10 Декември, 2024
0.0250

Западот дава оружје. Украина лее крв, а Русија сака реванш

Објавено во: Колумни 09 Јануари, 2023

Добивај вести на Viber

Деновиве околу празниците се потврдија некои работи за кои се говореше непосредно пред крајот на 2022 година. Западот подготвува нов пакет воена помош за Украина. Украинците заради својата цел ќе леат крв војувајќи со западното оружје. Русија ќе продолжи со започнатите удари врз инфраструктурата во Украина, а можеби и ќе има контраофанзива. Тоа како да е реванш за изгубените, претходно освоени територии. Некои повторно ги споменуваат Одеса и Чернигов.

Околу воената помош на Украина во тек е добро синхронизирана акција предводена од САД. Американците ветија помош од над три милијарди долари. И некои нови видови оружје. Тоа е чекор напред во она што досега се декларираше дека Украина не може да очекува тенкови. Но, се гледа дека Западот постепено го проширува видот на оружјата кои се испорачуваат на Киев. Францускиот претседател Емануел Макрон по празничниот разговор со украинскиот претседател Владимир Зеленски прв скокна со изјавата дека ќе и даде на Украина лесни тенкови AMX-10 RC. Иако Украинците бараат од Франција современи тенкови Leclerc. Франција ќе дава оружје онолку колку што е потребно на Украина. А Макрон во новогодишното излагање истакна дека „ Франција ќе и помага на Украина се до победа“.

Само неколку часа потоа, американскиот претседател Џо Бајден и канцеларот Олаф Шолц изјавија дека и тие ќе испорачаат оклопни возила на Украина. Станува збор за оклопни транспортери, германскиот Marder и американскиот Bradley. Киев настојуваше и настојува на добивање тенкови  Leopard или M1Abrams, но сигурно ќе почека за такво нешто. Што не значи дека нема да го добие. Минатиот четврток Берлин изјави дека и тој ќе и испорача на Украина системи за против ракетна одбрана Patriot од американско производство. Италијанска „Ла Република“ пренесе дека САД бараат од Италија да ја забрза испораката на системи за против ракетна одбрана SAMP-T. Многу работи ќе станат јасни по средбата на сојузниците против Русија во Рамштајн кон крајот на месецов. Заменикот канцелар на Германија Роберт Хабек во интервју за ARD не исклучи дека владата во иднина ќе реши да испорача тенкови Leopard на украинската армија. Дека се изучува состојбата, дека има координација со други земји и се’ ќе зависи од развојот на ситуацијата на фронтот. Но која е „црвената линија“ на Западот никој не кажува. Иако некои медиуми пишуваат дека Западот ја предупредува Украина да не го користи современото оружје за напад врз руската територија. Сите земји од Западот се едногласни во едно – Русија мора да биде победена. Прашање е дали ќе биде доволно оружјето што го има Украина и она што ќе се испорача? Не знаеме ни која е „црвената линија“ на Русија која досега повеќе пати реагираше на испораките на современо западно оружје на Украина.

САД НЕ САКААТ НОВО ФИЈАСКО

Сигурно е дека и Западот и Русија имаат „црвени линии“. Веројатно тоа се да не се дозволи да дојде до ескалација и употреба на нуклеарно оружје. Како што пренесе „РИА-Новости“ бившиот советник во ЦИА и бивш разузнавач, Џејмс Рикардс, предупреди дека САД можат да направат глупост само да се победи Русија во Украина. „Може да настане голема опасност, доколку САД од глупост ја продолжат ескалацијата до победоносен крај за да го спречат поразот на Украина. Не предвидувам дека тоа ќе се случи, но ситуацијата може да ескалира до таа мера што тактичкото нуклеарно оружје ќе се користи од очај“, се вели во текстот објавен во Daily Reckoning. Според Рикардс Џо Бајден не дава знаци за отстапки, па дури неодамна изјави дека ќе ја снабдува Украина со оружје „онолку, колку што треба“. А од друга страна и „Путин исто така не отстапува“. „САД потрошија многу пари во Украина и се толку цврст приврзани кон пораз на Русија, зашто нејзината победи би значела уште еден стратешки пораз на САД, кои се’ уште страдаат од фијаското во Авганистан“, заклучува разузнавачот.

„Црвена линија“ немаат Украинците. Барем засега. Тие се јасни. „Ние денес ја исполнуваме мисијата на НАТО. Тие не пролеваат своја крв, ние пролеваме наша, па затоа од нив бараме да ни испорачуваат оружје“, изјави неодамна украинскиот министер за одбрана, Алексеј Резников. Според него,  западните политичари постојано му напоменуваат на Киев дека „тој, како реален штит го заштитува целиот цивилизиран свет, целиот Запад“. Оваа изјава, посредно ја потврдува тезата дека во Украина се води војна на Западот-НАТО со Русија, а Украинците се топовско месо во спроведувањето на НАТО-вската мисија. Но неа  јавно не сме ја чуле од преставниците на Алијансата. Освен декларирање поддршка на Украина за победа над Русија. Но и со загриженост на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, дека кон Русите, парафразирам, треба да се гледа многу внимателно, зашто тие не воделе сметка за бројот на загинатите.  

Целта на Украинците е да ги протераат Русите на границите од 1991 година. Тоа го прокламираат сите украински политичари. А за остварување на таа цел се плаќа голема цена. Официјалните украински бројки за нивни загинати војници се до 20.000 илјади. Официјално искажани американски и ЕУ бројки се над 100.000.  Амбасадорот на Украина во Велика Британија, Вадим Пристајко, во интервју за Newsweek ги призна големите загуби во војната со Русија. „Нам ни гинат луѓе насекаде. Ние не кажуваме, колку од загинатите се војници или цивили, но можете да си претставите дека бројките се огромни и несварливи. И градови, некои од нив се целосно разурнати“, изјави Пристајко. Според него Запад има „уникатна шанса“ со помош на Украина конечно да излезе на крај со Русија. „Во светот нема толку многу нации, кои би си дозволиле  себе си да жртвуваат толку животи, територии и развој со десетлетја, заради победа над заколнатиот непријател. Јас го разбирам проблемот со нуклеарниот арсенал на Русија. Тоа дека тие на крајот од краиштата можат да го притиснат копчето  и да ја уништат целата планета...Но тоа е она со што ќе се соочиме сега или подоцна. Тие не стануваа подобри“, смета Пристајко.  Тој како да коби или како да знае дека ќе има притискање на копчето.

НАУЧЕНИ ЛЕКЦИИ

Русија, пак на секои неколку денови бомбардира инфраструктура во Украина. Ја променија Русите тактиката. Веројатно ги научија лекциите од почетокот на војната кога претрпеа огромни загуби без да ја исполнат целта. Во Foreign affairs авторот Бери Позен, професор по политички науки и меѓународни односи на Институтот Џералд Форд од Технолошкиот институт во Масачусетс, во еден подолг текст, пишува дека „Највознемирувачко во руските бомбардирања е тоа што Москва знае што прави. Русите ги погодуваат целите со релативно малку оружје и постигнуваат непропорционално поголем ефект. Иако, американските и британските официјални лица редовно претскажуваат дека армија веќе ги исцрпела или ќе ги исцрпи своите боеви резерви, очигледно, Русите нив некаде успешно ги наоѓаат. Добро спроведената кампања на авионски удари врз енергетскиот систем на Украина сведочи за тоа дека руските воено воздухопловни сили, кои до денес немаа големи успеси во нанесувањето удари  врз украинските вооружени сили, ги научиле лекциите од претходните грешки“.

Според него војната, се чини, од смена на режимот во Киев се претвори во освојување на украински територии. Ако Кремљ продолжи да носи едноставни  и разумни воени решенија и да дејствува во согласност со нив, барем доволно компетентно, за една година западните разузнавачки служби би можеле да избројат уште 50 д0 100 илјади жртви од обете страни, а западните законодатели да разгледуваат уште 100 милијарди долари воена и економска помош за Украина. Во моментов, смета Позен, дипломатијата има малку шанси за да ја промени траекторијата на развојот на настаните, затоа што обете страни се многу силно политички вовлечени во овој воен конфликт.  Секој мисли дека победата е можна, а поразот незамислив.

Позен вели дека: „Доколку само сакаат, САД би можеле да развијат дипломатска стратегија за намалување на максималистичкото размислување и во Украина и во Русија. Но, до денес, тие не покажаа ни мал интерес за користење на својата моќ за да се обидат да ги привлечат двете страни на преговарачка маса. Оние од нас на Запад, кои препорачуваат таков дипломатски напор редовно се извикувани. Ако овој крвав, скап и ризичен ќор-сокак продолжи уште една година, можеби тоа ќе се промени“.

ВРЕМЕТО НЕ РАБОТИ ЗА УКРАИНА

 Во истото списание деновиве беше преставена книгата од Хенри Кисинџер: „Лидерство: шест лекции во светската стратегија“. Авторката вели дека во неа тој ја зафаќа и Русија и претпоставува дека таа бивша „светска сила“ ќе остане влијателна десетлетја, без оглед на намалувањето на бројот на населението и стеснувањето на економската основа. Тој предупредува дека поради нејзината голема територија и отсуство на географска заштита, Русија страда од „постојано чувство на незаштитеност“, длабоко вкоренето во нејзината историја. И тоа е точно. Катерина Велика, генетски вкоренетиот страв го сфатила во нејзината забелешка дека „Јас немам друг начин да ги заштитам своите граници,освен да ги проширувам“. Кисинџер укажува дека доколку Украина влезе во НАТО, границата на Алијансата ќе биде „околу 500 километри од Москва“, што ќе ја отстрани стратешката територијална длабочина на која секогаш сметала Русија. Тој претпоставил дека решение на сегашниот конфликт треба да биде неутрална Украина, не објаснувајќи како може да се гарантира безбедноста на таа земја, како неутрална буферна држава.

Но на војната и епилогот од неа не гледаат сите како Кисинџер и други политичари и експерти. Па веќе се јавуваат текстови со повици за „дерадикализација“ на Русија. Во лондонски „Телеграф“. Со забелешка дека во Украина нема добри варијанти за решение, но најблага е „тотален пораз на Путин“, а потоа дерадикализација на Русија, па нејзино вклучување во „нормалниот“ свет. Аналитичарите од Институтот „Хадсон“ направија цела студија со анализи за состојбите по поразот на Русија и нејзин распад годинава. Тоа би било „разурнување“ до крај на Советскиот Сојуз, кој според авторите , се’ уште е жив, но сега е Русија. Тие даваат препораки како треба да се однесуваат САД и Западот во моментите кога Русија ќе се распаѓа! Ова бара посебна обработка и посебна тема.

Не се сите како научниците од „Хадсон“. Поранешната американска државна секретарка Кондолиза Рајс и нејзиниот колега, државен секретар за одбрана, Роберт Гејтс во текст во Washington Post, озаглавен како „Времето не е на страна на Украина“ прогнозираа како би се одвивале работите во Украина. Тие сметаат дека на Запад сметаат дека при каков бил формат Русија нема да замине од веќе освоените територии. „За Путин поразот не е варијанта...Ако тој не добие воен успех годинава, тој треба да ја сочува контролата врз позициите на истокот и на југот од Украина, кои во иднина ќе станат плацдарм за обновување на нападите, за да се воспостави контрола врз останатиот дел од украинскиот брег од Црното море, целиот Донбас, а потоа да се движи на запад“, пишуваат некогашните државни секретари. Според нив, економијата и воениот потенцијал на Украина сега зависат од помошта од Западот, а особено од САД. За нив сегашната состојба е „воен ќорсокак“. Тие сметаат дека ако вооружените сили на Украина не успеат да направат пробив на фронтот, ќе расте притисокот врз Киев од страна на западот за почеток на преговори со Русија. „Во сегашни услови каков бил договор за прекина на огнот ќе им остави на руските сили силна позиција за обновување на нападите, кога тие ќе бидат подготвени“, пишуваат авторите. Единствен излез, за нив, е давање на Украина максимално количество оружје во најкратки рокови, за да се направи пресврт на бојното поле.

Веројатно затоа Западот сега се организира за испорака на нови видови воена техника зимава, или на нејзиниот крај. Изгледа решиле да се обидат да обезбедат победа над Русија. Барем мала победа, ако не нешто повеќе. Ако се повторат контраофанзивите од лани, може да се постигне и поголем успех. А со тоа и уште поголема воена поддршка од Западот.  Но за нови воени операции се подготвуваат и Русите. Тие сигурно сакаат реванш за изгубените територии. Така што ќе бидеме сведоци на нови борби во кои ќе се вклучи ново западно оружје, во кои ќе се лее украинска крв, а Русија ќе се обиде да ги исполни целите најавени на почетокот од „специјалната воена операција“, па подоцна трансформирани. Неуспехот на фронтот за Западот ќе значи проблем во спречување на револтот кај јавното мнение, кое е заморено од последиците од војната и ќе се засилат притисоците за нејзин крај. А тоа значи во прв ред замрзнување на конфликтот. Последица од него би била поделба на Украина. Секој во животот си плаќа цена за што не го направил на време.   

Мирче Адамчевски

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.

Можеби ќе ве интересира

Асад избега – што ќе биде со Сирија, Блискиот Исток и војната во Украина

Асад избега – што ќе биде со Сирија, Блискиот Исток и војната во Украина

Чекајќи го Трамп – Зеленски за членство во НАТО ќе даде и територии

Чекајќи го Трамп – Зеленски за членство во НАТО ќе даде и територии