01 Декември, 2024
0.0261

Западни медиуми долеваат масло во огнот меѓу Зеленски и Залужњи

Објавено во: Колумни 13 Ноември, 2023

Добивај вести на Viber

Во петокот вечерта во јавноста одново се разгоре темата за украинска трага во експлозиите на гасоводите „Северен поток“. Повикувајќи се на сознанија од истрагата Washington Post и Spiegel, спомнуват конкретна личност. Тој ги координирал работите околу терористичкиот акт во кој онеспособени беа три од четирите ветки на гасоводот. Станува збор за полковникот Роман Червински командир на едно воено одделение од Силите за специјални операции на Украина. Човек кој во моментов е во притвор, поради друга „специјална операција“ од која како последица има еден загинат и 17 ранети украински војници и бомбардиран аеродром.

Washington Post во својот текст за учеството на Червински во експлозијата на „Северен поток“ се повикува на официјални лица од Украина и од европски земји. Но и на луѓе кои ги знаеле деталите од операцијата. Според весникот:„ Улогата на тој офицер, сама по себе, е директен доказ за учеството на вооружените сили и службите за безбедност на Украина во скандалозниот чин на саботажа“. Червински бил координатор на операцијата. Тој, како што се тврди, управувал со шест луѓе кои зеле под наем јахта-едреник на лажно име и со неа користеле опрема за  длабоко ронење за поставување на експлозивни средства на гасоводите. Червински дејствувал по наредба на повисоки украински чиновници, кои биле потчинети на главниот командант, Валериј Залужњи.

Весникот пишува дека Червински во тој момент бил директно потчинет на генерал мајорот, Виктор Ганушчак, „искусен и почитуван офицер кој директно контактирал со Залужњи“. Како и во поранешните пишувања на Washington Post и Spiegel за „протечени детали од Пентагон“ за истрагата околу гасоводот и овој пат се повторува дека претседателот Владимир Зеленски не знаел ништо за операцијата. Во одговор до весникот Червински, преку својот адвокат, демантира дека е вмешан во диверзијата. „Сите претпоставки за мојата вмешаност кон ударите врз „Северен поток“ се распространуваат од руската пропаганда без каква било основа“, се вели во неговиот писмен одговор до новинарите.  Овде треба да се каже дека официјална Москва вели дека не е одржлива верзијата за учество на Украина во експлозијата на „Северен поток“ и дека таа е дело на американците. Овие, пак, своето учество го демантираат. Па затоа не е одржлива верзијата дека Русите стојат зад тврдењето дека Украинците, односно Червински стои зад експлозиите на гасоводот.

ТЕОРИЈА НА ЗАГОВОР

Во Украина некои медиуми сметаат дека и така Червински се наоѓа во затвор, сакаат да го направат „дежурен виновник“ и во сторијата со експлозијата на „Северен поток“, ако веќе украинската трага е главна верзија за Западот. Се тврди дека таквото толкување е од полза и на украинската власт, која со Червински има крајно непријателски односи уште од 2021 година, кога тој ја обвини Канцеларијата на претседателот за скандалот со пропаѓање на  операцијата за привлекување на „вагнеровци“ во Украина. Тогаш специјалните служби на Украина имаа план група борци од „Вагнер“ да ги намамат во Украина. За да ги судат за учество во борбите во Донбас. Но, по пристигнување во Белорусија, тие беа „уапсени“ од белоруските власти, а потоа вратени во Русија. Наводно тие требаше да одат во Африка, преку Турција, а кога авионот ќе беше над Украина да го спуштат поради дојава за „бомба“ во него. А потоа да ги уапсат сите платеници од „Вагнер“. За неуспехот на таа операција Червински го обвини првиот човек на Канцеларијата на претседателот, Андреј Јермак. Но скандалот беше брзо стишан.

За некои украински политолози верзијата на Washington Post и Spiegel е теорија на заговор. Нивното образложение е дека таквите теории се многу популарни дури на Запад. „Односно, демократските земји со слободата на изразување и би се рекло со доволно сериозните традиции на новинарство, сепак, понекогаш подготвуваат материјали, кои секако се популарни кај читателите.  Поради нивната извонредност и уникатност до одреден степен. Но, тие се доста сомнителни, од гледна точка на фактите што се дадени таму“, тврдат политиколозите. Според нив оваа историја, со „експлозијата на „Северен поток“, не е од вчера. Таа се влече одамна и кој се’ не беше спомнат во неа. И Украинци, и Американци и Полјаци и Руси. Беа споменувани земји, кои би можеле да имаат учество во таа акција. И се очекува ова да не биде последен текст. Дека ќе се појави наскоро нешто слично.

Но има реакции во кои се тврди дека Западот ја завршил истрагата за експлозиите, но не сака да обнароди дека зад нив стои Русија? Михаил Гончар од Центарот за глобалистика Стратегија XXL, вели дека на Запад не брзаат да ги објават резултатите од истрагата. „Мислам дека истрагата беше направена  и многу брзо се’ беше  разјаснето. Но не се објавува, не од причини да не се нарушат односите со Украина. А  во случај кога има факти дека тоа го направила Русија, треба да се преземат решителни чекори. Тука не се потребни изјави“, изјави Гончар. Тој предупреди и за последиците кон кои може да доведе таквото премолчување на резултатите од истрагата. „Русија, дејствувајќи со своите хибридни методи, ги постигнува своите цели. Во време кога на Запад се покажуваат бессилни, не се спротивставуваат на тоа и не ги нарекуваат работите со вистинското име. Тоа понатаму поттикнува кон можност да има нови диверзии на НАТО и ЕУ комуникации, а во медиумскиот простор ќе се распламтуваат страсти, поврзани со тоа дека „нив таму ги нема“, дека тоа не го направиле Русите, дека се Украинци(како во случајот со „Северен поток)“, рече Гончар.

 ВЕРЗИИ

Кон крајот на септември, на годишнината од експлозиите на „Северен поток“ многу се пишуваше за нив. Американскиот лауреат на Пулицеровата награда, Сејмур Херш, објави материјал со нови податоци за она што се случи. Тој уште во февруари објави дека зад експлозиите стојат американските воено морски сили со поддршка на норвешки специјалисти. Но сега во септември, напиша дека „Администрацијата на Бајден го уништила гасоводот“, поради стравот да не го загуби своето влијание во Германија и Западна Европа, поради испораката на евтин руски гас. Во операцијата главно била вмешана ЦИА и нејзиниот директор Вилијам Барнс, но претседателот Бајден дал согласност. Американски чиновник му изјавил на Херш дека ги избрале како цел гасоводите, бидејќи го сметале „Северен поток“ лесно достапен за напад. Исто така во Администрацијата на САД сметале дека можат да го одрекуваат своето учество. Според податоците од чиновникот планот за експлозија бил направен уште во јануари 2022 година, а подготовката на диверзијата траела неколку месеци. Притоа, според Херш, Данска и Шведска, „замижале“ пред дејствата на американските и норвешките оперативници кои го поставувале експлозивот. Тој требал да биде активиран по барање на претседателот Џо Бајден.

Весникот New York Times, пак, повикувајќи се на американски чиновници пишуваше дека диверзијата на гасоводот би можела да е дело на „проукраинска група“, која дејствувала без знаење на властите во САД. Исто, во септември, телевизиската компанија SWR прикажа документарен филм во кој човек од кабинетот на канцеларот соопштил дека пред речиси една година од Државното обвинителство на Германија добиле сознанија дека многу траги во делото на експлозиите „водат кон Украина“. Истото го тврделе и телевизијата ZDF и списанието Der Spiegel. Истрагите одделно ги водат Германија, Данска и Шведска. Но до ден денес не е ништо официјално соопштено. Неодамна и во СБ на ОН расправаа за експлозијата на “Северен поток“, но ништо ново не се чу.

Интересно е што западните медиуми се јавија со сознанија од истрагата само неколку денови по изјавите на руските политичари поврзани со „Северен поток“. Николај Патрушев, секретар на Советот за безбедност на Русија, на 31 октомври, коментирајќи ја изјавата на Џо Бајден, дека воената помош на Украина и Израел е „мудра инвестиција, која ќе донесе полза за американската безбедност во текот на поколенија“, нагласи дека САД  стојат зад експлозиите на „Северен поток“. Потоа на 1 ноември на советувањето за економски прашања на претседателот Владинмир Путин со членови од владата  тој предупреди. „Еве што навистина не вознемирува. Во услови кога потенцијалот на санационата агресија против нас фактички е исцрпен, во игра можат да влезат диверзии, едноставно, обични диверзии или акти на саботажа на важни објекти на глобалната инфраструктура. Се сеќаваме што се случи со „Северен поток““. Според Путин, не треба да се исклучат и провокации, како онаа кога имаше обид да се обвини Русија за оштетувањето на гасоводот меѓу Финска и Естонија. Тогаш и покрај тоа што се работи за мал гасовод имаше обиди за оштетувањето да се обвини Русија, но се покажа дека причина за оштетувањето било сидрото на еден кинески брод.

Портпаролот на Кремљ, Димитриј Песков, деновиве изјави дека експлозијата на „Северен поток“ , можела да биде повод за војна. Конечно, минатата недела, министерот за надворешни работи, Сергеј Лавров, на „тркалезната маса“ со амбасадорите за решавање на ситуацијата околу Украина изјави дека до ден денес не можат да добијат јасен одговор за „Северен поток“. За тоа кој и како ја врши истрагата за тој терористички акт. „Помина една година, ни Германија, ни Шведска, ни Норвешка, кои се занимаваат со истрагата на национално ниво не можат да ни кажат ништо разбирливо и разумно. Тоа стана „бренд“ на Западот, кога се јавуваат ситуации во кои тие, како што велиме, се „прават удрени“, на кој било начин кријат секаква информација на таа тема“, рече Лавров.

НАМЕНСКИ ТЕКСТОВИ

Па така и овој пат. Најновите сознанија на медиумите од западот не внесуваат некаква јасност во она што навистина се случи со „Северен поток“. И дали последните текстови не се наменски за јавноста. Минатата недела на овие страници беше текстот за разногласијата, огнот меѓу политиката и војската во Украина. Сега се долеа масло на тој оган. Читајќи го внимателно напишаното се чини дека се бара главниот виновник за експлозиите, кои доколку се направени од Украина би можеле да внесат големи несогласувања со нејзините сојузници. На пример, во Германија се очекуваат резултати од истрагата на обвинителството,по што ќе следи и обвинување и судска постапка. Ова од причина што во проектот освен 50-те проценти вложени од „Гаспром“ уште толку се вложени од западни, посебно германски компании“. А станува збор за милијарди долари.

Може да се случи, бркајќи го зајакот – Червински,  да се стигне до Валериј Залужњи. И на тој начин да се исчисти патот на Зеленски кон уште еден претседателски мандат. Во Washington Post, во сите текстови досега на оваа тема, се нагласува дека Зеленски „не знаел“ ништо за саботажата на „Северен поток“. Дека се’ било под контрола од Залужњи. Ова може да биде од полза за претседателовата свита. Особено на фонот на се’ поупорните гласини за противречности меѓу претседателот и главниот командант. И таа тема не се симнува од страниците во медиумите. Особено дали Залужњи може и треба да биде претседател. Во етерот на 5-тиот телеканал еден генерал изјави дека сака Залужњи да се кандидра за претседател. На прашање дали тој би можел да стане главен командант, доколку Залужњи стане претседател, генералот одговори: „Не, би одел во тимот на Залужњи“. Генералот многу сака Залужњи да се кандидира за претседател. А новинарката кој што раговараше со него, рече:„ И ние исто така“ и додаде дека на Украина и треба „претседател – во униформа“ и „човек со искуство како на Шарл де Гол“, кој ќе ја стави Украина на воена основа, ќе ја победи корупцијата и ќе стави крај на војната. Со што се согласи и генералот. Ова зборува дека и медиумите стануваат се погласни. Инаку, овој телевизиски канал порано беше на претходниот украински претседател, Петар Порошенко.

После се’ она што се напиша за Зеленски и Залужњи на Западот, а и најновите, впечаток е дека претседателот војува со своите команданти. Залужњи беше замолчен после изјавата дека војната е во ќорсокак, со што претседателот категорично не се согласи. Дури и најави нови воени успеси, а нема ни доволно оружје, ниту доволно пари. Над 16 милијарди долари и требаат годишно на Украина за плати на војската, чиновниците и пензии. А да не зборуваме за оружје. И што ако Русија на военото поле до крајот на годинава не дозволи Украинците да вратат територии? Или пак Русија да освои нови територии! Украина има 1,3 милиони војска, но нема доволно оружје за неа, ниту пак сите се доволно обучени и опремени.

Судирот со Залужњи од страна го гледаат и засега молчат, генералите Кирил Буданов од военото разузнавање и генералот Василиј Маљук од контраразузнавањето(Службата за безбедност на Украина). Нема да изненади, ако и тие се приклучат кон Залужњи. Особено во отсуство на најавените нови успеси на воено поле од страна на Зеленски.

 На просторите на Украина и на Русија специјалните служби отсекогаш од сенка ги влечеле конците. Тоа е во традицијата на владеењето. Веројатно тоа му е многу добро јасно и на Зеленски. Белким нешто научил изминативе четири години од претседателствувањето.

За крај, многу е битно како ги гледа работите Западот, посебно САД. Засега оттаму молчат и јавно не коментираат. Но сигурно имаат свој фаворит. Засега, според западните медиуми тоа е Зеленски. Но тој како да игра погрешно. Вчера го прати Јермак со делегација во Вашингтон, веројатно да видат што се случува со американската помош на Украина и во пари и во оружје. Има шпекулации дека Украинците би сакале средба со Доналд Трамп!  Демек, тој да влијаел врз републиканците во Претставничкиот дом да ги одобрат средствата што ги побара Џо Бајден. При жив Бајден тие би оделе кај Трамп?  Самоубиство. Оттука, може да се зборува дека навистина станува збор за шпекулации. Но и тие зборуваат многу. За да опстане на функцијата и да направи нешто на воено поле  на Зеленски итно му се неопходни американските долари. Па макар било преку Трамп, на сметка на Бајден.

Мирче Адамчевски


* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.