01 Декември, 2024
0.0242

За алките и синџирот

Објавено во: Колумни 29 Мај, 2013

Добивај вести на Viber

            Остануваат само уште неколку дена до посетата на Монеѕвал. Оние кои се упатени во проблематиката на перење пари, секако знаат дека Монеѕвал е комитет на експерти на Советот на Европа чија задача е вршење на евалуација на системот за спречување на перење пари на одредена земја. Значи, во текот на идната недела ќе дојде тим на експерти од повеќе европски земји кои ќе вршат проценка до каде сме стасале во борбата со перењето пари.

            Она што треба да го знаеме сите ние кои сме вклучени во оваа проблематика е дека предмет на евалуација е Република Македонија. Предмет на евалуација не е Управата за финансиско разузнавање, не е Народната банка на РМ, не се ниту другите регулаторни и контролирани институции поединечно. Предмет на евалуација е нашата земја и системот за спречување на перење пари во целина. Зошто е потребно тоа да се нагласи? Затоа што треба да имаме единствен настап на состаноците со евалуаторите на Монеѕвал. Треба да заборавиме на поделбата на регулаторни тела и контролирани институции. Треба да заборавиме на евентуалните отворени прашања што постојат помеѓу различните институции, на личните суети, на докажувањето кој е подобар или попаметен од другите. Таквите работи треба да ги ставиме под тепих барем за миг (или барем за една недела, да бидеме попрецизни). На средбите со Монеѕвал никој не настапува во лично име. Ако одиме чекор понатаму, не настапува ниту само во име на институцијата што го пратила. Настапува во име на државата и нејзиниот систем за спречување на перење пари. Настапува во име на една повисока цел која ги надминува локалните проблеми. Оставањето на добар впечаток пред меѓународниот фактор ќе биде заслуга на сите нас заедно, оставањето на помалку добар впечаток од било кого од нас ќе креира неповолна слика за системот во целина. Кога зборуваме за системот за спречување на перење пари, во предвид мора да се има еден факт. Тој систем функционира. Нормално, ниту еден систем не е совршен, секој има добри и лоши страни. Простор за подобрување секогаш постои. Но, мора да радува фактот што во овие турбулентни времиња за финансиските системи ширум Европа, нашата земја ниту еднаш не е спомената во негативна конотација. А таквата конотација не можеа да ја избегнат и многу поразвиени финансиски системи од нашиот. Што е тоа што го прави системот да функционира? Тоа се сите регулаторни и контролирани субјекти кои го даваат својот придонес во борбата со перењето пари. На регулаторните органи мора да им се оддаде признание за донесената законска регулатива која ги следи европските норми и стандарди и за која земјата добива позитивни оценки скоро од сите меѓународни фактори. Признанијата кои ги добиваме претставуваат мотивација повеќе да продолжиме по тој пат. Но, креирањето на одреден законски пропис претставува полесен дел од задачата. Имплементацијата на било кој пропис во пракса секогаш е потешка задача. Посебно кога се во прашање сензитивни прописи како што се оние од сферата на спречување на перење пари. Затоа мора да им се оддаде призание и на сите субјекти од сферата на финансиите и правото кои во пракса ја спроведуваат борбата со перењето пари. Таа борба не е ни лесна, ни едноставна во овие турбулентни времиња кога секој субјект што настапува на пазарот мора да се бори за секој клиент, за секој денар, евро или долар. Борбата со перењето пари сама по себе не носи денар повеќе во паричникот или на сметката, но многу често може да значи чист образ, зајакнување на довербата на клиентите и позитивна слика за субјектот во јавноста. И регулаторните институции и субјектите кои согласно законските прописи се должни да преземаат мерки и дејствија за спречување на перење пари имаат свои цели и интереси. Понекогаш тие цели и интереси може да се разидуваат и во тоа нема ништо спорно. Секој субјект настојува да ја постигне својата цел и да ги реализира своите деловни интереси на пазарот. Но, во борбата со перењето пари сите имаме заедничка цел – да му се спротивставиме на ова финансиско и општествено зло во интерес на нас самите и во интерес на системот во целина. Секој од нас кој ќе биде присутен на состаноците со Монеѕвал претставува алка во синџирот. Синџирот е силен колку што е силна неговата најслаба алка. Ова не е квиз, па да ја исфрлиме најслабата алка и да одиме во следниот круг. Ако една алка покаже слабост, синџирот ќе се скине. Да го дадеме својот максимален придонес и да не дозволиме да се случи такво нешто! д-р Гоце Трајковски

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.