16 Мај, 2024
0.0268

За иднината на нашето општество-придобивките и предизвиците

Објавено во: Колумни 17 Јануари, 2014

Добивај вести на Viber

Просперитетна и силна држава, во сите сфери на општественото живеење, постојано вложува во нови, инвентивни и иновативни сегменти, бидејќи за да се оддржи развојот, но и да се отиде чекор напред и прогрес на различно општествено поле, неопходен е континуитет. Целокупната политичка елита, која е носител на најзначајните општествени функции, неминовно треба да се фокусира кон развојот на потсистемите во севкупниот општествен систем. Имено, покрај значајните политички прашања кои и се неопходни и секојневни за решавање, она што е од суштествено значање и за секоја индивидуа, општествена група, но и за севкупното општество, е неговиот напредок, и тоа во секоја смисла на зборот. Општествениот напредок подразбира и развој и прогрес и на секоја индивидуа, бидејќи ако општеството ита кон новитети и просперитет, тоа автоматски подразбира и подобри и посовремени услови за живот, развој и битисување на индивидуите. Младите се иднина на секое општество Една стара максима вели Младите се иднина на секое општество и ако сакаш да направиш одредена промена и таа соодветно да се реализира и имплементира вложувај и инвестирај во младата авангарда и интелегенција, тогаш промената ти е загарантирана и таа ќе се движи во нагорна линија. Она што деновиве ме збунува и ме доведува често пати во недоумица е помалку индиферентниот однос кон младите идни академски граѓани во нашата ни мила татковина. Не случајно говорам за одреден индолентен став и тоа не е само моја перцепција, напротив, дел од научната и интелектуална елита ги има истите полемики поврзани со младите, образувани и интелектуални кадри кои се дел од нашата земја.  Несомнено ќе се покрене одредена кампања која има за цел зголемување на свеста на граѓанинот за сопствената држава и за неминовноста од инволвирање на младите интелектуалци во порите на општеството, посебно кога ќе чуеме поразителни податоци за одливот на млади мозоци од кај нас и нивна успешна приказна во земјите каде си го заработуваат лебот. Но тоа никако не ни стана добра поука дека илјадници умови си заминаа, не помислувајќи да се вратат во родната грутка, бидејќи некаде таму далеку ги збираат плодовите од нивните умствени капацитети. Многу млади потенцијали, кои ако им се даде шанса за вистински напредок и сопствен развој, ќе придонесат и за развој на општеството и на тој начин бенефитот ќе биде повеќекратен-и индивидуален и општествен. Несоодветно, па дури и малку погрубо кажано непримерно е како приоритет да се праќаат на бесплатно скијање оние со навршени 65 години За ваквиот став испровоцирана сум од секојдневните кампањи преку кои се потенцираат привилегиите кои им се даваат на пензионерите. Веднаш да појаснам за да не бидам погрешно разбрана, пензионерите треба да имаат бенефити за нивниот минат труд бидејќи тие придонеле, на себесвојствен начин, за напредок на општеството во кое живеат. Она што ме тишти и искрено провоцира е несоодветните можности и општествени аспекти на заслугите кои треба да им припаднат на сите категории на граѓани. Пензионерите треба да ги собираат плодовите на својот труд, бидејќи напорно твореле и работеле, но тие плодови треба да бидат соодветни на нивните потреби за да можат мирно и релаксирано, среќно и задоволно да си уживаат во своите пензионерски денови. Малку несоодветно, па дури и малку погрубо кажано непримерно е како приоритет да се праќаат на бесплатно скијање оние со навршени 65 години. Мислам секој без оглед на својот интелектуален дискурс може да ги увиди специфичните последици од ваквите активности, бидејќи знаеме колку е кревко здравјето нивно и какви далекусежни последици може да има ако скијаат на заледена патека. Она што ним треба да им се овозможи е соодветен тертман на нивната возраст почнувајќи до хранливи намирници со кои ќе го зголемат квалитетот на живеење, соодветен попуст на истите, отворање на пензионерски клубови каде квалитетно ќе може да си го поминат своето време, соодветна медицинска терапија со прикладни цени и слично. Тоа треба сето да се издигне на една националн а стратегија за пензионери која ќе се реализира во континуитет. Треба да се вложува во младите А каде се тука младите, каде е авангардата на едно општество, каде се во приказната носителите на општествениот прогрес, каде е иднината....за нив приказната како да е подзастаната. Она што недостига во приказната е економската стабилност и економските перспективи кои ќе ја задржат младата интелегенција овде. Примарно е да се направат услови, на национално ниво, секој да добие шанса според своите капацитети и компетенции, да има здрав натпревар и можноста за успех и напредок да се гледа исклучиво низ призмата на индивидуалните квалитети и заложби, а не врз основа на партиско-политички аспекти. Несомнено е дека разочараноста ќе се јави кај младиот човек ако не му се даде шанса за личен развој и можност за докажување. Доколку секој има право да се бори во шумата наречена живот, секој млад човек ќе настојува да го исполи најдоброто од себе, бидејќи ќе знае дека ќе добие соодвтна сатисфакција. Затоа треба да се вложува во младите, бидејќи колку и да звучи социалистички-несомнено е дека тие ја градат иднината на секое општество. Д-р Татјана Стојаноска Иванова Институт за социологија Филозофски факултет-Скопје

Можеби ќе ве интересира

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе

Путин почнува нова шестолетка

Путин почнува нова шестолетка