26 Ноември, 2024
0.0302

ЗАГРИЖУВА ЗГОЛЕМЕНИОТ БРОЈ НА ДЕЦА СО ОНКОЛОШКИ БОЛЕСТИ И ПРЕДВРЕМЕНО РОДЕНИ БЕБИЊА: Интервју со проф. д-р Аспазија Софијанова

Објавено во: Интервјуа 12 Мај, 2021

Добивај вести на Viber

Асимптоматското прележување на Ковид-19 во детската возраст беше привилегија во претходниот период, но не и во третиот бран на вирусот, вели во денешното интервју за Фактор, проф. д-р Аспазија Софијанова, директорка на Клиниката за детски болести. Загрижува фактот според неа, што во последниов период е зголемен бројот на децата со онколошки заболувања, но и бројот на предвремено родени бебиња.  -За жал, за 5 проценти е зголемен бројот на деца со малигни болести на крвта и малигни болести на солидните органи, а истовремено во последниов месец имаме зголемување на бројот на предвремено родените бебиња. Што се однесува до причините, за жал станува збор за мајки со пост-ковид реакции, односно мајки кои биле заболени од корона вирусот. Затоа и се поставува прашањето дали трудниците да се вакцинираат или не, но секако и ова прашање засега ќе остане настрана, бидејќи ќе следиме студии за да донесеме првилни одлуки, посочува проф Софијанова во денешното интервју.

Третиот бран на вирусот, кој како што прогнозираа и светските и домашните експерти, беше најсилен, со најмногу новозаразени, што придонесе за голем притисок врз болничките капацитети. Како ваквата состојба се одрази врз Клиниката за детски болести?

Проф. д-р Софијанова: Да, третиот бран на корона вирусот откако ја зафати и нашата земја, силно го почувствуваме сите и создаде доволно немир бидејќи голем процент, како и статистичките податоци говореа дека овој пат не беа поштедени ниту децата. Затоа моравме да направиме една комплетна реорганизација, која наметна разделување на делот каде што претходно одеа најмладите пациенти, а тоа беше Институтот за белодробни заболувања-Козле. Таа институција беше комплетно пренаменета во ковид-центар за возрасни, а нашата Клиника направи друга реорганизација при што комплетно се ослободија два ката и по препорака на Државниот санитарен и здравствен инспекторат се ограничија местата на движење на оние кои беа суспектни на ковид. Направивме фебрилна амбуланта за суспектните на вирусот и секако афебрилна амбуланта за останатите не-ковид пациенти бидејќи Клиниката сиот овој период функционира сосема нормално во делот на останатите дејности што ги обавува. Тоа го направивме беспрекорно добро и тие два ката и сега ги чуваме како резерва, особено третиот кат, кој е пулмолошки, каде што се лекуваат позитивни на ковид деца и родители-мајки. Децата не можат да останат сами, а кога имаме заразени деца, мајките сигурно се позитивни и обратно, така да моравме да размислуваме и на тој момент. Притоа направивме одличен контакт со колегите од хематологија кои ни помогнаа, сè уште имаме интернисти кои вршат визита на мајките кои лежат заедно со нивните деца. Ние, пак, ги третиравме децата. На четвртиот кат, односно, на Имунологија и Гастроентерохепатологија, лекувавме и пост-ковид пациенти, доколку немаше место на останатите катови. 

Морам да кажам, дека имавме исклучително голем број пост-ковид пациенти, односно деца кои имаа реакции на организмот после прележување на корона вирусот. Ова е нешто што е и сега многу актуелно кај децата, сè уште имаме повици за прием на деца кои имаат доста исклучително интересни реакции кои се последица на корона вирусот и последица на последиците од асимптоматскиот начин на поминување на Ковид-19. Во секој случај, да потенцирам уште еднаш, ние одвоивме само два ката, и никогаш не престанавме да функционираме во останатите дејности. Останатите оддели останаа континуирано да функционираат. На пример онколошкото одделение не престана да работи  со својата основна дејност и тоа практично не може да престане да работи, бидејќи е единствено од овој тип во Македонија. Продолжија непречено да функционираат и кардиолошкот одделение, нефрологија...Одделот за интензивна нега исто така сиот овој период не престана да работи, во полна пареа функционира, но овој оддел е целосно одвоен, со посебен влез и со посебен начин на комуникација. И одделот за цистична фиброза е во редовен процес на работа каде токму и во периодот на ковид почнавме да даваме генетски модифицирана терапија, го дадовме лекот Калидеко, еден од најскапите препарати кој е е во тераписката функција и олеснувањето на процесот на дишење кај тие деца. Значи цело време се трудиме да не заостанеме или да запоставиме некои од евентуалните можности децата да бидат третирани во нивните основни болести.

Колку деца во моментов има на Клиниката кои се лекуваат од ковид, но, и со какви предизвици се соочувате кога станува збор за пост-ковид компликации кај најмладите пациенти?  

Проф. д-р Софијанова: Во третиот бран имавме и дечиња кои ги имаа симптомите на вирусот. Асимптоматскиот начин на прележување на болеста кај децата беше привилегија во претходниот период, пред овој трет бран. Во првата година дена од епидемијата во Македонија, можам да речам дека повеќе или помалку  асимптоматски беше комплетно целиот процес кај децата, иако од време на време слушавме дека во светот има дел од дечињата кои добиваа промени по кожата, што потврди дека е „кавасаки лајк“ синдром и сфативме дека кај децата непознатиот вирус кој претхиодно бил именуван како кавасаки промени или васкулити, точкасти крварења како петехии на кожата се практично во склоп на корона вирусот. Ова први го рапортираа Белгијците и Холанѓаните. Понатаму, имаше многу извештаи околу одделни проблеми со бубрезите кои беа карактеристика кај дечињата, проблеми со мокрењето, отоци и друго, нешто што го забележавме во вторито бран, некаде од септември до декември. Тоа беше период исклучително значаен, бидејќи децата беа негативни на ПЦР тестовите, но некој од нивното семејство беше позитивен, па нивните резултати во крвта покажуваа дека имаат титер на антитела што укажува дека биле во контакт со вирусот, односно го поминале асимптоматски. Во моментов го наслутуваме и го живееме моментот на стивнување на бранот и тоа е добрата страна и верувам дека и така ќе продолжи трендот кој верувам дека се должи на почетокот на имунизацијата која е клучна и во однос на намалување на бројките, но и клучна во намалување на стравот. 

Потребно е да се намалат сите останати социо-психолошки моменти кои од своја страна дополнително влијаеа во фамилиите и сите некако се плашеа да не им се каже дека имаа некаков тип корона вирусот. Од друга страна мислам дека ова што сега во моментов се случува е тренд на намалување на инфекциите и тој тренд укажива и на намалување на хоспитализираните пациенти. Во моментов имаме 17 дечиња и 17 мајки. Сите се во стабилна состојба, а хоспитализацијата укажува дека имаат потреба од болничко лекување, бидејќи некои од нив знаат да покажат одбивање на храна, она што е нормално. Но, ние ги рехидрираме пред се, а со тоа оневозможуваме да се создаваат отоци, други стомачни проблеми и проблеми во другите органи. Имавме дечиња кои изреагираа со кардиоваскуларниот систем, а да споменам дека имавме и дечиња кои изреагираа со мозочето, односно со централниот нервен систем. Ние како лекари секако на ова најмногу посветуваме внимание, бидејќи мозокот е клучен и централен во функционирањето на еден организам ина  квалитетот на живот.

Прашањето за вакцинацијата на децата против Ковид-19 е секако неизбежено, особено што во последниов период дел од земјите во светот најавија имунизација и на младата популација од 12 до 17 години, а се прават и клинички испитувања кај најмладите од 0 до 6 години, каков е вашиот став во однос на ова?

Проф. д-р Софијанова: Ние како педијатри, во однос на имунизацијата на децата сме први повикани, бидејќи тие од нула ден се вакцинираат, а ние секако најдобро ги познаваме функциите на вакцините и знаеме точно што значела имунизацијата во ерата. Истовремено, треба цврсто да се застане на ставот дека е тоа нешто кое се внесува како еден вид имунитет кој треба да се справи со евентуално кога ќе влезе патолошки организам, дали е тоа вирус или бактерија, што и да е, и да го спречи неговото делување и правење сериозни компликации, еве, како што видовме, во последнава година и пол. Практично не можевме во ниту еден момент да ги оставиме работите на случајност, оваа болест излезе од контрола. Иако короната ја познававме, нејзините варијации не ги знаевме, а тие беа и се уште се смртоносни и се проширија низ целиот свет. Имунизацијата против корона вирусот започночна секаде во светот со повозрасната популација, сосема исто како и имунизацијата против инфлуенца, бидејќи за децата некако потешко се прави каков било тип на т.н. испитување, и тоа е во категоријата на експерименти, а децата не може да бидат експеримент. Затоа, сите испитувања што беа правени со вакцините, беа правени на возрасните. Вакцината беше итно потреба за возрасните и заради тоа што всушност тие многу повеќе беа на удар и страдаа од овие проблеми. Соодветно на ова, вакцините сега се направени да одговараат на возрасната популација од 18 години нагоре. И тука постојат одредени размислувања, која вакцина е најдобра за која категорија граѓани. Еден од најсовремените типови на вакцини, секако е на компанијата Фајзер која дава најдобар имунолошки одговор, а станува збор за генетски модифицирана варијација на вирусот. Секогаш кога е нешто генетски модифицирано, а го внесувате во организмот е непознаница и секогаш ќе треба време да видиме кои резултати ќе ги покаже во иднина. 

Коректно е да се каже дека мора да се размислува на сите патолошки и нормални механизми што ги носи овој тип на вакцина. За разлика од Фајзер, вакцината на АстраЗенека и останатите се нешто што го знаеме, а тоа е на правењето на вакцините за инфлуенца вирусот,  типот А, типот Б и типот Х1Н1 и верувајте јас сум вакцинирана од овие типови инфлуенца и досега не сме имале никакви проблеми. Очигледно, титерот на антитела се мери на годишно ниво и како што се ревакцинираме секоја година против инфлуенца, исто така и овде се планира, кога евентуално ќе дојде типот на вакцина кој е компатибилен со возрасната група, тогаш ќе има и ревакцини кои ќе бидат на годишно ниво. Но, за тоа, пак велам, епидемиологијата и статистиката ќе си го дадат дефинитивниот одговор. Ние, клиничарите, кои работиме со вакцините сме компетентни да коментираме околу контраиникациите и индикациите за вакцинација. Во однос на вакцинацијата на децата против корона вирусот, е нешто што сега во од го допроучуваме, па затоа децата се уште не се влезени во таа фаза на испитување. И морам да кажам во оваа прилика, Во Македонија досега нема починато дете од ковид, а тоа е една од добрите статистики, иако тоа не е случај во светот. Хрватска рапортираше, Србија рапортираше, Црна Гора седум дечиња рапортираше на визраст од 0 до 14 години. Во Македонија, ете барем кај нас, ваквите проблеми ги надминавме поуспешно и полесно. Затоа децата и понатаму остануваат во групата на мониторирање, да видиме како вирусот понатаму ќе се однесува, колкава ќе биде неговата вирулентност, мутациите кои се јавуваат, сето ова ќе придонесе за нашите размислувања дали вакцината против Ковид-19 ќе биде ставена во редовниот календар за имунизација. Јас лично мислам дека ќе дојдеме до тој момент, но секако ќе станува збор за најпречистениот тип на вакцина кој најмалку ќе треба да предизвика каква било негативна реакција.

Значи ваше лично мислење е сега малку да се почека со имунизацијата против корона вирусот кај децата?

