25 Април, 2024
0.0276

Жириновски- првиот популист на современа Русија

Објавено во: Колумни 11 Април, 2022

Добивај вести на Viber

Минатата недела од Москва дојде веста дека умрел Владимир Жииноски, првиот човек на Либерално демократската партија на Русија(ЛДПР). Многумина, особено помладите, можеби не знаат и не чуле кој е и што е Жириновски. За мене тој е една епоха во руската политика. Стотици политичари кои ја почна својата кариера зедно со него или некоја година подоцна исчезнаа во политиката или се маргинални политичари. Други пак заминаа на оној свет, а сега Жириновски ќе се сретне со нив и ќе продолжат нивните полемики, кавги, подметнувања, само во други околности. Неменливиот лидер на ЛДПР  живееше 75 години. Над 30 од нив во големата политика.

Убаво се сеќавам на мојата прва средба и запознавање со Жириновски. Тоа беше во далечната 1996 година. Асоцијацијата на странските дописници во Москва, од која бев дел и член на нејзината управа, организиравме средби со партиските лидери во 1995 и 1996 година, пред новите предизвици. Пред се’, за изборите за претседател на Русија во 1996 година. Средбите обично беа работен ручек во ресторнот на словенечки „Меркатор“ на плоштадот „Тагањка“. Десетина новинари од Запад, од Далечниот Исток, од Европа имаа можност, да разговараат и да поставуват прашања на Владимир Жириновски.

Тој беше веќе политичка ѕвезда.  Умееше да се прилагоди на разговор со секого. Со обичниот избирач разговараше со еден јазик, со политичарите со друг. Со нас, знаеше дека се среќава со новинари, сакаше максимално да ги претстави своите гледишта кон внатрешната и надворешната руска политика. Да се први многу важен. Да зборува против своите соперници. Демократите да ги обвинува за предавство на државата и продаденост на Западот, пред се’ на САД. За неводењето сметка за заштита на Русите во земјата, но и во балтичките земји и во другите држави од некогашниот СССР. За банкротот на државата, за претворањето на Русија во суровински приврзок на Западот, за распадот на армијата, за сиромаштијата на обичниот човек, за корупцијата...По име и презиме, ги нарекуваше гробари на Русија, Јегор Гајдар, Григориј Јавлински, Анатолиј Чуваис, Сергеј Шахрај...

ИЗОЛАЦИЈА НА РУСИЈА

Зборуваше тој со сласт, со глума, со сите атрибути на човек кој е веќе политичар во вистинска смисла на зборот, премачкан со сите бои. Ширеше популизам, нељубов кон Запад, кон соседите. Тој тогаш заговараше одење на Русија кон југ, југо-исток. Ако Петар Велики ја водел Русија кон северот и кон западот, сега, според него треба да се оди до Индискиот океан. Руските војници да ги мијат чизмите во океанот. Не по пат на војни, туку со гаранции дека никој не ќе смее да ги чепне тие држави доколку се блиски со Русија. Како мировна мисија. Која ќе ги заштити малите држави од уништување. За Жириновски излезот на Индиски океан е „перспектива за развој на Русија во 21 век“. Тој беше за изолација на Русија. На соседите Казахстан, Украина, Белорусија и други да не им продава ефтин гас и да не им помага. Да се води грижа за Русија, пред се, каде што 40 проценти од населението нема гас.

Со олед на актуелноста на војната во Украина интересен е приодот на Жириновски кон односите на Русија со Украина пред речиси 30 години. Во едно писмо до Борис Елцин тој ќе напише: „ Сега кога ги пишувам овие редови  во рускиот град Севастопољ од глад умираат старци и деца. Жителите се приморани уште од три часот наутро да стојат во редици за да ја добијат со купони својата норма леб..“ Жириновски пишува за финансиско економска блокада, откако жителите на Севастопољ позитивно одговориле на прашањето за неговиот руски статус. 89 проценти од населението се изјасниле за тој статус. А на 9 јуни 1993 година, тој бил потврден и од Врховниот совет на Руската Федерација. „Во другиот дел на Крим руското население се подвргнува на дискриминација. Децата во училиштата и студентите насилно ги тераат да учат украински јазик. Целата докментација се води на тој јазик. Дури и весниците излегуваат на украински јазик. А на телевизијата емисиите се на украински и татарски. Медиумите Русите ги нарекуваат „окупатори“, пишува Жириновски до Елцин. Во писмото се спомнува и поделбата на Црноморската флота и проблемите со тоа. Според Жириновски проблемот со Севастопољ и Крим во целост може да се реши едноставно. „Доволно е да се потврди припаѓањето на целата Црноморска флота на Русија, статусот на Севастопољ како руски град и на крај да се изјави дека Крим е неодделив дел од Руската Федерација“, пишува Жириновски до Елцин.

Пред неговата смрт многу медиуми имаа однапред подготвено страници и во нив може да се најде мноштво работи поврзани со Жириновски. Па така има и едно „пророштво“. На прашањето што ќе биде во 2022 година, тој вели. „ Би сакал 2022 да биде мирна година, но јас ја сакам вистината. 75 години зборувам вистина. Таа година ќе биде немирна. Тоа ќе биде година, кога, на крај, Русија одново ќе стане голема земја и сите треба да молчат и да ја почитуваат нашата земја. Во спротивно, тие ќе ни ја затнат устата и ќе ги истребуваат Русите, најнапред од Донбас, а потоа од Западна Русија“. Колку од Жириновски зела актуелната руска политка се гледа сега, но прашање е дали Русија „одново ќе стане голема земја и сите треба да молчат и да ја почитуваат“.

РУСКА ИМПЕРИЈА

Со текот на годините Жириновски не ги менува своите популистички ставови. Се чини како да не созрева. Но тоа е лажен впечаток. Тој ја има усовршено азбуката на популизмот. И затоа обичниот народ гарантира влез на неговата партија во Државната дума. Некогаш е втора сила, некогаш трета. Тој во 2014 година се залага за руска империја. Да не чека Русија да биде нападната, како што тоа го направиле Наполеон и Хитлер. Тој смета дека Русија треба прва да почне, да не чека напад.Се залага за милитаризација, мобилизација на масите и пропаганда. „Од нас треба да се плашат и Киев и Брисел“, ќе изјави тој. Тој пред претседателот Владимир Путин ќе изјави за потребата од руска империја, а нему му вели дека, парафразирам, „ако не сакаш да бидеш император, тогаш врховен раководител, иако Владимир Први би било добро име за император“. Тој жали што во 2014 година до крај не ја „тепале“ Украина. Според него целата државна каса би требало да се користи за војна. И е против министерство за надворешни работи, туку се залага за министерство за пропаганда. Тој уште тогаш, во 2014 година зборуваше дека Русија треба да ги признае Талибанците, што може и да се очекува наредниов период.

Не може да не се каже дека Жириновски е татко на современиот руски популизам. Тој максимално ги користи избирачките технологии, човек кој за се’ имаше одговор, кој во деведесеттите години го зборуваше она што другите политичари се плашеа да го изговорат. Цело време глумеше маргиналец, но добиваше посакувани резултати. Знаеше да се доближи до обичниот гласач. Во 1993 година неговата партија доби најмногу гласови според партиските списоци. Често пати тој се прилагодуваше на ситуацијата и соработуваше со власта. Но неговите приврзаници тоа му го простуваа и го сметаа за најхрабар и најчесен политичар.

Тој и во разговорот со нас, новинарите, ја кажуваше случката со Борис Елцин кога го нашле паднат во река од мост, бидејќи бил мртов пијан. Или пак го имитираше Јегор Гајдар како шлапка кога зборува, а самиот тој прскаше од устата кога зборуваше. Пред нас критики, но кога ќе треба официјално да се гласа за некој предлог на власта, тој ја креваше раката највисоко.  Најсмешен беше во 1993 година во октомвриските немири, кога Борис Елцин со тенкови пукаше по парламентот каде што беа неговите противници од Врховниот совет. Жириновски тогаш ги поддржуваше и едните и другите.И за двата става имаше објаснување!

СОРАБОТКА СО КГБ

Триесет години кариера во политиката полни со популизам не можат да не остават трага во работата на партијата и на Жириновски. Но не само успешна трага со влегувањето во Думата и заземање позиции во регионоите. Станува збор за врски со безбедносните служби, за корупција. Оние кои тој јавно и гласно ги критикува, а подземја, најверојатно, соработува. Соработката со КГБ го следи Жириновски десетици години, но тој не признава, ниту службата.

Има верзија дека на млади години полицијата го фатила за трговија со девизи на црно, па за да не го гонат тој се согласил да биде соработник-кодош. Тој завршил два факултета, меѓународни односи и право. Наводно во 1967 година се осмелил да му напише писмо на Леонид Брежњев, генералниот секретар на КПСС. Дури и му одговориле на тоа писмо. Бил со делегација во Турција, ама тамошната полиција го уапсила, поради тоа што давал значки со Ленин, за кои Турците мислеле дека е Маркс. Но медиумите пишуваат и за друга верзија. Собирање на некои информации. Во наредните години, тој иако не станал член на КПСС, имал убави работи, кои во тоа време се преплетувале со работата на КГБ.

Врската со специјалните служби, велат, била битна за неговиот политички ангажман. Со други зборови, како и во други постсоцијалистички земји, и таму специјалните служби си направиле партија под своја контрола. Но, Демократскиот сојуз бил многу антисоветски и тој не влегол во него, иако учествувал и дискутирал на основачкиот конгрес во 1988 година. Затоа пак во 1999 година се присоединува кон основачите на ЛДПСС, која по 1991 година се преименува во ЛДПР. Партијата била брзо регистрирана, ама во 1990 година Жириновски го исклучиле од неа поради врски со КГБ, но решението не било признато за валидно и Жириновски ја презема партијата.

5,5 МИЛИОНИ ДОЛАРИ ЗА ДЕПУТАТ

Слично е и со „борбата“ со корупцијата на која тој повикуваше. На негово име имало десетици комерцијални објекти куќи, станови и земјиште. Исто и многу автомобили. Модата на „Мајбах“ во Думата тој ја донел. Своевремено на негово име имало регистрирано 122 станови и 227 автомбили. Наводно на тој начин помалку се плаќал данок, отколку да биле пријавени на партијата. Сега пак, се тврди дека Жириновски умрел „сиромашен“. Во декларацијата за имот од 2020 година има пријавено еден стан од околу 40 квадрати и службени простории од 436 квадратни метри дадени на бесплатно располагање и еден старџип „лада Нива“. А во 2018 година имал пријавено четири куќи, неколку земјишта, гаражи базени. Во минатото некои депутати признавале дека ги купиле своите мандати. Ако станува збор за нов човек во ЛДПР, тогаш тој требал да плати околу 400 милиони рубљи (околу 5,5 милиони долари). За реизбор околу 100 до 200 милиони рубљи за партиската каса. Плус дел од депутатската плата, најмалку 10 проценти се даваат за партијата и

фракцијата. Се зборува дека една третина од фракцијата е на предлог на Кремљ. Во фракцијата има партиски спонзори.

Има една легендарна изјава на Жириновски, со оглед на неговото потекло. Тој е евреин по татко. Но никогаш не го признаваше тоа. Кога ќе го прашаа за потеклото секогаш велеше:„Мајка ми е Русинка, а татко ми правник“. Таткото на Жириновски е Волф Исакович Ејдељштајн и е роден во западна Украина. Младиот Владимир на почетокот го носел презимето на татко му, а потоа го зел од мајка му – Жириновски. Тој е роден во Алма Ата, Казахстан. Покрај завршените факултети владее со турски, француски, англиски и германски јазик.

За Жириновски се тврди дека е хазардер, шокантен, скандал мајстор, пресметлив. Но некои негови опоненти ќе речат:„  Ние секако се навредувавме, се каравме, имаше се’ и сешто, но тој беше силен политичар, образован човек и главно, умееше „да игра“ со неедноставната реалност“. Други пак ќе речат дека во текот на 30 години тој ја играл улогата на мајстор на политичката гротеска и на главен руски популист. Дури и вакцинацијата против Коронавирус ја направи опретстава. Внесувајќи во своето тело осум дози од разни препарати. Но тоа не ја спречи заразата од Коронавирус, а потоа тешката болест и смртта.

Во едно интервју во 2010година кај Владимир Познер, на прашањето дали би се согласил на бесмртност доколку ѓаволот му го предложи тоа без какви било услови, Жириновски со одговор: „Да. Со задоволство. Бесмртен. Мечтаам за клонирање. А кога ќе се најдете пред Бога, Владимир Волфович, што ќе му кажете?, праша Познер. „Јас направив се’ што можев. Вратете ме назад, ќе ја продолжам борбата, да помагам на сиромашни, да помагам на сите страдни за да се борат со она што нам ни пречи да живееме. Вратете ме назад – потребна ми е карта за назад. Не сакам да лежам овде во рајска градина. Подобро да бидам некаде во тајга, да одам полугладен, но да помагам на луѓето“, одговори Жириновски. Многумина не би сакале негово враќање ниту во тајга. Дури прашуваат кој е следниот од староседелците во власта?

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД