Западот со Украина ќе го преуредува светот
Објавено во: Колумни 30 Октомври, 2023
Војната во Газа ја симна Украина од насловните страници на весниците и ударните вести во електронските медиуми. Но тоа не и пречи да е упорна во работата врз нејзината „Формула за мир“. Викендов на Малта се собраа претставници на шеесетина држави и организации по третпат да разговараат за „десетте точки за мир“ на Владимир Зеленски, претседателот на Украина. Двете претходни средби беа во Копенхаген и во Џеда. Русија не е канета на овие средби.
Летово во Џеда се одржа иста ваква средба, на која имаше четириесетина учесници.Од средбата излезе заклучок или резултат, во две реченици. „Учесниците се согласија со важноста од продолжување на меѓународните консултации и размена на мислења со цел да се подготви заедничка позиција, која ќе го отвори патот кон мирот. Тие, исто така, ја нагласија важноста од користење на мислењата и позитивните предлози, искажани во текот на средбата“.
Од средбата на Малта Украинците очекуваа дека ќе биде решено прашањето за организирање на глобален мировен самит, но како и што можеше да се претпостави тоа прашање останува за некоја наредена средба на претставници од државите, било да се советници за безбедност или за надворешни работи или пак државни експерти. Главен организатор на овие средби е украинската дипломатија со поддршка од Западот или обратно. Овој пат тиепоканија некои држави од „Глобалниот југ“, но нивнот список не е публикуван. Дадена е изјава од копретседателот на средбата, која ја пренесе првиот човек на Канцеларијата на украинскиот претседател Андреј Јермак. Според него, договорено е да се направат неопходни чекори за подготовка и организација на самитот. Нема ни датум ни месец кога тој би се организирал. Засега само се шпекулира дека до крајот на годинава би требало да се одржи самит на врвот, а догодина друг. За разлика од средбата од Џеда на Малта не допатува кинески претставник, а можеби и од Саудиска Арабија, која беше домаќин на втората средба.
КРШЕЊЕ НА МЕЃУНАРОДНОТО ХУМАНИТАРНО ПРАВО
Инаку копретседателот претставникот на Малта, во своето соопштение вели дека учесниците „конкретно ги разгледале клучните принципи врз кои треба да се постигне и да се заснова сеопфатен, праведен и цврст мир за Украина“. Работено е врз прашањата од „Нуклеарната и радијационата безбедност“, „Безбедноста на храната“, Енергетската безбедност“, “Ослободувањето на сите војници и депортиранилица“ и „Обновување на територијалната целосност на Украина“. Нема никаков конкретен резултат. Нема ни збор за тоа дали Украина и Западот добиле поддршка од „Глобалниот југ“. Особено на фонот на војната во Газа, која ја фрла во сенка војната во Украина.
Во Украинските медиуми само се образложени петте погоре споменати точки, како планови за дебата на средбата, а образложени од украински и други чиновници. Па така, Планот за нуклеарна безбедност предвидува целосно повлекување на рускиот персонал, оружје и опрема од нуклеарната централа Запорожје и префрлање на контролата врз централата на Украина, зајакнување на улогата на МААЕ во следењето на усогласеноста со правилата за работа на нуклеарните инсталации, како и проучување на механизмите на одговорност за непочитување на принципот на нуклеарна безбедност.Имплементацијата на точката за енергетска безбедност, како што е предложена од работната група, предвидува развој на модел на енергетска одржливост што ќе спречи прекршување на енергетската безбедност и ќе овозможи користење на енергијата како лост на влијание во идните акти на агресија. .
Во контекст на безбедноста на храната, „формулата за мир“ предлага воспоставување меѓународни безбедносни гаранции за непречено снабдување со храна, особено зајакнување на заштитата на украинското пристаниште и логистичка инфраструктура, обезбедување на расчистување на морските патишта во Црното Море и поддршка на осигурување на бродови и товари транспортирани до и од поморските пристаништа Украина.Акциониот план за враќање на заложниците и депортираните Украинци предвидува создавање меѓународна мониторинг група за собирање информации за нив, добивање пристап до нивните места на притвор, дополнителни санкции против РускатаФедерација и нејзините службеници за кршење на меѓународното хуманитарно право, притисок на Русија да им обезбеди на ОН и МКЦК непречен пристап до украинските затвореници.
РЕФОРМИНА ОН
Што се однесува до точката за усогласување со Повелбата на ОН и враќање на територијалниот интегритет на Украина и светскиот поредок, работната група предлага да се фокусира на реформирање на Советот за безбедност на ОН и ограничување на ветото, зајакнување на улогата на Меѓународниот суд на правдата, преку признавање на задолжителната јурисдикција на судот во сите спорови за прекршување на Повелбата на ОН, како и создавање систем за рано предупредување за дејствија кои го нарушуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на државите.
Токму последнава точка зборува дека намерата на Украина, потпомогната од Западот е да се почне со создавање на новата архитектура за светска безбедност. Западот сака да ја елиминира или да ја „приштрафи“ Русија со помош на решавањето на украинскиот конфликт. Тие сакаат да ја казнат, но сега немаат можност за тоа, освен воено да ја поразат со давањето на огромна помош на Украина. Тоа оди многу тешко. Војната е меѓу Западот и Русија. И едните и другите се решени да бидат победници. Украинците се само вооружени пиони во играта меѓу Западот и Русија. Но истовремено се и најголемата жртва. Па, ајде да се оди по друг пат. Да се намали влијанието на Русија во СБ на ОН. Но како? Таа има право на вето. Да и се одземе е многу тешко. Минатата недела пишував дека сите се за нов светски поредок, но никој не знае каков ќе биде. Реформа на ОН, да, но каква. Длабока или козметичка?
Ако се оди кон длабока, тогаш мора да се случат големи работи во светот, можеби и голема војна, па новите победници да создадат нова ООН. Како што и ова беше создадена на основа на некогашната Лига на нации. Или пак да се направи нешто друго. А што? Може и некаква реформа поддржана од мнозинството противници на голема војна. Но, за неа ќе треба да се прашаат и Русија и Кина и Глобалниот југ. Сега има некои најави за проширување на СБ на ОН. Но и тука има игри. Кои земји да влезат во СБ. Иако објективно гледанотаму има потреба од претставник на Африка и на Латинска Америка. Можеби уште еден од Азија. Како и да е, очигледно Западот ќе игра на картата на реформи на ОН за намалување на влијанието на Русија. А за тоа е потребана поддршка не само од педесетина земји – “демократии“, туку и од Глобалниот југ и од „автократии“.
МИРОВНИ ИНИЦИЈАТИВИ
На средбата на Малта не дојдоа претставници од Кина. Нивното доаѓање во Џеда беше прославено од Украинците како голема победа. Демек, еве и Кина се приклучува кон нашиот план од „десет точки“. Но Кина тогаш дојде, а сега не се врати на таква средба на Малта. Причината е јасна. Кина во Џеда даде до знаење дека има нејзин план од 12 точки за мир во Украина. Но тој априори не е прифатлив за Западот, САД, а со тоа ни за Украина. Во Џеда се спомна дека и Саудиска Арабија излегла со свој план. За мир во Украина. Можеби затоа сега не е потврдено и нејзиното учество во Малта. Имаше и други мировни инцијативи. Бразил, Ватикан, Африка...Министерот за надворешни работи на Украина, Андреј Кулеба, вчера изјави дека „само за пола година од информационото поле исчезнале бројните „мировни“ инцијативи кои и предлагаа на Украина да се откаже од територии, нешто да размени, и други неприфатливи работи“. Според него сега „во центарот на сите дискусии е праведната и чесна украинска Формула, која во целост одговара на принципите на Повелбата на ОН и на клучните резолуции на Генералната асамблеја. И тоа е првиот очигледен резултат на Формулата“.
Освен петте точки разгледани во Малта има уште пет од Формулата на Зеленски. Повелекување на руските војски и прекин на воените дејства, Воспоставување праведност, еколошка безбедност, не дозволување на ескалација на војната и нова агресија и потврдување на крајот на војната. Сето ова ќе оди многу тешко да се реализира. За да се случи тоа Русија треба да капитулира. А како ќе капитулира, ако не е воено поразена. Затоа и Западот и НАТО велат дека ќе ја поддржуваат Украина се’ до победа. А што би било победа, засега никој не зборува, освен Украинците кои сакаат враќање на состојбата од 1991 година.
Горните пет точки подразбираат не само протерување на Русија од територијата на Украина, туку и судење врз Русите, плаќање репарации и други мерки. И како тоа би одело со некаква средба за мир? Некаде во август еден украински колега напиша дека никаков самит за мир не може да ја натера Русија да капитулира. Главна работа се Вооружените сили на Украина, кои ги нема во ниту една точка од Формулата. Но во моментов на Украина не и цветат ружи на воен план. И Западот како да се заморува и покрај силните зборови за поддршка, а колку и да не верува Кулеба, војната во Газа си го прави своето. Веќе е намалена испораката на оружје од САД за Украина, а не се знае како ќе оди тоа натаму.
СКЕПТИЦИ ЗА ПОМОШ
Па затоа составувачите на планот, според украинскиот колега од провладин медиум, пишува дека тие претопставуваат различни варијанти за капитулација на Русија. На пример, државен удар во Русија и смена на власта, која сама ќе се согласи за деокупација на Украина. Па затоа и таква точка немало во планот. Но Украина ќе настојува светот да го поддржи планот и да се согласи со неизбежната капитулација на Русија. Ваквите видувања само навестуваат дека Русија освен на воен, ќе биде притискана и на внатрешен план. А САД за тоа имаат и знаење и искуство. Заедно со Украинците кои се „браќа“ на Русите ќе работат на создавање предуслови за реализација на планот. Можеби нови мали војни во околината на Русија, можеби внатрешни бунтови. Особено на етничка почва каде што Русија е најранлива.
Развојот на настаните пошироко на Блискиот Исток и потесно во Газа, како да и одат од рака на Русија. Министерот Кулеба може да вели дека е мит влијанието на војната во Газа врз Украина, дека ја фрла во сенка, но тоа е факт. -Поддршката на Зеленски на Израел во првите денови од нападот на Хамас гистави под закана сите напори на Украина за освојување поддршка од муслиманските земји во судирот со Русија. Но, истовремено тоа и помогна да остане во центарот на внимание на меѓународната заедница како сојузник на САД во случајот со Газа. Но откако видоа Украинците дека многу муслимански држави, кои ја поддржуваа Украина го напаѓаат Западот за двојни стандарди, укажувајќи на силните критики на Русија за гинењето цивили во Украина, амлаки критики на Израел за бомбардирање на Газа, на гласањето на Генералната асамблеја на ОН за осуда на Израел, гласаа воздржано. Во светот веќе се пишува дека Украина треба да се бори со тоа што вниманието на целиот свет сега главно се префрли на новата војна на Блискиот Исток, а исто така и со конкурентските барања на Израел за воена поддршка од САД.
Токму американската поддршка на Израел може да ја намали помошта за Украина. Претседателот Џо Бајден во пакет побара над 100 милијарди долари помош за Украина, Израел и борба со мигрантите. Од нив над 60 милијарди беа наменети за Украина. Но, новиот претседател на Претставничкиот дом, Мајк Џонсон, веќе двапати изјави дека помошта ќе се одобрува одделно, а не во пакет. Некои републикански конгресмени се скептици во однос на новата финансиска помош на Украина. А други претпочитаа финансирање на испораки на оружје, но не хуманитарна помош или директна економска помош. Тоа значи дека конгресмените се залагаат да работи воената индустрија, а не да се трошат пари за плати на чиновниците во Украина или финансирање на социјалата и војската. За односот на Џонсон кон Украина зборува и фактот што тој најавинеделава гласање за помошна Израел, но не и за Украина.
РЕАЛПОЛИТИКАТА НА КИСИНЏЕР
Каков е односот на Русија кон собирот во Малта? Портаролот на руското МНР, Марија Захарова, на последниот брифинг минатата недела изјави дека САД и сега, како и во минатото се обидуваат да соберат „коалиции“, кои тогаш водеа војни во Србија, Ирак, Сирија, Авганистан... Истото тоа е и сега. Се регрутираат земји под „мировна формула“ на Зеленски(а всушност формула за војна). „Од вас не се бара ништо, поддржете само една точка. Кажете што било, барем буква од таа глупост поддржете и готово“. Зошто? Затоа што треба да се создаде чувство на широка меѓународна поддршка. И така од таа„оска“ во текот на последните десетлетја „добродетелите“ формираа такви коалиции. Не е важно колку ќе придонесат. Важно е да дадат и да ги запишат тие што ги поддржуваат... Тие „факти“ им даваат на САД право да зборуваат за тоа дека тие се земја добродетели и ќе „сејат добро“ низ целата планета, нарекувајќи го тоа „нов светски поредок заснован врз правила“, рече Захарова.
И за крај, нешто од вечниот Кисинџер. Човек за кој важи она „Целта ги оправдува средствата“. Тој на над 100 години замина воПекинг и се сретна си Шји Џинпинг. Кон крајот на септември се сретна со Зеленски во САД. Има мислења дека украинскиот претседател сакал да го убеди Кисинџер да биде лобист на Украина. Џинпинг во ноември треба да патува во Сан Франциско и се очекува да се сретне со Бајден. Можеби ќе излезе нешто ново од таа средба. Можеби ќе се потврди кисинџеровата реалполитика. На пример,дека судбината на една земја не се решава само на фронтот, туку и во заткулисните игри на политичарите и дипломатите. И војната не е само за крвави километри територија, туку најмногу за најдобрите почетни позиции во претстојните мировни преговори.И токму ова не гарантира брз крај на војната во Украина. Туку најавува натамошни борби за стекување на нови влогови во преговорната игра, кога ќе дојде до неа. Во светот на „реалполитиката“ не се обложува на губитниците. Кисинџер вели:„Големите држави не се жртвуваат себе си заради сојузниците“. А украинскиот историчар Сергеј Плохи во интервју за „Украинска правда“ вели:„: „Високите политичари во западните земји јавно повторуваат постојано дека на Украина и го задржуваат правото сама да одреди што значи победа - за неа. Тие, сепак, го задржуваат право да се поддржи или да не се поддржиодредено сценарио “.
Мирче Адамчевски
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.