19 Април, 2024
0.0371

Запад ќе бара Путин да ја врати Русија во негово друштво

Објавено во: Колумни 23 Август, 2019

Добивај вести на Viber

Викендов во монденскиот Бијариц на брегот на Атлантикот ќе се одржи јубилејниот 45-ти Самит на Г7. Атлантикот, пишувал  Антон Павлович Чехов, кој доаѓал во Бијариц на одмор, „е најинтересно нешто таму и тој шуми дури и кога времето е најтивко“. Можеби него ќе го надмине шумот кој се крена деновиве што изминаа, а сигурно ќе ескалира викендов пред нас, со повик за потребата Русија да се врати во Г7 и одново да има Г8.

За можното враќање на Русија во Г8, во понеделникот на средбата со рускиот претседател Владимир Путин, проговори нејзиниот домаќин францускиот претседател  Емануел Макрон. Тој изјави дека Русија е „европска држава со длабоки корења“ и Франција сака да ја види во форматот Г8. Истиот ден и ден подоцна таков став искажа и американскиот претседател Доналд Трамп. Ова не е прв пат САД да се изјаснуваат за враќање на Русија во друштвото на „големите седуммина“. Лани на нивниот самиот во Канада тоа го кажа Трамп, а исто така и државниот секретар Мајкл Помпео, пренесувајќи го приодот на САД кон ова прашање. Трамп деновиве изјави дека би поддржал предлог за враќање на Русија кон „седморката“. Прашање е од чија уста ќе излезе предлогот. 

Русија беше „исклучена“ од Г8 во 2014 година. На самитот што требаше да се одржи во Сочи, поради настаните во Украина, не дојде ниту еден член од „осморката“, што беше знак на уривање на мостовите за соработка со Русија. Потоа дојдоа и санкциите кон неа, воведени поради присоединувањето на Крим кон Русија и воените дејства во Донбас. И така се’ до деновиве, кога одново се случи пребројување на ставовите кон прашањето за враќање на Русија кон Г7. Излезе дека Франција и САД се за враќање на Русија, Италија веќе подолго време е за обновување на дијалогот со Русија, Јапонија не е отворено против, Канада и Велика Британија се категорично против, а донекаде кон нив се приклучува и Германија, сите, се’ додека не се отстранат причините за „исклучувањето“ на Русија од „осморката. Интересен распоред на силите. Дали може да дојде до раскол во Г7, околу ова прашање. И дали тоа ќе најде место во завршното коминике од самитот.

Официјална Русија од своја страна проговори низ устата на Путин, но и други личности кои директно или индиректно се одговорни за надворешната политика. Рускиот претседател во својата изјава рече дека Г8 веќе не постои. „Како можам да се вратам во организација која не постои?“, рече тој. Путин нагласи дека Русија е подготвена да ги прими членовите на „големата седморка“ и не ги исклучува контактите со партнерите. Дали ова не значи дека Русија не се враќа во нова Г8, туку повеќе би сакала да соработува по формула Г7+1. Во оваа насока оди и изјавата на првиот човек на Меѓународниот комитет на Советот на Федерацијата, Константин Косачов, кој истапи со иницијатива за проширување на Г7 до Г10. Тој смета дека кон „големата седморка“ треба да се додадат Русија, Индија и Кина. Ова од причина што: „проширувањето до „десетка“ би било силна појава во меѓународната политика, која би ги менувала векторите, приодите и форматите“. Тука некаде е и изјавата на портпаролот на Кремљ, Димитриј Песков. Според него, Русија не се откажува од соработка во кој било формат, но „истовремено враќањето на Русија во „седморката“, во бившата „осморка“, не е цел сама по себе, зашто во секој случај Русија смета дека сега, разгледувањето на глобални светски проблеми, било во геополитиката, било во безбедноста или во економијата без учество, на пример на Кина и Индија и цела група други држави не е сосема ефикасно разгледување“. Тој смета дека во врска со ова многу подобитни се чинат другите формати, на пример Г20. И конечно неизбежната,Марија Захарова, портпарол на руското МНР е на став дека „предлозите од последниве  денови за враќање на Русија во формат Г8 се несериозни. „Треба да се зборува, не за намерите, туку за формата, која е несериозна и така не се врши работа“, рече таа, додавајќи дека „во овој случај важно е да се разбере што сакаат членовите на Г7, за што можат тие да се договорат, по што соодветни предлози би биле упатени до Русија“. А, ако ги има, тогаш тие би биле разгледани.

Причините за „исклучувањето“ на Русија од Г8 се јасни. Нарушување на меѓународното право со присоединувањето на Крим кон Русија и воените дејства во Донбас. Во текот на три години од 2014 до 2016, членките на Г7 ја имаа на дневен ред Украина и ја повикуваа Русија да ги исполни Минските договори, патем засилувајќи ги и продолжувајќи ги санкциите. Но во 2017 година Италија за прв пат на средба на министрите за надворешни работи од Г7 истапи против засилување на санкциите кон Русија по „примената“ на хемиско оружје од страна на руските војски во Сирија. Последниве две години Г7 се наоѓа во криза која се продлабочува. Меѓу членките се појавија многу противречности, трговски војни, климатскиот договор, едностраното излегување на САД од редица меѓународни договори.  Конечно и односот кон Русија и нејзиното враќање во „елитата“. Се’ уште е во сеќавање фотографијата од ланскиот самит во Канада каде што претставниците на повеќе земји стојат наспроти Доналд Трамп, кој е седнат со скрстени раце, и го убедуваат за некои решенија на кои тој се противи. Нема да изненади и годинава да се повтори истата слика.

Русија стана членка на „големите седуммина“ во 1998 година. Во годината кога прогласи банкрот. За волја на вистината треба да се каже дека таа стана дел од Г8 благодарение на тогашниот американски претседател Бил Клинтон, а по долгогодишно настојување на претседателот Борис Елцин. Овој сметаше дека со таквото членство Русија ќе напредува во демократијата и ќе се покаже дека е дел од демократскиот свет.  Но се остана на тоа, „елитата“, а пред се’ САД, беа самозадоволни од победата во „студената војна“ и не направија чекор повеќе да ја интегрираат Русија подлабоко, па дури и во НАТО. Затоа што веќе ги беа отвориле вратите за други држави од постсоветското пространство. Љубовта заврши во 2014 година, по присоединувањто на Крим. И кога партнерите на Русија од Г8 не дојдоа на закажаниот самит во Сочи. Тие се собраа во Брисел.

Нееднозначниот став на Русија кон евентуалната покана и враќањето кон нова Г8 и споменувањето на Кина и Индија  зборува за нејзина подготвеност да игра во голема игра, но не по западни правила. Украина во случајов е на трето или четврто место. На Русија и е јасно дека милозвучното обраќање на Макрон кон Путин и ласкањето дека Русија е „европска држава со длабоки корења“ и дека Франција верува во Европа од Лисабон до Владивосток не е ништо помалку, отколку негова желба да биде нов Шарл Де Гол, за кого Европа беше од Урал до Атлантикот. Особено во момент кога Меркел е на залезот на својата кариера и е болна, а Велика Британија е без сериозен лидер и со Брегзит на врата. Па така тој би бил главен европјанин во Бијариц. Но и со амбиции да биде главен и во ЕУ. А таков може да се стане ако се постигне и некој политичко –дипломатски успех, во случајов враќање на мирот во Украина и вовлекување на Русија во нова Г8. Макрон ќе треба да размисли и за соработката со Трамп, кој се повеќе атакува врз Европа.  

Не треба да се заборави и една друга многу важна работа. Развојот на односите на Русија со Кина. Кина и пречи на ЕУ, а со тоа и на Франција. ЕУ сака да постави брана на ширењето на нејзиното влијание во Европа и на други места. А Макрон би бил задоволен ако стави здрав камен во таа брана. А доколку ја вовлече Русија кон Западот, неговиот успех би бил уште поголем. Од овој агол треба да се гледа и интересот на САД Русија да биде вовлечена во Г8. Но тоа ќе оди тешко. Русија вложи 30 години во подобрувањето на односите со Кина, во враќањето на меѓусебната доверба.  Таа и Кина се речиси сојузници, а да не зборуваме дека се стратешки партнери. И најзаслужни што светот од еднополарен се менува кон повеќеполарност. А тоа значи дека иднината на светот нема да се диктира од едно место  - од Вашингтон.  Затоа Западот ќе оди против врската Москва-Пекинг. И се покажа дека Путин беше во право кога по почетокот на санкциите од Западот ја форсираше алтернативата - Истокот и Кина пред се’. 

Она што сега се случува околу Русија и Западот покажува за катастрофата на плановите за изолација на Владимир Путин и на Русија од меѓународната политика. Тој деновиве само во два дена се сретна со двајца претседатели на две држави членки на ЕУ. Франција и Финска. Да не заборавиме дека беше најбаран партнер за средби на последниот самит на Г20. А такво нешто се најавува и за наредниот самиот на оваа група во Аргентина. Искажувањата по повод последните настани и изјави околу враќањето на Русија во Г8, само потврдуваат дека таа е небаре активен член на таа група. Сценаријата на Западот пропаѓаат. А што ако Русија стане дел од Г8? Тогаш, што ќе зборуваме за пропагадните војни и дезинформациите? Зарем Западот сака таква членка во своето друштво? 

За крај, реалполитиката чука на голема врата и се враќа во меѓународните односи, сакале ние тоа или не.  А малите држави, како Украина или Македонија, на пример, ќе бидат нејзини жртви. Се разбира, ако во меѓувреме не станат самоодржливи и стабилни држави.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок