Захарова: Mислењето на повеќе од половина од граѓаните, но и на Иванов не се зема предвид
Објавено во: Свет 04 Октомври, 2018
За Русија мешањето на западот во внатрешните работи на нашата земја е недозволиво.
Москва денеска остро ги критикуваше водечките западни земји за отворено агитирање на референдумот во Македонија и за мешање во внатрешните работи на земјава, оценувајќи дека тоа е „недопустлива практика“.
Според неа, мислењето на повеќе од половина од граѓаните, но и на претседателот на државата, Ѓорѓе Иванов не се зема предвид.
Смета дека обидите на Западот немале успех, но дека „без нималку срам беа поздравени резултатите од референдумот и окарактеризирани како широка поддршка на Преспанскиот договор“.
„Без оглед на тоа што водечките политичари на ЕУ и НАТО отворено агитираа граѓаните да гласаат „за“, тоа по наше мислење е недопустлива практика“- вели портпаролката на руското МНР, Марија Захарова.
Захарова наведе дека генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, „не оставил сомнеж“ дека парламентите на Македонија и на Грција ќе донесат соодветни одлуки, додавајќи дека шефот на Алијансата не смее да зборува за одлуките на парламентите кои треба да бидат донесени.