23 Април, 2024
0.0266

За финансиските технологии или како до поголема доверба во финтек?

Објавено во: Колумни 19 Декември, 2019

Добивај вести на Viber

Современите финансии се засновани на доверба. Според Харари „Довербата е материјалот од кој што сите пари се исковани.“ Всушност, дигиталната иднина на финансиите уште повеќе ќе зависи од довербата, односно дали луѓето ќе веруваат дека  информациите кој што се разменуваат меѓу мобилните телефони, преку интернетот, преку платежните картички и терминали или блокчејн технологија, поседуваат одредена вредност.

Можеби на прв впечаток изгледа дека готовината ќе исчезне заради промените кој што со себе ги донесоа интернетот и дигитализацијата на финансиските услуги. Меѓутоа, колку и тоа да звучи неверојатно, нивото на готовина на глобално ниво се зголемува!?!? Да, особено во развиените економии како што се земјите на ЕУ, САД и Јапонија. За илустрација, нивото на готовина во оптек во САД е зголемено на 8,2 проценти од бруто домашниот производ во 2018 година, во споредба со 5,6 проценти во 2008 година. Уште пофрапантен е податокот за зголемувањето на учеството на најголемите апоени од 100 долари кои што во 2018 година изнесува 80 проценти споредено со 73 проценти во 2008 година. И во нашата држава постои тренд на зголемување на готовината, која што во 2018 година изнесува 6,1 проценти од бруто домашниот производ, додека во 2008 година изнесувала 5 проценти. Спротивно на ова, во земјите во развој (Кина, Русија и Индија) односот на готовина во однос на бруто домашниот производ се намалува.

Оттука произлегуваат логични прашања од типот: Зошто готовина се зголемува? Зошто тоа е карактеристично за големите апоени и зошто особено во развиените економии? Неминовно, одговорите треба да се бараат во функцијата на парите како чувар на вредност. Изгледа, во минатиот период од 10 години оваа функција добива се поголемо значење. Ова навистина станува возбудливо.

За да дадеме објаснување на оваа мистерија треба да се вратиме 10 години наназад во периодот после големата светска криза. Имено, со цел стимулирање на економскиот раст, централните банки во развиените земјите ги намалија каматните стапки на дотогаш незабележани нивоа, односно близу до нула. Значи, мора да има поврзаност помеѓу овие процеси. Размислете, доколку инвестициите во државни обврзици или штедењето во банка носат минимална или воопшто нема камата, а во одредени ситуации сведоци сме на негативни камати, луѓето ги повлекуваат парите и ги чуваат „под перница.“ Меѓутоа, би било наивно да се верува дека ова е единствената причина.

Група на економсти од Азија воочиле меѓузависност на овој тренд со процесите на стареење на населението. Се претпоставува дека повозрасното население нема доверба во износите кој се прикажани на екраните на мобилните уреди. Всушност, со стареењето на населението расте износот на готовината во оптек. Оваа теорија наоѓа поткрепена и во фактот што нивото на готовина опаѓа кај земјите во развој каде стареењето на населението засега не преставува сериозен проблем, а дополнително висината на каматните стапки е на повисоко ниво. Како последна можна причина е намалената довербата во финансиските институции, што воопшто не е за потценување.

Од друга страна намалувањето на готовината со себе носи повеќе придобивки за домашните економии. Имено, централните банки имаат поголема моќ во однос на можноста за стимулирање на економијата, а процесот на дигитализација придонесува во сузбивањето на криминалот и сивата економија. Меѓутоа, луѓето треба да веруваат дека електронските пари се безбедни во однос на злоупотреба, ненамерни грешки, хакерски напади, па дури во крајна линија и конфискација. Очигледно се работи за чувство на сигурност. И така, доѓаме до клучната поента: финансиски институции староседелци, регулаторите и носителите на државни политики треба повеќе да сторат во однос на градење на доверба за користење на дигиталните финансиски услуги.

Ќе продолжам со цитат на познатиот американски џез музичар Мајлс Дејвис „Знаењето ослободува, а незнаењето заробува“ и во тој контекст верувам дека зголемување на информираноста за финасиските технологии ќе значи зголемување на чувството на сигурност за нивно користење. Затоа, дозволете ми подетално да објаснам некои од нив:

Мобилни плаќања и паричници

Мобилните плаќања и паричниците направија значајно влијание врз начинот на кој луѓето плаќаат и вршат трансфери на пари. Повеќето системи за мобилни плаќања користат при-пејд уплати преку СМС или платежни картичка, безконтактни плаќања или користење на кодови, а можни се постпејд и плаќање во реално време. За разлика од некои други форми на електронско банкарство, уплатените средства се веднаш достапни, а во зависност од системот, банката не е неопходно да биде директно вклучена. Мобилните паричници овозможуваат на корисниците да чуваат средства и кредитни картички на своите мобилни уреди. GooglePay и ApplePay се двата најпознатите мобилни паричници. Исто така, PayPal се смета за еден од пионерите на индустријата за дигитални плаќања. По неговото преземањето од страна на eBay, плаќањата преку PayPal станаа многу популарни и најдоаширока примена кај купувачите на eBay. Дополнително, преку домино ефектот е создаден нов сегмент кој што помеѓу другото вклучува дигитални плаќања – платформи за плаќање, компании за информатичка безбедност и софтвери за откривање измами.

Отворено банкарство

Отвореното банкарство претставува процес за отстранување на бариерите со цел небанкарските финансиски институции да добијат пристап до податоците и сметките на клиентите на банките.Всушност преку користење на веќе изградената доверба на клиентите кон финансиските институции староседелци, се создаваат нови видови финансиски услуги. Ова овозможува следење на сметките во повеќе банки на една платформа, следење во реално време на вредноста на инвестиците во хартии од вредност, споредување на условите за користење на финансиските услуги и вршење на плаќања или трансакции. Накратко, користењето на мобилни апликации и интеренетот ја зголемува можноста клиентите да носат правилни финансиски одлуки. Од друга страна, согледувајќи ги потенцијални ризици што ги создава отвореното банкарство, регулаторите во Европската Унија изработија технички стандарди, во кои се прецизирани условите за безбедено поврзување, безбедносни сертификати за корисниците со високо ниво на потврдување на идентитетот и безбедносните мерки за заштита на доверливоста и интегритетот на платежните услуги.

Биометрија

Биометријата се користи за употреба на технологија за лична идентификација преку користење на физичките карактеристики, како што се препознавање на лицето, верификација на отпечатоци од прстите и ирис на окото, како и преку препознавање на модели на однесување, како што е гласовна идентификација. Автентикацијата преку користење на биометриски податоци им дава слобода на финансиските институции во однос на користење на претходните начини за најавување како што се лозинки, пин кодови и токени кои што се покажаа подложни на хакерски напади. Сепак, биометријата не е совршена од аспект на безбедноста. Имено, споделувањето на биометриски податоци преставува посериозен ризик во однос на злоупотреба на лозинка или пин код.

Блокчејн технологија

Блокчејн е уникатен тип на компјутерски запис, кој што се потпира на криптографски техники и напредни методи на консензус за евидентирање и заштита на податоците. Истражувањето на Голдман Сакс нуди концизно резиме, објаснувајќи како функционира механизмот на консензус во блокчејн. Всушност се работи за база на податоци што содржи трансакции помеѓу две или повеќе страни, при што копиите во базата се реплицираат на повеќе локации, а компјутерите се контролни точки т.н јазли. Понатаму, базата на податоци е направена од „ланец на блокови“, при што секој блок содржи податоци како што се детали за трансакцијата - продавачот, купувачот, цената, условите на договорот и други битни информации. Конечно, информациите за направените трансакции содржани во секој блок ги потврдуваат сите јазли во мрежата преку посебно дизајниран алгоритам. Трансакцијата е единствено исправна доколку резулатот од алгоритмот е потврден од сите јазли. Потенцијалот на блокчејн технологијата е повеќеслоен. Главни придобивки во сферата на финснсиите се зголемена транспарентност и сигурност, намалени трансакциските трошоци, подобрување на каналите за дистрибуција, зголемување на брзината за вршење на порамнувањата, поголема ефикасноста при автоматски известување и т.н. паметни договори. Сепак, сè уште има сериозни предизвици за широката примена на блокчејн технологијата од аспект на капацитетот, сигурноста, безбедноста, псеудо-анонимноста, меѓусебната компатибилност, конкурентноста и др.

Можеби сите овие информации се комплицирани, меѓутоа сакам да потенцирам дека сите ние сме одговорни за подобрување на состојбите и благосостојбата преку зголемување на ефикасноста и свесноста за новите светски трендови. Како пример би сакал да ја издвојам Естонија, која пред дведецении започнала да гради информатичко општество иако граѓаните во тоа време имале ограничен пристап до интернет, паметни уреди и не поседувале дигитални податоци. Потребна била големахраброст за инвестиции во ИТ решенија и развој на информатичкатехнологија. Денеска Естонија е лидер во дигитализацијата, а скоро сите 1,3 милиони граѓани на Естонија имаат е-лична карта и на годишно ниво се заштедуваат 800 години работно време на државата и граѓаните.


м-р Андреј Илиевски

Авторот е Докторанд по Економски науки, со над 20 годишно банкарско искуство на различни раководни и професионални позиции


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок