06 Мај, 2024
0.0224

Жената која ги победи банкарите

Објавено во: Стил 19 Февруари, 2013

Добивај вести на Viber

Со милион и половина потписи Ада Колау, активистка за права на луѓето чии „животи се на хипотека“, успеа да го крене на нозе шпанскиот парламент.

Ада Колау се чувствувала како џин кога пред некој ден во парламентот во Мадрид во име на несреќните бездомници со потписи собрани од цела Шпанија барала промена на неправичниот закон за хипотека.

Насилното исфрлање на семејства од нивните станови, истерување на мали деца и старци, самохрани мајки, луѓе кои изгубиле работа не по своја вина, веќе со години е црно секојдневие во Шпанија.

Секој ден, пресметаа активистите на движењето за промена на законот за хипотека, во Шпанија на улица се исфрлуваат 514 семејства. Темпото се забрзува со тежината на кризата, која и почна кога пукна вештачки надуваниот градежно-банкарски балон.

На луѓето се даваа евтини кредити без покритие, градежниците со галантни подароци ги охрабруваа партиите на власт да ги донесат згодно скроените закони. Кога се исфрлуваат на улица, а нивните станови ги запленуваат банките, бездомниците и понатаму се нејзини должници. Дури и ако имаат работа, поради долгот не можат да изнајмат друг стан.

Живот под хипотека, како што се вика една од книгите на Ада Колау, секојдневни самоубиства на луѓе кои добиле некаков налог за иселување, неправда која ја трпат најзагрозените слоеви... сето тоа направи граѓаните да се потпрат едни на други, да се самоорганизираат и од политичарите да бараат промена на законот.

Отпорот на елитата беше очекуван, но и притисокот од базата, тие кои немаат повеќе што да изгубат станува голем.

Предлогот на новиот закон Ада го однесе пред парламентот, банкарите, економистите и други ескперти во парламентот. Бранејќи ги пред нив предлозите за промена, во еден момент го изгуби трпението.

- Вие сте криминалец - му викна на еден банкар во лице, кога тој одби да ги уважи аргументите на милиони луѓе.

Граѓаните бараат банките да престанат да ги побаруваат долговите од иселеното лице во оној момент кога ја продале неговата куќа или стан. Да прекинат со иселување на загрозените луѓе, барем зимата, да им се намалат ратите на една третина од нивните плати, во следните пет години, додека трае тешката економска состојба.

Се крена голема прашина, мнозинската Народна партија со премиерот Марјано Рахој на чело, се закани дека ќе гласа против тоа иницијативата на граѓаните да влезе во процедура.

Сепак, победија самоорганизираните граѓани, а тоа не е заслуга на ниту една партија, како што пред воодушевената маса изјави Ада Колау.

Тоа е само почеток. Трагедијата уште трае. Во минатиот вторник двајца старци се обесиле со налог за иселување во рацете. На Ада Колау и честитаат на борбената отсечност, на тоа што пред парламентот излезе со животните проблеми без етикетирање. Самиот банкар на кого беше упатена навредата воопшто не се смееше.

- Добро е што не ме гаѓаше со чевел - рече за медиумите.

- Ќе биде и тоа - одговорија од организацијата на Ада која е здружена заедно со движењето 15-М со други слични граѓански иницијативи, наречена по 15 мај, датум кога голем број луѓе незадоволни од политичарите и финансиските диктати, го окупираа плоштадот Врата на сонцето во Мадрид.