15 Мај, 2024
0.0276

За емотивниот дискурс во празничниот јануари!

Објавено во: Колумни 10 Јануари, 2014

Добивај вести на Viber

Јануари првиот месец кој ја предводи тековната година, месец кој симболизира нови почетоци, месец кој изобилува со празнувања, дружења,сплотувања и уживања. Многумина на шега ќе кажат дека јануари е најхедонистичкиот месец, бидејќи од многуте задоволства кои се вкусуваат на тековните празници и од разнобројните забавувања по најразлични поводи, од човекот избликуваат најпозитивни емоции и го надвладуваат чувства кои се доживуваат само во мигови на удобства и сладострасти, кои за жал денес во ова сурово совремие многу ретко може да се доживеат. И затоа во мигови на веселост и опуштеност, во моменти кога те совладува пријатност и среќа, несомнено човекот треба да се препушти на благопријатноста од секојневните јануарски доживувања, бидејќи тие му се светла точка и блесоци во тмурното секојневие кое го битисува во текот на годината. Весел  детски џагор кој многу ретко денес може да се чуе Често пати, размислувајќи за суштествени животни прашања, но и поимајќи си за секојдневни згоди и незгоди, во мигови на себеперцепција и себеспознание си поставувам интересни дилеми, кои често ги разбрануваат моите мозочни ќелии и од кои се изнедруваат интересни теми, дилеми и заклучоци. Овој јануари, за мене помалку контраверзен, помалку тажен, но и посебен од друга страна, исполнет со мигови на осаменост и можност за ретроспектива, сама по себе и суптилно ми се наметна размислата за емотивниот дискурс кој ги опфаќа луѓето во јануари. Ако направите една обична прошетка во центарот на градот, без некое посебно планско и социолошко подготвено истражување, онака лаички, ќе забележите многу поинакви лица, односно променета фацијална еспресија во однос на другите периоди од годината. И навистина таа еуфорија која провејува во текот на Новогодишните празници, а посебно во јануари е нешто што е посебно впечатливо и несекојдневно. Едноставно лежерно шетајќи и посматрајќи и вас сакајќи или несакајќи, ќе ве зафати позитивниот дух на благост и пријатност, пред се гледајќи весели лица, слушајќи весел  детски џагор кој многу ретко денес може да се чуе, слушајќи смеа и пред се изливи на надеж за поубаво утре. Божиќ е посебен ден, ден кога се чествува Христовото раѓање Зошто го сакам јануари и зашто со нескриен жар се радувам на одредени јануарски денови? Религиските празници и чествувања се сконцентрирани токму во првиот месец од годината и посебно за верниците овие празници, кои имаат суштинско и симболичко значење за христијанската православна вероисповест, доминираат во овој период од годината. Незаборавни се миговите кога се чествува Бадник-ден предвесник на Христовото раѓање - човекот кој е симбол на христијанството и кој како морална икона го зазема централното место во христијанската религија. Ден пред тоа се пали големиот оган, кој според многумина е пагански обичај, но ниту една монотеистичка религија не може да биде потполно ослободена од елементи на паганството, политеизмот, како и развојните етапи низ кои минувала религијата. За мене посебно значење има тој религиски обред бидејќи заживува маалото во кое битисуваш, едноставно денес многу ретко можеш да се видиш со соседот, да ги запознаеш луѓето со кои го делиш опкружувањето, и токму ваквите настани се можност да се запознаеш со соседите-добронамерници, да размениш мислење и да споделиш некоја идеа или добра мисла. Бадник посебно ги буди моите чувства, и со нетрпение чекам изгрејсонце и весела детска песна да ме разбуди. Милозвучните детски гласчиња се мелем за секоја рана, а посебно кога ќе им ги видиш насмевките на нивните убави детски лица е тоа е посебна убавина. Самите подготовки за престојните празници еднставно ме исполнуваат со позитивен тремор и возбуда, сакајќи да подготвам се најубаво и едноставно заборавам на лошите мигови кои секого од нас го навјасуваат. Божиќ е посебен ден, ден кога се чествува Христовото раѓање, ден кога се збира фамилијата на заеднички ручек, мигови непроценливи и бесценети. Празниците се нижат еден по еден Стара нова година-Василица, Богојавление-Водици, Свети Јован..празник до празник и секој со посебен белег за себе. Но едно е заедничко, сите се чествуваат и празнуваат со ближни и драги луѓе, се сплотува семејството, се интегрираат луѓето, едноставно се слави и празнува. Убоста е распослана меѓу нас во тие мигови и празнични славења и секој ужива на себе својствен начин...барем во тие мигови надвладува доброто и позитивното. За многу години да ни се овие празници и со радост да си ги празнуваме. Проф. Д-р Татјана Стојаноска Иванова Институт за социологија Филозофски факултет-Скопје  

Можеби ќе ве интересира

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе

Путин почнува нова шестолетка

Путин почнува нова шестолетка