26 Април, 2024
0.0262

Нашата чудесна земја

Објавено во: Колумни 27 Февруари, 2013

Добивај вести на Viber

Седум. Многумина веруваат дека овој број има посебно значење. Сеедно од која причина. Постојат седум светски чуда. Постојат и седум смртни гревови. Дури постои и филм со наслов „Седум“. А и Снежана од бајките имала седум џуџиња. Во денешно време успеавме да го надминеме фамозниот број седум. И тоа многукратно. Барем кога се во прашање чудата. Доволно е да ги прочитаме весниците или да ги погледнеме вестите на телевизија, па да почнеме да се чудиме, да се крстиме и да го повикуваме Господ на помош. А можеби и престанавме да се чудиме. Она што во секоја нормална земја би добило третман на чудо, нам ни се случува толку често што стана дел од нашето секојдневие. Моето внимание неодамна го привлече една информација што во јавноста ја пласираше Агенцијата за вработување на Република Македонија. Според оваа институција, во Република Македонија како невработени се водат 235.328 лица. Половината од нив (или 55%, да бидеме попрецизни) воопшто не бараат работа преку Агенцијата?! Најголемиот дел од другата половина, од тие што бараат работа, би прифатиле работно место само во државната администрација! Како во „старите добри времиња“. Апсолутно не ме интересираат коментарите за официјалните и неофицијалните статистики, за вработувањата „на црно“, за различните методологии во евиденцијата на невработените што можеби се користеле во минатото и денес. Сето тоа го сметам за ирелевантно. Познавајќи го менталитетот на нашиот народ, длабоко сум убеден дека половината од невработените бараат работа за да не ја најдат, а останатата половина не би прифатила ништо помалку од работно место кое подразбира кравата или високи штикли како кодекс на облекување. Секоја чест на исклучоците! Од друга страна, на секој чекор се градат трговски центри. Светските брендови се веќе кај нас, а артиклите се продават по повисоки цени, отколку што е тоа случај во развиените земји. Рестораните и кафулињата се преполни. Низ Скопје се возат автомобили на кои можат да ни позавидат поголемиот дел од европските метрополи. За секој празник или годишен одмор туристичките агенции тријат раце - најбрзо се продаваат аранжманите за таканаречените егзотични дестинации. Од каде пари за сето тоа? Како може во услови на огромна невработеност да владее социјален мир? Како може во услови кога просечната плата изнесува околу 350 евра постојано да не зафаќа потрошувачка треска? И уште многу други прашања чии одговори се наоѓаат на границата помеѓу рационалноста и ирационалноста. Анализата ќе покаже дека средната класа во Република Македонија фактички не постои. Мал дел од луѓето се екстремно богати, а поголемиот дел одвај врзуваат крај со крај. Многумина живеат на прагот на сиромаштијата. Ако одиме понатаму со анализата, ќе дојдеме до заклучок дека многумина живеат на кредит или зависат од паричните трансфери кои нивните роднини им ги испраќаат од странство. Добар дел од граѓаните, не гледајќи перспектива за пристоен живот и работа во нашата земја, се одлучуваат да ги напуштат родните огништа, па својата среќа да ја побараат под туѓото небо. Сето тоа е точно. Сите тие анализи се наоѓаат во сферата на рационалноста. Па сепак, многумина можат да посочат примери дека „некој заработува 300 евра, а троши 500 евра месечно“. Секој месец во континуитет. Е, тоа е веќе ирационално. Ирационалноста, полека но сигурно, стана составен дел од нашите животи. Не можејќи да најдеме логично објаснување за одредени појави, се повеќе навлегуваме во светот на ирационалноста. Во оној свет каде што силата на аргументите не значи ништо, каде што здравиот разум ја губи битката со случувањата околу нас. Само светот на ирационалноста може да ни објасни како тоа половина од огромната армија на невработени не бара работа, а останатата половина сеуште чека на државни јасли. Во услови кога имаме една од најгломазните државни администрации во Европа. Пред нешто помалку од 150 години, англискиот писател Луис Карол ја напиша безвременската „Алиса во земјата на чудата“. Секоја чест и на писателот и на неговата фантазија, па напишал одлична книга за деца. Ако во некое идно време, некој друг Луис Карол пишува за чудата што нам ни се случуваат, голем дел од литературните критичари ќе речат дека претерал. Дека такво нешто едноставно не е можно. Дури ниту во светот на фантазијата. Па сепак е можно. Во нашата земја на чудата. д-р Гоце Трајковски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД