01 Декември, 2024
0.0252

Зеленски ги чисти корумпираните, но и можните политички противници

Објавено во: Колумни 13 Февруари, 2023

Добивај вести на Viber

Украина, претседателот Владимир Зеленски, е решен покрај војната со Русите на фронтот, да отвори и војна против корупцијата. Претседателот сака да го чујат и дома и надвор, дека е решен да стави крај на она за што ја обвинуваа и ја обвинуваат Украина со години наназад. Корупцијата. Американците формираа мониторинг мисија која ќе прави ревизија на тоа како се трошат парите кои одат во Киев од американските даночни обврзници за поткрепа на државата, но и ревизија на испорачаните оружја, за кои има сомневање дека се цел на контрабанда. Луѓе од мисијата веќе беа во Киев. Зеленски сака за две години да влезе Украина во ЕУ, но за тоа требаат и резултати во борбата со корупцијата. Претседателот, чиј рејтинг се зацврсти за време на едногодишната војна, како да се осоколи и веќе се зборува за негови обиди да ја централизира власта, па и за авторитарност во владеењето.  И се’ тоа на фонот на воени дејства.

Руската инвазија пред речиси една година беше повод за закопување на „воените секири“ меѓу украинските политички партии и нивните лидери. Поранешниот претседател Петар Порошенко, поранешната премиерка, Јулија Тимошенко и други. Оние за кои власта, Зеленски, сметаше дека се проруски партии беа ликвидирани, десетина, а исто се случи и со медиуми. Некои нивни пратеници ја напуштија Украина, некои беа затворени, а некои се повлекоа од политиката. Она што остана во Парламентот од тие партии се послушни гласачи. Воените успеси на Украина лани летото и есента како да ги разбудија политичките страсти, а со тоа и политичките конфликти. Засега жртви во нив се успешни и амбициозни политичари, кои се нашле на удар на власта или на Кабинетот на претседателот Зеленски.

Деновиве, како и лани летото и есента, одново е најавена кадровска чистка. Веќе има сменето јавни обвинители, заменици министри и други, поради корупција, поради судири на интереси и сл. Се вели дека тоа мора да се направи до почетокот на руската контраофанзива за која сите зборуваат. Па така наместо за подготовките за одбрана во Украина главно се зборува и пишува за скандали.  Во прв ред за корупција во Министерството за одбрана при купување на разни работи, од храна до опрема. Па, корупција при купување генератори неопходни поради руското уништување на енергетската инфраструктура. Па, заминување на чиновници на одмор во странство за време на војната, скапи имоти на депутатите, тендери од милијарди гривни за свои блиски. И нормално сето тоа ја подгрева јавноста да реагира. И да праша што прави власта? Зеленски го смени целото раководство на украинската царина.  Изминативе денови вети дека за енегетиката, за тендерите, па и во Министерството за одбрана, за  односите меѓу централната власт и регионите, општеството ќе добие целосна информација. И веднаш беа сменети заменик министер за одбрана, заменик министер за инфраструктура, неколку обвинители, први луѓе на локална самоуправа, па и негови блиски луѓе. На пример заменикот на претседателот на Кабинетот на Зеленски, за злоупотреба на службената должност.

ИГРИ ВО ВЛАСТА

Најмногу од сменетите се луѓе од вториот и третиот ешалон. Како да се сака да му се испрати предупредување на нивниот шеф, дека утре и тој може да биде сменет. Но не се поштедени и некогаш влијателни фигури. На пример, направен е претрес, кај некогашниот моќен министер за внатрешни работи, Арсен Аваков, кој во одреден степен може да се смета и за иден политички противник на власта. Исто така, претрес беше направен и кај некогашниот „финансиер“ на Зеленски, олигархот Игор Коломојски. Сето ова е проследено со медиумски подготвена кампања. Па со денови се вртат фотографии од имотот на Коломојски, или пак од списокот на желби на една началничка од даночната служба. Таа во своите цели за наредниот  период во едно тевтерче запишала дека сака да патува во странство, па да купи скапа бунда, скап часовник... Сето тоа е лична белешка, но власта го користи во кампањата за да ја покаже жедта за пари на чиновниците. Демек, земјата крвари во војна, а некои мислат како да стекнат нешто. Или, пак, дека се ограбувачи во воено време. И, се разбира, ова пали кај обичниот народ. Тој не гледа дека има покренато само неколку кривични дела.

Но, не оди се глатко во борбата со корупцијата. Особено кога ќе стане збор за влијателен министер. Министерот за одбрана Алексеј Резников деновиве беше на тапет и беше најавен дури негова смена. Вестите за корупција во Министерството за одбрана доведоа до тоа на сајтот на претседателот да се бара оставка од министерот. Самиот Резников изјави:„ Јас веќе имам репутациона одговорност за скандалите во министерството“. Од пратеничката група на партијата „Слуга на народот“ , зад која стои Зеленски не чекаа многу, но се чини избрзаа. И почнаа игри кои можат да доведат до внатреполитичка борба во власта. Првиот човек на фракцијата „Слуга на народот“, Давид Арахамија, минатата недела официјално изјави дека Алексеј Резников во Министерството за одбрана ќе биде сменет од генерал-мајорот Кирил Буданов, прв човек на военото разузнавање. Арахамија во својот Телеграм-канал напиша:„Алексеј Резников во рамките на владата се префрла на должноста министер за прашања од стратешките гранки на индустријата за засилување на воено-индустриската соработка, која води сметка за него како експерт за „Рамштајн“(воена база во Германија каде еднаш месечно се собираат сојузниците на Украина и се договараат за воената помош). Генерал-мајорот Кирил Буданов ќе го води Министерството за одбрана, што е сосема логично во воено време“. Но изјавата на Арахамија, барем засега, се покажа дека е избрзана и тешко се реализира, а Резников се’ уште е министер за одбрана.

Очигледно, засега во украинското министерство за одбрана ќе бидат засегнати само луѓе од вториот ешалон. Кој „кренал рачна кочница“ за смената на Резников не е кажано. Но треба да се знае дека во овие тешки времиња за Украина, тој е главниот партнер на Западот во поглед на оружјата и одбраната. Тој со месеци контактира со неговите колеги и има стекнато искуство и неопходни контакти, кои најверојатно имаа доверба во него. Од друга страна добрите познавачи на состојбите, велат дека Резников е протеже на најмоќниот човек од опкружувањето на Андреј Јермак, прв човек на претседателовиот кабинет. И тој не е подготвен да ја испушти од раце клучната функција од својата сфера на влијание. Од друга страна се депутатите, кои тврдат дека ќе го сменат и законот со кој воено лице би можело да биде министер за одбрана во воени времиња. Резников е граѓанско лице, а Буданов би требало да се откаже од армијата. Се смета дека Буданов е „самостоен“ во поглед на туѓи влијанија и е на постојана врска со претседателот Зеленски. Сето ова може да навести и конфликт во опкружувањето на Зеленски. Конфликт меѓу депутатите предводени од Арахамија и Кабинетот на претседателот предводен од Јермак. Инаку Резников изјави дека не е подготвен да води друго министерство.

СЕТО ТОА Е ЛИРИКА

Од друга страна, заштитувајќи ја својата работа, тој даде изјава, односно постираше дека лани во МО се казнети, привлечени кон одговорност, над 600 чиновници врз основа на внатрешна ревизија. Од нив 497 биле казнети материјално, додека 124 дисциплински. На постот  имаше гневни реакции. ВО стилот: „Дали разбрав добро? Чиновникот во време на војна прави пари. И за тоа го казнуваат“. Или:„ Потребна е кривична одговорност“. Некои прашуваат:„ Каде е затворот? Материјална, дисциплинска, сето тоа е лирика“. Се бараат судски казни.

Сето погоре потсетува на настаните лани во август, кога се ширеа гласови, кои што не се потврдија, дека ќе биде сменет првиот човек на вооружените сили на Украина, Валериј Залужњи.  И тогаш еден од кандидатите за наследник на неговата должност беше Кирил Буданов. На овие страници сме пишувале дека тогаш упорно се зборуваше дека Канцеларијата на претседателот сака да го отстрани, бидејќи на опкружувањето на Зеленски не му се допаѓа растот на неговата популарност во јавноста и на Запад. Официјално ова беше постојано демантирано. Но сепак, разговорите одново се повторуваат. Згора на тоа Залужњи е поддржан и од „навивачи“, како што се приврзаници на Петар Порошенко. Нив власта ги обвинува дека сакаат да внесат кавга меѓу Зеленски и Залужњи. Овој пак, се повеќе се јавува во западни медиуми, во кои се опишува како творец на победите на Украина над Русија. И го нагласуваат негвиот авторитет во војската и во јавноста. Сето ова создава почва за разговори дека опкружувањето на Зеленски би сакало да го оттурне Залужњи некаде во сенка.

Колку и да се демантираат ваквите разговори, не треба да се заборави дека во 2024 година во Украина треба да има претседателски избори. А исто така дека некои генерали биле и добри претседатели. На крилата на победата тие ги освојуваат симпатиите на гласачите, на народот. Се разбира сега не можеме да зборуваме каква ќе биде состојбата со војната во 2024 година, но Залужњи, доколку достојно ја изигра својата улога може да се надева дека може да стане претседател на Украина. Онака, како што американскиот генерал од Втората светска војна, Двајт Ајзенхуер после војна во два мандата беше претседател на САД. Дали опкружувањето на Зеленски го сметаЗалужњи за можен политички противник? Одговорот не е еднозначен, но секако дека може да биде и оттука и веројатноста за борба со политичките конкуренти на Зеленски.

ПОЛИТИЧКА КОНКУРЕНЦИЈА

Во прилог кон стравот од политичка конкуренција е и една судска одлука со која градоначалникот на Чернигов, Владислав Атрошенко, бил прогласен за виновен од надлежен суд за постоење конфликт на интереси, меѓу другото, службениот шофер го возел автомобилот на неговата сопруга во странство со службен налог. Казната е околу 160 евра, но и отстранување од должноста во текот на една година. Атрошенко вели дека зад се ова стои притисокот од Канцеларијата на претседателот. И дека не може така да се однесуваа кон човек кој има поддршка од речиси 80 проценти од гласачите. Зад него застанаа и Асоцијацијата на градовите на Украина и нејзиниот претседател Виталија Кличко. И самиот Кличко, пред некој месец, беше на удар од Канцеларијата на претседателот. Инаку и тој се смета како можен политички противник на Зеленски. Кај нас ова не важи. Еве најново, Бујар Османи оди приватно кај сака со службен автомобил, ама се’ е по закон и никој ништо не му може!!!

Според украински експерти Канцеларијата на претседателот на овој начин сака да „ги приучи регионалните елити кон новите правила на игра“, според кои се решава канцеларијата на претседателот. И не се само Атрошено и Клишко цел на Канцеларијата. И заменикот губернатор на Дњепропетровската област, Генадиј Корбан, не можеше да се врати во Украина, бидејќи Зеленски му го одзеде државјанството. Оттука и препораката до Виталиј Кличко да размисли. Ако тој или неговиот брат Владимир ги сочуваат своите претседателски амбиции, тогаш нив ги очекуваат многу проблеми. Еден експерт вели дека во Канцеларијата на претседателот мислат дека непосредната закана за Украина како држава е симната и може да се зафатат со сопствените внатрешно политички задачи. И земјата се враќа во состојба на внатрешна политичка борба, секако во оној вид како што ја разбира тимот на Зеленски.

Новиот бран чистки пишува „Карнеги-политика“, ја продолжува тенденцијата кон натамошна централизација на власта во Украина, со што Зеленски се занимава уште по победата на изборите во 2019 година. Уште тогаш центарот за носење решенија беше сконцентриран во Канцеларијата на претседателот кон кој подоцна го додадоа и Советот за национална безбедност и одбрана, кој колегијално треба да ја покрива волјата на претседателот. Владата и Парламентот во оваа конфигурација ја имаат улогата на послушни извршители. Неопходноста од овој модел цело време се оправдува со различни вонредни состојби. На почетокот  неопходноста да се спроведат реформи во „турбо режим“, потоа борбата со корона вирусот, па борбата со олигарсите, па со опозиционерот и пратеник , Виктор Медведчук кој беше протеран во Русија. А во услови на војна овој одел во практиката е без алтернатива.

Оттука и власта доаѓа во рацете на неколку луѓе кои ги водат тие тела. Тие му помогнаа на Зеленски да ја сочува власта и да ја спречи руската агресија, но и ги деградираше институциите. Се’ се решава на врвот. Парламентот е негова алатка. Однапред се договараат решенија, а во него само се гласа. Се’ е под контрола. Нема опозиција. Имам еден колега кој не е пропутински настроен и во дискусија околу Украина вели дека Зеленски ќе стане Путин. Секако ова е претерано, но централизацијата на власта е факт, а и почетокот на појави на авторитарност. Нормално во војна нема демократија. Но тоа на Зеленски ќе му се врати како бумеранг по завршувањето на војната или пак уште на изборите 2024 година.

Посебно прашање е како гледаат украинските спонзори на појавите на авторитарност во Украина? И конечно, под превезот на борба со корупцијата и поддршка од воените министерства дали може во Украина да се устоличи еден Ли Кван Ју? Што и не би било лошо ако го даде сингапурскиот резултат.

Мирче Адамчевски

.


* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.