Проф. д-р Софијанова: Апсолутно да. За вакви прашања се разговара, се дискутира на многу повисоко ниво. Ние секако ќе имаме информации од прва рака од страна на Интернационалната  педијатриска асоцијација, бидејќи и јас сум таму активно вклучена. Тоа се прави на ниво на научните комитети кои се во склоп на оваа асоцијација кои го даваат дефинитивното мнение, заедно со Светската здравствена организација и УНИЦЕФ.

-Во однос на вакцинацијата против Ковид-19 јас лично би сакала да упатамеден апел. Постојат работи во животот на кои сме едноставно приморани. Ако луѓето не сакаат да се вакцинираат, ги сносуваат последиците од тоа. Но, сега не постои можност за двоумење, зошто здравјето нема цена. Јасно е дека корона вирусот носи човечки животи. Во последно време вирулентноста е таква да наутро го гледате пациентот добар, а навечер веќе не е меѓу нас. Затоа, апелот за вакцинацијата не доаѓа заради мене или опкружувањето, туку заради тоа што го гледам, затоа што сум убедена и знам што значи вакцинација. Стигмите, догмите и сите останати работи кои се однесуваат на вакцините, дека се штетни, треба во овој момент да ги ставиме на страна ако е можно и тие луѓе кои се двоумат дали да се вакцинираат, да одат и да го сторат тоа бидејќи сигурно ќе си го спасат и зачуваат здравјето и ќе си го олеснат животот. Неизвесноста со овој вирус може да ги чини живот.

Во оваа прилика би сакала да истакнам дека и јас веќе се вакцинирав иако болеста ја поминав асимптоматски. Двете дози на вакцината Фајзер ги истолерирав одлично, а исто така сакам да напоменам дека сум горда што целиот мој здравствен персонал беше меѓу првите кој се вакцинираше, бидејќи сметам дека работењето со деца со ковид, беше ризик.

Да проговориме малку и за почетокот на учебната година. Веќе година и пол децата немаат настава заради пандемијата. Како човек кој целиот ваш живот го посветивте на детските болести што мислите за почеток на наставата од септември. Ќе започне ли со физичко присуство?

Проф. д-р Софијанова: Мислам дека тоа би можело да се организира на некој начин, но пак ќе кажам, ќе видиме како ќе биде. Ќе зависи пред сè од епидемиолошкиот момент кој ќе се појави тогаш и претпазливоста која мораме да ја имаме. Едно е физичкото присуство, друго е онлајн. Веројатно, животот на сите веќе ни преминува, помалку или повеќе во една т.н. програмерска иднина која бара познавање на комјутерските вештини. Но, не може сè да биде така. Има работи кои не може компјутерот да ги даде, тој е предмет кој емоционално не може да допре до нас. Затоа сметам дека би можело да има настава со физичко присуство, но пак ќе кажам, со сета внимателност, претпазливост и следејќи ја епидемиолошката варијабла. 

Ако дозволат условите, комбинацијата веројатно ќе биде нешто што што ќе ги учи идните генерации да бидат подготвени на комјутерските вештини. И ние веќе се навикнавме на ваков модел. Сите конференции ни се онлајн, предаваме на студентите, предаваме на специјализантите, но она што никогаш нема да го научат онлајн, колкави и да им се комјутерските вештини, е како да се справат со болеста на некој пациент гледајќи го лице в лице. Тоа јасно укажува дека физичкото е неминовно, посебно во нашата професија, бидејќи не може да допрете до детето само преку компјутер. Она што е од огромно значење е емоционалниот пристап кој го дава физичкиот контакт, учителка со ученик, дете со дете, разговори со останатите. И на крајот, ние сме социјални и психолошки битија на кои што ни треба близина, разговори...нешта кои ќе го направат детето поквалитетен човек. Сегашниот начин на одвивање на животот носи други состојби кои може подоцна да преминат во сериозни болести.

Забележителни се многу активности на Клиниката за детски болести, активности кои неминовно доведуваат до многу поквалитетна грижа за здравјето на децата. Кои се следни проекти?

Проф. д-р Софијанова: Во изминатиот период Одделот за неонатологија беше комплетно реновиран од страна на компанијата Макстил и така започна партнерството, а со последната донација, исто така целосно реновирање но, овој пат на Одделот за онкологија, нашата соработка ја дефиниравме заедно со министерот за здравство, Венко Филипче, генералниот директор на Макстил и јас, како директор на Клиниката за детски болести. Ова е одлична можност, општествено одговорните и добро организираните компании кои се економски моќни да може да одвојуваат дел од нивните средства за да направат донаторски кампањи. Го планираме Регионалниот центар кој го за детското онколошко одделение и посттрансплантациониот дел се од исклучителна важност. Ние тука го лоциравме проблемот, тоа беше слабата точка. Кога се вратив повторно на оваа функција сфатив дека слабите точки мора да се надминат. Животот нè менува, ни прави нови тригери и тогаш добиваме нови предизвици. Јас сега велам, ова е новиот предизвик-Регионален центар за децата болни од рак. За жал нивниот процент е се поголем, дали е тоа резултат на пост ковид состојби, дали децата се генетски предиспонирани...Навистина не би сакала карциномите кај децата да бидат толку чести, но наше е да го овозможиме најдоброто. Тоа што го подготвуваме во трите фази е нешто кое може да се види во високо развиените центри, сè со цел за да нема молби да ги трансферираме децата на друго место.


Споменавте дека е се поголем бројот на дечиња кои заболуваат од рак, колкав е процентот на дечиња кои имаат некое онколошко заболување?

Проф. д-р Софијанова: За жал, за 5 проценти е зголемен бројот на деца со малигни болести на крвта и малигни болести на солидните органи, под две години и над 12 години се доста комплексни. Нешто помеѓу е добро кога лековите се тука. Сепак, дел од нив може токсично да делуваат на детскиот организам и на крај да биде потребна и трансплантација на коскена срцевина.

Актуелен е проблемот со предвремено родени дечиња, нивниот број во последно време исто така е зголемен, на што се должи еден ваков сериозен проблем во нашава земја.

Проф. Софијанова: И порано се соочивме со ова, со зачестен број на предвремено родени бебиња, но во еден период како да спласна тоа. Но, пак ќе речам за жал, во последнив месец дена повторно се случува. Постојано сум во контакт со директорката на Клиниката за гинекологија, д-р. Викторија Јовановска, зошто навистина зачестија предвремено родените дечиња. Дел од нив ги префрлаат на нашата Клиника. Соработката ни е одлична, имаме заедничка цел, а тоа е да ги спасиме нивните животи.

Капацитетот на ГАК е исполнет, нашиот капацитет е исто така ограничен, бидејќи ја згрижува целата држава, но сепак ги прифаќаме. Што се однесува до причините, за жал станува збор за мајки со пост-ковид реакции, кои биле заболени од корона вирусот. Затоа и се поставува прашањето дали трудниците да се вакцинираат или не, но секако и ова прашање засега ќе остане настрана, бидејќи ќе следиме студии за да донесеме првилни одлуки.

Колкав е успехот за прежививање на предвремено родените бебиња?

Проф. д-р Софијанова: Тоа е нешто што е веќе наша рутина,  од 24 гестациска недела и нагоре, успехот е 100 процентен. Светот ја има 23-та гестациска недела, а ние веќе успешно се носиме и со 23 плус 4-5, однос 24-та недела. Во моментот имаме две бебиња од ГАК кои се таа гестациска старост и навистина предизвикуваат неверојатна драгост кога гледате како растат. Јас мислам, и повторно да се родам, пак ќе го работам ова. Нема нешто поблагословено да имате на својата дланка бебе од најмногу 400 грама и да го направите човек.

Анита Буховски

Фото: Вангел Тануровски

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.