18 Април, 2024
0.0266

За животот, убавините, радостите и среќата

Објавено во: Колумни 13 Декември, 2013

Добивај вести на Viber

Животот е дар, поклонение кое треба да го живееме во вистинска смисла на зборот, да го вдишуваме секој миг од него кој ни носи новости, убости и радости. Да се живее значи да се постои, да се живее значи да се твори, да се живее значи да се бориш за сопственото место под сонцето и со крупни чекори да иташ по патеката наречена живот.

Животот е постојана борба на самата индивидуа, борба со себе, натпревар со другите, трка по сопствената позиција во општеството во кое битисуваме. Животот подразбира постојано итање кон постигнување на сопствените желби и аспирации, остварување на замислите и скриените идеали и исполнување на илузиите кои тлеат во секој од нас. Во животот постојат моменти кои веднаш треба да ги зграбиш и искрите кои задскриено горат да ги дувнеш со полна плуќа и да ги распламтиш во силен оган кој ќе ти го осветли патот на твоите замисли. И сето тоа да го постигнеш со корисни средства, со методи кои правилно ќе те насочат и ќе те издигнат на пиедесталот на човек во вистинска смисла на зборот.

Која е смислата на човековото битисување?

Постојат животни мигови кои потајно ќе те натераат да се свртиш кон себе спознание и ќе ти ги отворат чакрите кои од тебе ќе ја изнедрат размислата за суштината на живтот. Можеби филозофски ќе звучи, но секој од нас барем за миг си ја поставил вечната дилема - која е смислата на човековото битисување? Апропо ваквите прашања кои се вечна дилема и благодарение на кои се исткајувале теориски поставки на мудреци, луѓе признати и познати по своите толкувања, идеи и ставови за животниот дискурс.

Се изгубивме во шумата наречена вистински живот

Трчајќи низ животот, итајќи кон остварување - честопати на невозможното, барајќи совршенство во секоја активност и дејанија кои ги практицираме, се изгубивме во шумата наречена вистински живот. Совремието ни наметна стандарди и животни стилови кои мислиме дека не интегрираат, а всушност не разделуваат, мислиме дека не спојуваат и вртат едни кон други, а реално не оттуѓуваат – алиенираат, стилови кои го исполуваат нагонското и инстиктивното од нас, а го маргинализираат вистинското - човечното.

Дали вредат сите жртви кои ги правиме во името на некоја повисока цел

Животна ситуација или животен настан, кој може да биде мошне краток има моќ да ни го измести животот од колосек и да не натера да се свртиме кон себе си и кон оние кои ни значат, нашите ближни и драги луѓе. И во такви мигови си ги поставуваме прашањата - дали вредат сите жртви кои ги правиме во името на некоја повисока цел, дали вредат сите пари и материјални блага ако ги запоставуваме оние кои не љубат, ни значат и не подржуваат, дали вреди постојаното итање по успех и индивидуална добробит ако во таа трка се загубиме себе си и останеме сами искачувајќи се на победничкиот трон?

Хуманизмот и алтруизмот се вистински животни вредности

Многу животни мудрости ни ја откриваат тајната на убавината на живеењето. Сите тие во центарот ја ставаат златната мера и средина и не учат дека скромноста е доблест, хуманизмот и алтруизмот се вистински животни вредности, добрината и доблесноста не губат од значење никогаш и задоволството од обичните и мали нешта ја носи вистинската животна среќа. Читајќи древни списи од мудреци и учејќи од вашите авторитети и модели за идентификација ќе имате привилегија да ја сфатите едноставноста и суштината на живеењето: прави добро и не кај се бидејќи доброто не застарува, почитувај за да бидеш почитуван, сакај за да бидеш сакан, побарај и ќе добиеш, искрено замисли и чесно реализирај.

Среќата не доаѓа толку едноставно и еквивалентно со богатството

Големите куќи, богатството, скапите автомобили, брендираната гардероба, гламурот и сјајот нема да направат од нас подобри и посреќни луѓе. Можеби за миг ќе почуствуваме возбуда и позитивен трепет, но дефинитивно среќата не доаѓа толку едноставно и еквивалентно со богатството, таа со пари не се купува, среќата се создава и извира од секојдневните ситни нешта. Среќата доаѓа од благодарноста изречена од некој добронамерник за помошта што си му ја дал, од успехот кој си го постигнал преку макотрпната работа, среќата доаѓа со насмевката на лицата кои ти значат, од слозите радосници од милите луѓе, од прегратката на љубениот. Да се радуваме на секој миг од животот и да научиме дека среќата се кова и создава, среќата се сонува и остварува, среќата едноставно вдахновува, разубавува и опотува.

П.С Имав среќа да споделам безброј убости радости, животни мигови со мојата добродетелка, мојата морална икона, мојата мајчица. Денес на твојот 65-ти роденден си споменав за сите убавини и среќни мигови кои ми ги дари. Вечно ти благодарам - Почивај во мир.

Проф. Д-р Татјана Стојаноска Иванова

Институт за социологија

Филозовски факултет Скопје (УКИМ)

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок