Заврши бесплатната патарина за српските туристи, Македонија им заштеди 72 милиони денари
Објавено во: Економија 18 Август, 2021
Заврши периодот на бесплатната патарина за српските туристи во знак на благодарност за можноста македонските граѓани да се вакцинираат против Ковид-19 во Белград, Ниш и Врање. Според претходната одлука на Владата, српските возила кои транзитираа од 15 јуни до 15 август по Коридор 10 немаа обврска да плаќаат патна такса на наплатните пунктови, а наместо тоа на Табановце им беа доделувани смарт картички.
„Согласно Одлуката на Владата на РСМ за ослободување на возила на Српски туристи, од страна на Јавното Претпријатие за Државни патишта изготвени се 100.000 М-Смарт од кои реализирани се 83.959 М-Смарт (во периодот од 15 Јуни до 15 Август) со вкупна вредност од 72.204.740 денари. Вкупниот промет со овие вкалкулирани картички е 1.695.106.586 денари (рекорден приход од постоење на Наплатна Служба) со што има зголемување на прометот од 12% во однос на истиот период во 2019 година (рекордна година до сега)“, велат од центарот за наплата на јавното претпријатие „Државни патишта“.
Во мај Владата го задолжи Министерството за финансии да префрли 172 милиони денари (нешто над 2.8 милиони евра) за набавка и изготвување на 200 илјади таканаречени М-Смарт Кард картички, со кои ќе им се овозможи на граѓаните на Србија летово да можат да патуваат низ Македонија без да плаќаат патарина.
Од претпријатието инаку велат дека во периодот Јануари-Јули 2021 година од наплата на патарина остварен е вкупен промет од 1.532.901.846 денари или 25 милиони евра. Вкупно за овој период е наплатено на 22.434.168 возила од сите категории
Од „Државни патишта“ велат дека наплатата е повеќе од задоволителна и дека резултатите се подобри дури од 2019 ако се спореди периодот април, мај и јуни, односно откако Грција одлучи да го отвори граничниот премин и дозволи влез на странски туристи.
Ако се направи споредба со 2019 година која е рекордна по остварениот промет, се забележува раст на прометот за првите 7 месеци во 2021 година и тоа за речиси 7 отсто (6,73%)“ иако е наплатено од 1.028.999 возила помалку во однос на истиот период.
„Во месец Јули 2021, наплатено е вкупно на 4.819.678 возила од сите категории, што претставува зголемување од 35,36% од претходниот месец Јуни. Остварен е промет од 313.680.376 денари, што е зголемување од 9% во однос на месец Јули 2019 година, или, наплатено е повеќе за 25.463.167,00 денари“, информираат од „Државни патишта“.
Во периодот Јануари-Јули 2021 година, продадени се вкупно 4.941 електронски уреди, или поединечно 2907 МСмарт картички и 2034 МТаг уреди. Од започнувањето со електронската наплата на патарина, заклучно со 31.07.2021 година, продадени се вкупно 26.406 електронски уреди, од кои 16.734 се М-Смарт картички и 9.672 се М-таг уреди
А.К.