19 Март, 2024
0.0240

Жива музика.....

Објавено во: Колумни 05 Април, 2020

Добивај вести на Viber

Стриктното почитување на заштитните мерки против пандемијата не ми паѓа воопшто тешко,а верувам и на повеќето наши сограѓани.Мајка ми Јела често ја слушав(не баш ја разбирав во детството,која често гласно коментираше:„Дошло ќа се тргат“).....ова ќе помине,по можност со што помали последици,но животот веќе нема да биде како досега....но,што е тука е.

Се си мислам да прашам јавно и гласно-каква е разликата меѓу изолацијата(не дај боже карантинот и целосниот полициски час) и воениот рок во бивша Југа?И во двата случаја броиш-колку долго си дома и уште колку имаш до крајот?Кога си војник едвај чекаш да дојдеш до стадиумот да се продереш рано по сабајле......ситноооо и да ја запееш адекватната за тоа бројно стање песна„Седамдесет и два  дана....“(не дај боже да дојдеме до тие бројки квачејќи дома).

Музичката илустрација за споредба на двете состојби ми даде и тема за размислување.Уште повеќе откога случајно го сретнав „Кај Бабе“ Драган Вучиќ,непосредно пред короната.Одамна не сме се виделе...како си што си,поздрави ја Весна,алал да ти е на идејата да правиш емисија за Скадарлија и за придружните лапачко-пијачки знаменитости,а се разделивме со моето кусо сеќавање на неговиот татко Миле, познат армоникаш,човек со секогаш пријатен и насмеан лик,таков го паметам  од пред годиништа од Кермес.Во долгите летни изгор вечери седиме со старите на клупите во првиот дел на паркот,веднаш до прастариот објект уште од турско време,слушаме гласна музика и ја мирисаме скарата-кебапите и кромидот,а го слушаме потпевнувањето на гостите и понекое ждригнување од ладното пиво.....Ѓорѓија работеше сам за сите нас дома,а и не беше воопшто за кафана(келнер да види од каршија ќе падне мртов пијан!).

Живата музика беше еден од посебните белези на Скопје на што многумина со тага и радост(истовремено)се сеќаваат.Во годините на лудувањето на генерацијата пред и по мене не можеа да се добројат,а камоли да се посетат објектите со ваков вид понуда-покрај лапачка и пијачка....ако нешто прескочам се надевам на толеранција на тие што душата ми ја вадат кога ме среќаваат и ме прават ваков или онаков ( „и ти си знаел кај била фурната кај Жантевци!!!!!)....Најблискиот објект е кафана Опатија-таму свиреа и пееја плејада наши –Смолски,Трајче драчевец,Бадев и Муарем Сербезовски(Црнокоса Атиџе и Зашто су ти побелеле косе друже),потоа Градска плажа кај газда Никола со малку подискретни гости(ме раззбирате кои...не мора да гледа секој со кого седиш),а таков беше и Хиподром со бузукито на Живко Дуев,бавчата Крушево со специфични гостинки поради близината на железничката станица и терасата на Инвалидски(ако ти е досадно играш билијард два спрата подолу.....Официрска бавча со Вихори на Даниела,браќата и Цуно и Моме(не случајно ни свиреа и на матурската забава,непотизам од Циган Маало),Кампинг и така во недоглед,со други зборови- долг е списокот.....

Алтан на Мравка не беше многу по жива музика,но ми остана во сеќавање.Таму своите почетоци ги имаа Силви и Влатко,понекогаш за кејф пееја Мики Џафер и Гранит од Лева патика,цели вечери пееше и свиреше на органа подоцна познат лекар на нефрологија......кога ќе се кејфлисаше седнат на високо барско столче правеше севдах Тоше Керамитчиевски со„ А што ти је мила кќери јелек распопчан....“,а да не остане покусо сестра му Весна(ја викавме Жико,не знам зошто со џез како да сме во Њу Орлеанс боже прости ми) па Баже со цевката(како што го нарекуваше саксот)дуваше незаборавни и гласни звуци.....во моменти на крајна егзалтација и мерак од Кавадарци се викаа по телефон „Трио гранде“ кои со такси ќе дојдеа,таксистот преспиваше во колата, а Панче и компанија праева лом во знаменитиот објект во адвокатската улица.

Пред крајот на кафанската кариера ми остана во умот настапот на дуото Тефо-Крсте Мањифико и страотниот хит Нели ти стига мојата младост.....Се појави еднаш Цуне Гојковиќ го гушна стариот пријател и го замоли  ајде молим те Малагењу......ја викна Крсто и тој препознатлив рефрен што трае подолго од оригиналниот јужноамерикански го викна српскиот боем без да му затрепери ниедна жила на вратот......како уште да го слушам ехото на живите музики од младоста и не само од неа!  

Мојсо Мојсовски

Можеби ќе ве интересира

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?