ЖАЛАМ САМО ШТО ТОА ГО СЛУШААТ МОЈАТА ЌЕРКА И МАЈКА, ГЛЕДАВМЕ СНИМКИ ПО ДЕСЕТ ЧАСА - Кацарска за нападите од опозицијата за судењето за 27 април
Објавено во: Македонија 15 Јуни, 2021
Околу критиките на опозицијата дека е избрана за претседателка на Уставен суд поради судењето за 27 април, новата претседателка на Уставниот суд, Кацарска, која судеше во предметот за насилствата во Собранието, вели дека ниту една нереална критика, која не е заснована на факти, не допира до неа.
„Зарем после 34 години судиски стаж, некој може да оспорува мој избор во Уставниот суд. Секогаш сум имала добри резултати. Мои учители, како приправник, беа судијата Маргарита Цаца Николовска, и слични судии, имаше од кого да учам“, вели Кацарска.
Таа објасни дека критиката од опозицијата е секојдневна.
„Жалам само што тоа допира до мојата ќерка и до мајка ми. До мене не. Се додека чесно ја вршам мојата работа, може секој што сака да зборува. Во поглед на предметот 27 април, се изнесуваат такви невистини, и се доведува во заблуда јавноста, што навистина жалам што тоа се прави“, рече Кацарска.
Таа објаснува дека не може да стане збор за уставобранители да се третираат луѓе кои што влегле во Собранието.
„Во законодавниот дом, домот на демократијата, да се постави експлозивна направа, да се тепаат пратеници, новинари, полиција, а од друга страна да гледаме претставници на полицијата во комплетна борбена опрема, како лежат на фотељите и како се поздравуваат и гушкаат со маскираните лица, или да слушаме маскирано лице качено на клупа како вели - пукај, имаш чиста мета, мислам дека на јавноста и е доволно јасно“, објасни сегашната претседателка на Уставен суд, која го судеше предмнетот 27 април.
Единствено што жалам, вели, е што не се направи некој план, тоа судење комплетно да оди во живо.
„Јавноста гледаше снимки во траење од можеби две-три минути и една снимка постојано се вртеше. Ние гледавме два месеци по десет часа во судницата, снимки од кои што се згрозувавме. Политиката, повторно ќе речам, врз мене не може да влијае. Нема земја во светот и нема политичар кој не сака да има влијание врз судството. Но, гарантирам, и ви ветувам, дека ни еден политичар мене не може да ми каже како да работам. Ветувам дека тоа ќе биде и во наредниот период додека сум во Уставен суд. Интересите на граѓаните, законитоста и уставноста се на прво место“, рече Кацарска.
Н.Н.Ф.