23 Април, 2024
0.0237

За жал и непостоењето на иселеничка политика е политика

Објавено во: Колумни 08 Јануари, 2014

Добивај вести на Viber

Иако во последно време иселувањето од земјава се наоѓа во фокусот на вниманието се’уште во јавноста се барата со произволни проценки за бројот на иселените по осамостојувањето на земјата. Се лицитира со бројки од 250 до 400.000. Од официјалните органи нема реакација ниту дали се точни, ниту дали се неточни. Како да не е важно за каков обем на проблемот се работи. Освен проценки за глобалната бројка, нема никаква друга спецификација. Само се претпоставува дека се работи за млади и образовани луѓе, од речиси сите региони во Македонија, а најмногу од оние кои веќе влегоа во фаза на депопулација на населението односно годишниот број на умрените е поголем од бројот на новородените. Ваквите резултати, се разбира, не се последица само на иселувањето во странство, туку и на иселувањето во границите на земјата, особено во Скопје. Ако се има предвид дека и мигрирањето во земјата и емигрирањето во странство се последица на развојни проблеми во земјата, зачудувачки е што тие и понатаму се запоставуваат. Политиката на порамномерен регионален развој не е ни почната да се реализира како што е утврдено со закон, а за емигрирањето во странство само инцидентно се потсетува кога се дискутира за економските односи на земјата со странство, во контекст дека иселениците со своите дознаки ја  покриваат или ублажуваат „дупката“ што се создава во надворешно-трговската размена (поради побрзиот пораст на увозот од извозот). Политиката кон нив се однесува како да се неизбежни и поради тоа не се дејствува, иако е неспорно дека внатрешното мигрирање води кон празнење на одделни региони во земјата, а емигрирањето го доведува во прашање растот на населението, а со тоа и човечкиот фактор на развојот. Еднаш иселените тешко се враќаат, а ако се вратат доаѓаат како пензионери. Тешко е да се верува дека иселувањето се прави со намера. Меѓутоа, тоа не е ни битно, бидејќи веќе се случува. Прашање е како да се направи пресврт во насока на сопирање на неповолните трендови. Нема сомнение дека тоа претпоставува усогласување и координирање на развојната со популационата политика, односно надминување на ситуацијата во која популационата политика е на опашката на макроекономската политика на земјата или не се третира како нејзин сегмент. Да не заборавиме дека и немањето на определена (популациона) политика е политика. Останувам со уверување дека сегашната ситуација во врска со мигрирањето и емигрирањето е само грешка која треба што побрзо да се исправи. Во оваа насока не треба да има никакви колебања, особено не од типот дека моменталните користи се позначајни од идните штети, бидејќи штетите се непоправливи. Штетите од трајното емигрирање  само се мултиплицираат, а бенефитите после определен период ќе почнат да се намалуваат, бидејќи иселениците ќе нема на кого во земјата да му праќаат дел од нивната заработка во странство. Да се надеваме дека 2013 година (за која сеуште не се комплетирани податоците) нема да биде годината во која за  прв пат ќе се забележи паѓање на нето тековните трансфери. Во претходната 2012 година нето износот од тековни трансакции изнесуваше 1,63 милијарди евра, додека за трите тримесечја од 2013 година изнесува само 1,14 милијарди евра. Само за да се постигне износот од 2012 година, во последното тримесечие од минатата година дознаките треба да се зголемат за 490 милиони евра, а тоа е износ кој не е остварен во  изминатите тримесечја. Тоа значи дека може да се случи стагнација, ако не и намалување на износот на нето трансферите. Во секој случај, на нив веќе не треба да се смета како на сегмент на стабилност кој може и натаму да ја „поддржува“ стратегијата за  развој заснована врз домашна и увозна потрошувачка, како што се случуваше во изминатите две децении. Во изминатиот период дефицитот во трговската размена во голем степен се покриваше со нето тековните трансфери. Во 2005 година степенот на покриеност изнесуваше дури 99,4%, а во 2006 година 98%. Во тие години е најмал и дефицитот во тековната сметка на платниот биланс на земјата. Во овој контекст очигледен е придонесот на тековните трансфери во остварувањето на стабилизационата политика во земјата. Меѓутоа, проблем е што ваквиот модел  не може да се применува долго. Решавањето на нашите развојни проблеми (високата невработеност) не може да се очекува да го преземат другите земји. Веројатно и натаму  дел од невработените, па и од вработените со ниски заработувачки, и натаму среќата ќе ја бараат во странство. Но, за да не бидат во голем број  и во ситуација по секоја цена (со земање и на други државјанства) да заминуваат во странство, неопходно е да се преиспита и моделот на стабилизација со таргетирање на фиксен курс на денарот во однос на еврото. Тој создаваше неповолни услови за инвестирање (со одржување на високи каматни стапки), што резултира со ниски стапки на економски раст и тешкотии во вработувањето. Растот и вработувањето мора да станат приоритети на политиката. Да не ни се случи, ако задоцниме со асоцирањето во Унијата, да станеме земја со најмногу граѓани со двојно државјанство, со сите последици што произлегуваат од тоа. Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок