. Но проработи надворешниот фактор и Русија го анектираше Крим и им даде поддршка на сепаратистите од Донбас. А по осум години влезе со војска во Украина.
Токму пред осум години на овие страници пишував застарата девиза за револуцијата и децата, која никако да го напушти постсоветското пространство. Како да е вградена во генот на политичарите од овој дел на земјината топка. Повод беше сменувањето(оставката) на губернаторот на Дњепропетровската област Игор Коломојски, тогаш еден од најголемите украински олигарси. Човекот кој тогаш направи своја армија, кој го финансираше екстремниот „Прав сектор“ по почетокот на војната во Источна Украина, човекот кој вложи милиони долари за таа работа и кој ја сочува областа од проруските сепаратисти во Украина. Нему му забранија да се занимава со политика. На средба на која присуствувал и американскиот амбасадор во Украина. Претседател тогаш беше Петар Порошенко, кој рече дека:„Државната служба мора да биде одвоена од бизнисот“, и го прати Коломојски да си ја гледа својата работа-парите и бизнисот. А тоа што и Порошенко е олигарх, не колку Коломојски, не му пречеше да ја врши претседателската функција. Тоа беше првата, политичка, смрт на Коломојски.
Коломојски на чело на Дњепропетровската област дојде со потпис на Порошенко во бурните пролетни месеци 2014 година. На почетокот на март тој и уште еден олигарх, Сергеј Тарута, со указ на Порошенко станаа губернатори. Тарута до почетокот на октомври 2014 година беше губернатор на Доњецката област. Но Порошенко не издржа долго. Нивното назначување, најверојатно, беше мотивирано со фактот дека тие во своите региони имаа големи бизниси и дека се определени против Русија. А имаат можности финансиски да ја поддржуваат револуцијата, нејзиниот опстанок. Тарута подоцна се жалеше дека од целата ситуација „осиромашил“. Позадината за смената на Коломојски тогаш беше во сферата на шпекулации. Но факт е дека за една година тој прерасна во фигура која никој не би сакал да ја има за непријател или поблаго речено за конкурент.
Коломојски создаде своја војска и со неа и со неговите пари и администрацијата, ја држеше стабилноста на областа. Тоа што во воените единици формирани и финансирани од него, влегуваат главно десните сили, украинските националисти, само ја подгреваа атмосферата во Дњепропетровск, но областа остана стабилна. Со силата на оружјето и парите и личниот авторитет на Коломојски. Ваквите луѓе добиваат моќ и веројатно Порошенко пресмета дека дојде време да ја отстрани таквата опасност. Опасноста, тие сили да почнат да маршираат кон Киев. Се сеќаваме каква беше реакцијата во светот кога неодамна Евгенија Пригожин, со припадниците на неговата воена компанија тргнаа со марш кон Москва! Така пред осум години беше ситуацијата и со „Правиот сектор“. Особено по незадоволството од мерките сите доброволни воени формации да мораат да влезат во состав на регуларната војска, Националната гарда или полицијата. Тоа што рускиот претседател Владимир Путин го прави сега со припадниците на „Вагнер“. Радикалите од „Правиот сектор“ не сакаат да се покорат на таквата наредба. Тие дури не се покоруваат на наредбата на власта да ги напуштат позициите во зоната на таканаречените анти-терористички операции. Но беше прашање на време кога под американски притисок и овие сили беа вклопени во украинската армија, иако имаа и голема самостојност.
ПРИВАТНИ ВОЈСКИ
„Правиот сектор“ и неговиот лидер Димитриј Јарош излегоа на големата сцена за време на Мајданските настани или како што некои велат револуција. Практично зад кулисите на Мајдан тие ги водеа конците со својата агресивност и непомирливост. И една многу благородна идеја – да се стави крај на олигархиското владеење, на корупцијата и изградба на современа држава доби несакан епилог. Нејзината кулминација тогаш беше војната во Источна Украина. Русите не можеа да го гледаат Коломојски, а уште помалку лидерите на „Правиот сктор“. Тие за нив се главното зло. А се чини со текот на времето станаа опасност и за Порошенко. Па за да ја намали нивната улогата и влијанието на лидерот на правиот сектор, Дмитриј Јарош, претседателот, му понуди место во Министерството за одбрана. Не министер, туку во министерството. На тој начин тој би бил под контрола и не би требало да му создава главоболки на Порошенко.
Факт е дека во преговорите и разговорите на Русија и Западот околу Украина, Русите тогаш како адут ги користеа токму приватните војски на Коломојски и единиците на „Правиот сектор“. Веројатно тоа им задаваше главоболки и на претставниците од Западот. Особено по вестите за некои злосторства направени од овие војски. И не е далеку помислата дека можеби и Западот стои зад овие потези на Порошенко за да се исфрлат од игра адутите на Русија во разговорите. Овде треба да се каже дека Коломојски, кога почна атаката против него, не сакаше да чуе да поднесе оставка, па дури се закануваше со својата финансиска моќ, а некои негови блиски намекнуваа и на воената. Но, по средбата со американскиот амбасадор во Киев, тој како да омекна. За по неколку дена да си поднесе оставка и тоа јавно пред ТВ камерите во присуство на претседателот Порошенко.
Пред два дена Игор Коломојски по втор пат беше „изеден“. Иако не беше дете на револуцијата, повеќе би му личело „татко“, бидејќи кога се коваше железото, тој и другите олигарски седеа настрана, освен Порошенко, кој веќе имаше политичко и управувачко искуство. Беше и министер за надворешни работи. Па кога револуцијата победи, Порошенко стана претседател, а Коломојски и другите олигарси не успеаја да се снајдат и останаа настрана од големата политика, ако не се смета периодот кога беа губернатори. Како и да е овој пат работите се навистина сериозни. Коломојска го ставија во истражен затвор каде што треба да лежи 60 дена. Тој е осомничен за „легализација на имот стекнат по пат на измама“. Или преведено на обичен јазик, купување имот со „црни пари“, односно „перење пари“.
Претседателот на Украина , Владимир Зеленски, во саботата вечер, реагирајќи на мерката за Коломојски, рече дека е благодарен на украинските органи за решеноста да го доведат до праведен резултат секое дело, кое се влечкало со години. „Законот треба да работи“, нагласи тој. Зеленски додаде дека идна Украина ќе биде со други правила. И новите квалитети ќе се реализираат „без многугодишното “како секогаш“, во однос на оние кои ја „ограбувале Украина и се ставале себе си над законот и било кои правила“.
АМЕРИКАНСКА „ЦРНА ЛИСТА“
Службата за безбедност на Украина соопшти дека од 2013 до 2020 година Коломојски легализирал над половина милијарда гривни со изнесување надвор од земјата, користејќи банки под негова контрола. Инаку уште во февруари годинава имаше претрес во домот на Коломојски, поврзан со некакви шеми за присвојување пари од две нафтени компании во кои тој има свој удели. Кон крајот на минатата година тие компании беа национализирани. Во 2016 година владата ја национализираше и „Приват банка“ сопственост, меѓу другото и на Коломојски. Наводно тој и неговите партнери ја оштетиле банката за 5,5 милијарди долари. Министерството за правда на САД во 2021 година го обвини Коломојски за грабеж на милијарди долари од банката, кои потоа тој ги „перел“ преку негови компании во САД и целиот свет. Тој и неговото семејство се ставени на црна листа, се наоѓаат под санкции на САД. И Британија има замрзнато активи на Коломојски ширум светот. Коломојски сите обвинувања ги негира и бара денационализација на банката. До изборот на Зеленски за претседател Коломојски две години живееше во странство. В 2019 година се врати во Украина. И беше еден од главните спонзори на Зеленски во неговата кампања за претседател.
Документи од т.н. Pandora Papers, посведочија дека Зеленски и негови партнери од нивната продуцентска куќа создале оф-шор мрежа преку која добивале пари, меѓу другото и од структури на Игор Коломојски. Но според податоци од OCCRP, не може да се тврди дека тие пари се префрлени од „Приват банка“ на Коломојски и партнерите. Инаку во разгор на изборната кампања во 2019 година еден депутат од Блокот на Петар Порошенко, напиша дека „41 милион долари, пари од вложувачите во „Прибват банка“, биле префрлени на сметка на комичарите од „Квартал 95“, преку кредитирање поврзано со компании од Коломојски“. Зеленски не сакаше да разговара за наодите од OCCRP.
Ако Зеленски до пред извесно време беше зависен од Коломојски, работите сега се променети. Во ноември 2021 година, поранешниот секретар за безбедност на Украина, Александар Даниљук, изјави дека Коломојски има некакво влијание, но неговата тежина е многу помала. Според него, сите дела против Коломојски, го притискаат, а од тоа добивка има Зеленски. Кој би можел и да го испорача на САД, доколку тие тоа го побараат. Телевизискиот канал на Коломојски, „1 + 1“, сега е во рацете на власта, пратениците кои ги контролираше тој, 30 до 40 луѓе, сега се под контрола на партијата на Зеленски. Па Коломојски не може да уценува. Даниљук смета дека во „одреден момент“ западните партнери можат да „извршат притисок“ врз нив, власта, да го екстрадираат Коломојски. „Да. Зеленски, како доверлив партнер, ќе го предаде сосе партали“, вели тој.
Што значи апсењето на Коломојски? Тој ќе биде во затвор 60 дена, освен ако даде залог од 509 милиони гривни. Ако се потврди делото, може да добие до 12 години затвор. Тој тврди дека е невин и дека не сака да плаќа залог. Ќе се оди на апелација. Меѓу причините за истрагата против Коломојски, некои набљудувачи сметаат дека главна е внатрешната борба меѓу надлежните ресори. Власта сака да го претрка националното антикорупциско биро на Украина(НАБУ), кое е под американска контрола, и каде што Коломојски беше на распит. Но наредниве денови детективи од Бирото за економска безбедност треба нему да му врачат сомневање. Бирото за економска безбедност и Службата за безбедност на Украина се под контрола на власта. Наводно Зеленски со овој случај почнува голема Пи-аР кампања дека токму тој ја предводи борбата со корупцијата. А од друга страна сака да го има Коломојски „закачен за јадица“ за да ја засилат неговата зависност од претседателската власт, не дозволувајќи на „јадица“ да го закачат од НАБУ и Американците, кои би можеле тоа да го искористат, меѓу другото, да добијат од Коломојски докази во врска со неговите врски со претседателот и неговото опкружување. Па после да си го имаат и Зеленски на „јадица“, ако веќе не го имаат.
РИВАЛСТВО
Претседателот Зеленски неодамна проговори дека се залага корупцијата да се изедначи со предавството. Тоа беше дочекано на нож од НАБУ и од Специјалното антикорупциско обвинителство. Тие се посомневаа дека на тој начин истрагите за корупција наместо НАБУ и специјалното обвинителство, би ги водела Службата за безбедност на Украина(СБУ), која пак е под контрола на претседателот. Раководителите на НАБУ и обвинителството веќе заминале на консултации во САД. Во септември таму се очекува да замине и Зеленски, па се смета дека тој сака да го стави Коломојски во затвор за да покаже дека СБУ може да се бори со корупцијата, исто како НАБУ. Ривалството е опасна работа. Но, како и да е Американците ќе им кажат што и како да работат. Исто така неделава Киев ќе биде домаќин на средба на водечки чиновници од ЕУ, која Украина ја смета за мошне важна за реализација на нејзиниот стремеж да стане членка на Унијата. Но од Брисел бараа и бараат поголема борба со корупцијата. Неколку украински политичари изминативе денови си поднесоа оставки, како и регионални раководители. Најавена е смена на министерот за одбрана Алексеј Резников, во чиј ресор имаше многу корупциски скандали. Можеби случајот со Коломојски е намерно темпиран пред европските бирократи да се излезе со некаков „трофеј“. Иако многумина сметаат дека таа работа може да се влече со години по судовите. Како кај нас на пример со оние кои беа ставени на американската „црна листа“, а слободно се шетаат или нивните дела паѓаат на суд како круши.
Кон сето ова може да се додаде и уште едно интервју на Коломојски од ноември 2019 година за „Њујорк тајмс“. Значи повеќе од две години пред руската агресија на Украина. Што кажа Коломојски тогаш? За Русија тече дека таа во секој случај е посилна. „Ние треба да ги подобруваме нашите односи. Луѓето сакаат мир, добар живот, тие не сакаат да војуваат. А вие, Америка, не терате да војуваме и дури не ни давате пари за тоа“. Обновувањето на врските со Русија се неопходни за економско преживување. А траумата од војната ќе помине. „Дајте пет, десет години и ќе заборават за крвта. Во 2014 година јас веќе покажав дека не сакам да бидам со Русија. Сега го опишувам она што го гледам и кон каде одат работите“. За интеграцијата со Западот Коломојски изјави дека: „ ЕУ и НАТО никогаш нема да ја примат Украина. Вие нема да не земете нас. Бесполезно се троши време на празни разговори- додека Русија би сакала да не внесе во нов Варшавски договор“. За САД Коломојски вели:„ Соединетите држави едноставно ја користат Украина за да се обидат да ја ослабат Руската Федерација. Војната против Русија е војна до последниот Украинец“. Во поглед на финансирањето од ММФ, тој вели дека: „Руското финансирање може да ги замени кредитите од ММФ. Ќе земеме 100 милијарди од Русите. Мислам дека тие денес би ни ги дале со задоволство. Кој е најбрзиот начин да се решат проблемите и да се обноват односите? Само пари. За скандалот меѓу Зеленски и Трамп, кој крена голема врева ставот во Коломојски во интервјуто е дека:„ На местото од Зеленски јас би ги истражил делата за кои бараше Трамп(за компанијата Burisma со учество на синот на Џо Бајден и за наводното вмешување на Украина во изборите за претседател на САД во полза на Хилари Клинтон). А ако демократите помислат да се прават многу умни со нас( станува збор за губење на двопартиската поддршка од САД на Украина) ќе се доближиме до Русија. Руските тенково ќе стојат пред Краков и Варшава,. Вашето НАТО ќе ги извалка панталоните и ќе купува памперси“. За влијанието врз Зеленски,Коломојски изјави:„ Ако ставам наочари и се гледам себе си, како што гледа целиот свет, тогаш се гледам како монструм, куклар, хазјаин на Зеленски и автор на апокалиптични планови. А можам сето тоа да го претворам во реалност“.
Ваквите изјави дадени во далечната 2019 година предизвикуваат неспокојство кај американските дипломати. Можеби трагите на „втората смрт“ на Коломојски водат токму од неговите изјави. Кои не се добродојдени во сегашната ситуација на војната во Украина. Дотолку повеќе што во Украина растат амбициите за претседателски избори во наредната година, иако, според Уставот, такво нешто не би можело да се случи. Зеленски, после разговорите со американски конгресмени кои настојуваат на избори, како израз на демократија, со иронија рече дека ќе има, ако некој ги плати. Можеби свое влијание имаат и изјавите, сведочењата на тогашниот вршител на должност амбасадор во Киев, Вилијам Тејлор, кој на слушања во американскиот Конгрес во октомври 2019 година изјави дека „посебно вознемирува влијанието на олигархот врз претседателот. Според негови зборови тој „не еднаш изразил вознемиреност по тој повод во разговорите со Зеленски и неговиот тим“.
Што по сето ова? Се чини дека Зеленски му бил многу должен на Коломојски. И за време на долгогодишната соработка на Коломојски, кога овој беше газда на телевизијата „1+1“, во која тој беше нарачувач,а продукцијата на Зеленски извршител на работите. А потоа му биле добредојдени парите на Коломојски за претседателската кампања. Во меѓувреме колата на Коломојски оди наудолу. Налет и дадени пари и пријателство, и се’ друго. Секој треба да се спасува себе си. А обајцата од Американците. За Коломојски дека можат да го стават во затвор. А за Зеленски дека можат да влијаат врз развојот на настаните на воен план, сакал тој или нејќел. Се си има цена. Прашање е само времето за наплата.
Мирче Адамчевски
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.