Заев за минималната плата: Ја соопштивме само намерата, процесот треба да започне
Објавено во: Економија 04 Јануари, 2019
Премиерот Зоран Заев денеска потврди дека македонската Влада има намера да покрене уште една иницијатива за покачување на минималната плата во земјата, која во моментов изнесува 12.000 денари.
- Тоа ќе биде транспарентен процес. Ќе преговараме со синдикатите и исто така со работодавачите. И медиумите ќе бидат вклучени за да известуваат за процесот, бидејќи ние сме солидарна држава. Ние веќе еднаш така направивме кога ја зголемивме минималната плата првиот пат - одговори Заев на новинарско прашање на денешната заедничката владина прес-конференција.
Премиерот најави дека процедурата со преговори на засегнатите страни очекува наскоро да започне.
- Има простор за уште едно зголемување кое ќе ја активира дополнително спиралата на покачување на сите преостанати плати во Македонија. Како што е редот, на самиот почеток на годината ја соопштивме само намерата, а набрзо верувам дека ќе започне процесот - додаде тој.