Земјоделците ќе штедат на употреба на ѓубрива, но ќе настрада приносот
Објавено во: Агробизнис 29 Март, 2022
Откако цените на вештачките ѓубрива скокнаа до 300 отсто, земјоделците веќе штедат или планираат да штедат, односно да фрлаат помалку ѓубрива, со што ќе биде намален и приносот кај културите.
Од земјоделските аптеки потврдуваат дека имаат помал промет. Земјоделците купуваат помала количина на ѓубрива за разлика од претходните години.
„За некои култури купувањето на ѓубрива е намалено за 100 отсто, а кај други за 20 отсто, но севкупно сигурно има намалување за 50 отсто. За виновата лоза купуваат помалку, затоа што сметаат дека откупната цена нема да биде добра, скептични се, но помалку ѓубриво купуваат и за пченицата и јачменот, а тоа секако ќе се одрази на родот. Вреќа ѓубриво од 50 килограми чини 3.000 денари, а од 25 килограми е со цена од 1.500 денари. Има и поскапи ѓубрива, но овие се да речеме некои просечни цени“, велат од земјоделска аптека во Валандово.
Oд земјоделска аптека во Струмица потврдуваат дека имаат многу помалку работа од лани, земјоделците купуваат помалку ѓубриво, и велат дека годината ќе биде лоша за сите, и за нив, и за производителите на храна, но и за купувачите.
„За три пати скокнаа цените на ѓубривото за разлика од лани, и луѓето штедат на набавка на ѓубрива за сите култури, и на житариците. Ќе биде многу лошо за сите и приносите ќе бидат многу помали ако не се фрли ѓубриво“, додаваат од оваа аптека.
Агрометеорологот Ангелко Ангелески од УХМР вели дека од штедењето на ѓубривата, најмногу ќе настрада родот кај житариците, но и другите култури ќе дадат помал род.
„Најпогодени ќе бидат јачменот, пченицата, и последните информации од терен покажуваат дека фали азот во почвата, односно тоа се манифестира со пожолтување на житариците. Тие ќе бидат погодени пред сѐ затоа што се работи за големи површини, додека кај раноградинските култури е малку поинаку“, рече Ангелески.
Цените се покачија откако почна војната во Украина, и откако ЕУ воведе санкции за Русија и Белорусија, земјите од каде се набавуваат суровини за производство на ѓубрива.
Министерот за земјоделство, Љупчо Николовски деновиве објави дека интервентниот фонд ќе се прошири со нови мерки, ќе обезбедат дополнителни субвенции за набавка на вештачко ѓубриво. Порача дека сите механизми и мерки се ставени во функција на обезбедување на одржливо земјоделско производство и стабилност на храна. Субвенцијата за набавка на вештачко ѓубриво за сончоглед, пченка и ориз се планира да биде 3.000 денари.
Сања Атанасовскаfoto freepik.com
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.