25 Април, 2024
0.0262

За Струга, за талентите, сплотеноста

Објавено во: Колумни 06 Декември, 2013

Добивај вести на Viber

Денес е вистински раритет во нашето македонско општетсво, нацијата да се сплоти околу одредена кауза или одреден настан. Во најголемиот број случаи, без оглед дали станува збор за мнение за некое општествено прашање, кое има суштинско значење или пак за одреден настан кој е од јавен интерес, секогаш, без исклучок се пласираат различни тези, секогаш се зазема одредена страна и честопати ставовите се нижат и луѓето се приклонуваат во зависност од нивната идеолошка и политичка обоеност. Она што е посебно интересно е фактот дека и дел од научната и интелектуална елита, без оглед што имаат оформен став за одредено општествено прашање или одреден општествен феномен најчесто својот став го премолчуваат или истиот го искажуваат нејасно и со доза на резерва, стравувајќи секако за сопственото место и положба, но пред се стравувајќи да не им се залепи одредена етикета и потоа, да бидат без причина, вбројувани во еден или друг табор. Глупост без граници, проклетие кое не следи подолго време, небулоза која го допира суштественото и причинското во едно општество.

Музиката и спортот ја урнисуваат црно белата слика во нашето општество

Музиката и спортот во нашата ни мила држава знаат и те како да придонесат да се промени стереотипноста и еднонасочноста во размислите и однесувањето на нашиот народ. Музиката и спортот го имаат тој благодет да обединуваат, да оплотуваат, да интегрираат. Музиката и спортот ја чинат суштината на радувањето во овие бурни времиња и тие безусловно изнудуваат насмевки на лицата на граѓаните, насмевки и топлина кои во ова транзиционо проклетие ретко се среќаваат. Музиката и спортот ја урнисуваат црно белата слика во нашето општество, нудејќи „спектар на бои“ кои ќе го обојат секојдневното сивило и ќе изнедрат позитивност во реакциите и однесувањето на луѓето.

Денес и тоа како скромноста е доблест

Деновиве токму ставовите и тезите за позитивниот дискурс на музиката и спортот ми ги потврди едно младо момче кое за миг се издигна на пиедестал на вистински музички уметник и кој за миг ја обедини нацијата. Младиот Даниел Кајмаковски ги сруши и размислите и стереотипите за одредени вредности, кои беа помалку заборавени, докажа и покажа дека денес и те како скромноста е доблест. Со својот волшебен глас, смирен однос, симпатично - шармерски настап ги освои и стопли срцата на сите жители на Македонија, па и пошироко. Даниел покажа дека трудољубивоста вродува со плод, а желбата за успех и талентот кога - тогаш ќе испливаат на површина. Со глас како ѕвонец, исправено и гордо, без тронка трема се вивна во музичките облаци, оставајќи ги онемени музичките славни ѕвезди. Посебно ме трогна неговиот патриотски став, со кој покажа дека е вистински родољуб, кој со срце и душа ја љуби и почитува својата татковина. Преку својот пример тој е доказ дека оние нешта кои премногу се посакуваат не се недостижни, само треба работа, упорност и верба во себе, а секако и подршка од блиѓните и храбри луѓе.

Искреноста и љубовта кон својот роден град бликаат од неговите очи, а посебно благопријатно делуваат неговите зборови за убоста со која ја опишува Струга. Солзи ми навираат и стотици пати се навратив на тие мигови постојано гледајќи го тој дел од неговото обраќање, како со посебни емоции говори за езерото, за Црн Дрим, за градот на поезијата и мостовите, за градот кој јас честопати љубам да го наречам бисер на Балканот. Тој град во кој се родени, воспитувани и израснати многу таленти, град во кој луѓето со посебен пиетет се однесуваат кон надарените - познати и признати во сопствената држава, но и надвор од неа.

Дрим тече Струга, како Струга нема друга, кај да одиш, кај да шеташ в Струга пак ќе се вратиш и навистина секој добронамерник, колку и да е далеку секогаш патот го води назад во Струга, носталгијата кон тој град е голема и спомените врзани за секое ќоше на градот постојано навираат и суптилно ве тераат да се вратите во него. Даниел е еден од многутемина кои се родени во градот на мостовите, градот на поезијата и езерската шир, но и еклатантен пример за човек кој сите убости и благодети би ги заменил за музиката и уживањето во прошетките покрај струшкото крајбрежје. Но истот важи и за Мојсовски, Шаќири, Петрески, Маркоски и плеада на други музичари и спротисти, кои се горди стружани и музички и спортски амбасадори на Струга и на Македонија. Сите тие нас не обединуваат, на нивните успеси сите ние се радуваме и сите тие ни ја хранат душата и ни го топлат срцето кога ќе се искачат на пиедесталот на најдобрите.

Има каузи кои се над обоеното и политичкото

Посебно чувство на среќа и наплив на позитивни емоции доживева пишувајќи ја оваа колумна. Насмевката од лицето не ми се тргна бидејќи тие луѓе ни ја враќаат вербата во човечката сплотеност и ни докажуваат дека има каузи кои се над обоеното и политичкото. И нека бидам обвинета за локал - патриотизам, но овој пат спремна сум да го носам тој товар на плеќите и гласно да воскликнам - Браво за Даниел, браво за сите стружани кои со гордост ги бранат боите на својот град и својата држава - Вие сте наше богатство и тоа ме прави мене уште посреќна и горда стружанка.

Проф. Д-р Татјана Стојаноска Иванова

Институт за социологија

Филозовски факултет Скопје (УКИМ)

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок