ЗАПРЕ ПОСТАПКАТА ПРОТИВ ВЕЛЈАНОВСКИ, ЈАНАКИЕСКИ, РИСТОВСКИ И АТАНАСОВСКИ - Кривичен суд го уважи барањето за амнестија
Објавено во: Македонија 23 Јануари, 2025
Основниот Кривичен суд Скопје денеска донесе одлука по мислењето дадено од Јавното обвинителство за примена на Законот за амнестија за обвинетите за случајот „Организатори на 27 април“ – ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристески, како и поранешниот собраниски спикер Трајко Вељановски.
- Барањето за примена на амнестија поднесена од обвинтетите Трајко Велјановски, Спиро Ристовски, Миле Јанакиески и Владимир Атанасовски се уважува. Се запира кривичната постапка против Трајко Велјановски, Спиро Ристовски, Миле Јанакиески и Владимир Атанасовски поведена со обвинителниот акт на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција од 31.05.2019 година за кривичното дело Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедност од член 313 од Кривичниот закон - изјави судијата.
Апелацискиот суд во април минатата година ја укина првостепената пресуда од јули 2021 година, со која поранешниот спикер Вељаноски беше осуден на шест и пол години затвор, екс министрите Јанакиески и Ристовски добија казна од 6 години и три месеци затвор, додека поранешниот директор на УБК Атанасовски шест години затвор, и предметот го врати на повторно судење.
Со ова се прекинува кривичниот прогон против Трајко Вељановски, Спиро Ристовски, Миле Јанакиевски и Владимир Атанасовски кои беа гонети како организатори на упадот во Собранието на 27 април. Судот донесе решение, со кое посочува дека амнестијата важи за нив.
- Јавното обвинителство како подносител на обвинението, по укинувањето на решението од овој суд, имаше неколку неодредени произнесување до амнестијата, се додека на минатото рочиште не даде јасен предлог дека Трајко Вељановски, Спиро Ристовски и Миле Јанакиевски не треба да се амнестираат, бидејќи за нив важел законот. Лично и како совет, се уште сме на ставот дека интенцијата на законодавецот беше во никој случај организаторите да не се амнестираат. Но во Законот за амнестија во одредбите, има сврзник според кој Јавното обвинителство и Апелација сметаат дека овие обвинети не се лица кои постапувале спротивно на службените овластувања при вршење на кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок - рече судијата Илија Трпков. Судијата додаде: „Имајќи во предвид на наведеното, на крајот ќе произлезе дека осудените лица за настаните од 27 април, сами се организирале, сами размислиле дека треба да влезат во Собранието, кршат и тепаат. На сите ни е јасно, а и на осудените лица во затворите – дека тоа не е така, дека некој ги организирал да влезат во Собранието. Инаку тоа не може да се случи. Не може да се пробие полициски кордон на кошаркарски натпревар, а не во Собранието“. Судијата исто така укажа дека не е патриотски да се упадне во Собранието. - Некои овие осудени лица ги нарекува патриоти, ги тапка по рамо. Тие можеби се патриоти, но не може да каже дека патриотски постапиле. Тие што ги организирале и овие лица (осудениците), треба да се срамат. За тепање на народни претставници и кршење – не може да се каже дека се патриоти. Сигурно одлуката (за амнестија) ќе побуди различни емоции и чувства. За конкретните настани во Собранието, за кривичните дела кои се случија таму, наведнете ја главата и побарајте прошка од државата, како што обвинетите побараа - додаде судијата.