Добивај вести на Viber
Српското Министерство за труд ги објави предлог-измените на пензискиот закон, според кои жените како и мажите во Србија ќе заминуваат во пензија на 65 години.
Ова ќе значи драстично зголемување на старосната граница за пензионирање на жените во Србија - од сегашните 60 на 65 години. Сепак, зголемувањето ќе се врши етапно, цели 18 години.
Така од 1 јануари секоја година рокот за заминување во пензија ќе се зголемува за шест месеци, а во 2020 година жените во Србија ќе заминуваат во пензија на 63 години. Потоа старосната граница ќе се зголемува за два месеци годишно, се до достигнувањето на планираните 65 години во 2032 година.
За предвремено пензионирање се воведуваат казнени поени, а за раѓање на дете се признава дополнителен стаж - жена со едно дете добива шест месеци дополнителен стаж, со две деца една година, а со три деца - две години.
„Предлогот е даден и слободно можам да кажам - тоа е математички закон во кој нема за што многу да зсе разговара. Србија има најнизок праг за пензионирање во однос на земјите во ЕУ, тоа не е одржливо и ќе мора да дојде до изедначување на заминувањето во пензија за мажите и жените, многу постапно“, изјави српскиот министер за труд, боречки и социјални права Александар Вулин.
Сепак, со ова не се согласуваат синдикатите. Иако и тие признаваат дека некои промени се нужни, сепак кога станува збор за зголемување на пензискиот стаж кај жените сметаат дека тоа треба да биде факултативно само во одредени дејности.
„На пример во образование, во правосудство, на универзитетите, жените можат да работат до 60 години и повеќе, но тоа е катастрофално решение за текстилните работнички, на пример“, вели Зоран Стоиљковиќ од синдикалното здружение „Независност“.
За мажите правилата за старосна пензија остануваат исти. За двата пола се воведува можност за предвремено пензионирање, но за секој месец пресметката на пензиите трајно се намалува за 0,34%. Иако се најавуваше, за оние што ќе работат подолго ќе нема бонус плус во пресметката на пензиите.