16 Мај, 2024
0.0251

За нечистата совест и кредибилитетот на политичките елити

Објавено во: Колумни 20 Јануари, 2014

Добивај вести на Viber

Познат е проблемот на расчекор меѓу формално-правното и стварното. Во зависност од неговата големина зборуваме за ефикасни, помалку ефикасни или неефикасни системи. Притоа, што е поголем расчекорот толку е помала ефикасноста и обратно. Јасно е дека и формално-правното и стварното зависат од луѓето, од нивната способност да ги осознаваат проблемите, да изнаоѓаат начини за нивно решавање и да ги преточат во норми според кои ќе се однесуваат сите граѓани за да се постигне саканиот ефект од донесените закони и прописи. Ова значи дека големината на расчекорот зависи од квалитетот на нормите (јасни и консеквентни) и од односот на луѓето кон нивното почитување. Добрите норми, по правило, изнудуваат и коректно однесување на луѓето, а недореченостите во прописите создаваат простор за недоследност во нивното спроведување. Најлоши се оние кои во нивното спроведување се потпираат врз морални скрупули (совесност, педантност, обзирност и тн.) или  на драконски казни, бидејќи неморалното однесување не се казнува, па создава простор за изигрување на недоречените норми, а драконските казни, наместо коректив во однесувањето на субјектите стануваат пречка во преземањето на определени активности, поради стравот од евентуална грешка за која ќе бидат несразмерно казнети. Ова не значи дека моралот е неважен за функционирањето на правниот систем. Тој е важна алка во остварувањето на целите на законите кога има недостатоци во нормите со кои се регулираат определени општествено- економски односи. А недоречености има речиси во сите прописи. Во нив има дури и глупости, на пример, кога за еден денар долг спрема државата се испраќаат писма до „должниците“ кои повеќекратно го надминуваат долгот, а должниците се присилуваат да плаќаат и уште поголеми провизии на банките за да го подмират долгот. „Гилотината“ изгледа престана да функционира. Јасно е дека во прописите не можат да се предвидат сите животни ситуации, во смисла на тоа што е дозволено, а што забрането. Меѓутоа, во здрави средини,  недостатоците се супституираат со моралното однесување на субјектите. Се разбира, најдобро би било нормите да немаат потреба од „помош“, но, кога се направени пропусти, моралното однесување  е брана за да не се изиграат целите на законите од страна на поединци или групи. Во овој контекст неприфатливи се обидите да се минимизира значењето на моралот во општественото живеење, од аспект на спроведувањето на прописите со недоречености. Таквиот однос води кон зголемување на расчекорот меѓу формално-правното и стварното, а во практиката, наместо да се зајакнува законското однесување, води кон однесувања насочени кон искористување на недореченостите, независно од очигледноста дека тие не се во духот на законот и општите норми на однесување утврдени во уставот. Ова особено се однесува на луѓето од власта и на елитите од другите сфери. Нивното морално однесување е клучна претпоставка за да се избегнат сомневањата дека понекогаш намерно се прават пропусти со цел да се остварат неоправдани добивки или  за  себе или за луѓе блиски до власта. Затоа и кога е точно дека некои постапки не се забранети со закон, не значи дека се и во духот на законот. Нема сомнение дека секој има право да формира фирми, па дури и кога е вработен. Меѓутоа, проблематично е кога се формираат фирми за „еднократна употреба“ т.е за да се реализира определена зделка, а потоа се затвора и тн. Посебно симптоматично е ако таквите зделки се во врска со добиени владини тендери, а не во односи со други пазарни субјекти каде претприемчивоста доаѓа до израз. Уште повеќе, ако, притоа, има постапки кои можат да се поврзат со прилагодување на условите на тендерите во полза на конкретни субјекти. Затоа, министерот за здравство не се оправда кога рече дека формално-правно се’ е чисто, односно дека е малку  или само „неетично“. Треба да му се верува и на министерот за транспорт и врски дека нема ништо спорно во продажбата на атрактивната локација кај НБРМ по цена од 71 денар за метар квадратен, дека таа е законска и дека постапката е реализирана на транспарентен начин. Во прилог на на тоа е и појаснувањето дека постои одлука со која е предвидено почетната цена на јавните наддавања за продажба на градежно неизградено земјиште за хотели да биде евро за метар квадратен на територијата на целата држава. Ова се’ би било во ред кога би се работело за средини кои се недоволно развиени и кои се жедни за некоја инвестиција. Меѓутоа, проблем е кога по таква цена се продава земјиште во центарот на Скопје. Уште повеќе што веќе има искуство на продажба на земјиште, на соседна локација, кое е отуѓено за 500 евра за метар квадратен, а почетната цена на лицитацијата била 200 евра. Нема објаснување зошто не се искористи преседанот. Па, нека се продадеше и за 200 евра по квадрат. Некои можеби ќе се сомневаа и во тоа, меѓутоа, економската логика ќе беше задоволена, иако имало само еден лицитант. А ако не се продадеше и по таа цена, тогаш можеше да се пристапи и кон намалување на почетната цена (заради специфичноста на објектите што се градат). Вака, остана сомневањето, дека и покрај формално правната исправност на постапките, нешто не е во ред. Во најмала рака, нечиста е совеста на инволвираните, а тоа го доведува во прашање нивниот кредибилитет во сферите на нивното делување. Д-р Крсте Шајноски  

Можеби ќе ве интересира

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе

Путин почнува нова шестолетка

Путин почнува нова шестолетка