02 Мај, 2024
0.0239

Злорадоста е нашиот личен „Титаник“

Објавено во: Колумни 16 Февруари, 2016

Добивај вести на Viber

Злорадоста е неубаво чувство. Не е баш посакувано ниту во личниот, ниту во општествениот живот. Тоа е радување на туѓата несреќа, на туѓата мака. Впрочем, тоа е едно од оние чувства што и личниот и општествениот живот го влечат надолу, ништо добро од тоа не произлегува. Тоа е како и одмаздата – го јаде одмазникот. На ова се сетив после објавените видео-снимки на првоосомничената Гордана Јанкуловска во случајот „Титаник“, како излегува од судот по сослушувањето и коментарите по тој повод. Интернетот вриеше од злорадост. Се радуваа и ликуваа на туѓата мака. Значи да се разбереме – и највиновниот на светот, кога плаќа за својата вина, тој страда. Имено, тоа е смислата на казната – виновникот да страда и да се покае. Во таа смисла најдлабокото човечко е да ви се јави сомилост дури и со најголемиот крвник. Ова е барем мојата перспектива на нештата. И за мене тоа е апсолвирано. Она што во случајов ме интересира – од каде оваа злорадост? Зошто ликуваме? И да одговорам директно - затоа што они ликуваа! Затоа што истите овие на кои ликуваме, своевремено ликуваа на нас. Дури и уште повеќе – владееја ликувајќи. Во неколку наврати сум го повторувал овој став – груевизмот владееше со најлошото во нас. Пледираше на најлошото во нас, владееше со нашите стравови, маани, болести, страдања, маки... Направија систем од сенките во нас – оти самите беа саде сенки. Затоа - како што напишав веќе поодамна во колумните посветени на мојот херој од секојдневието Весела Богдановиќ – тие знаеја само за дисциплина!И за бич! Своите одлуки ги донесуваа во гнев и спроведуваа со гнев, затоа и им требаше бичот. Уште еднаш – груевизмот владееше со најлошото во секој од нас лично, но и со најлошото во мојот народ; со најлошите примероци во него. Сите ние имаме темни моменти и лоша страна – таа е основата на неговиот систем. Поединците што се истакнуваат пак во тоа, го чинат столбот на неговиот систем. Па, погледнете: кои новинари, кои професори, кои доктори...се „со нив“! Најлошите примероци во професијата, како пандан на најлошите страни на личноста. Кога „менаџирате“ со „мрачните“ страни и на поединецот и на општеството и самиот станувате мрачен, вашите алатки за менаџирање стануваат злорадоста и задоволството од туѓите маки. Само тогаш се радувате што „лежел ко говедо со пиштол у уста“, или што гласал за вас под закана дека „ќе заврши во ендек“. Затоа и сета таа пизма и гнев во јавниот простор. Види, бивши премиере – не си баш добар боксер, ако се закануваш, ако ме плашиш и уценуваш. Да, еве јавно ќе признаам, јас (а веројатно и секој нормален човек), можеби и ќе ти се уплашам, ќе запрам, ќе се повлечам, можеби дури и ќе потклекнам. Се разбира. Но тоа не е баш „боксерски“ од твоја страна. Оти знаеш, во спортот, во боксот особено, не е финтата само и по секоја цена и со сите средства да го нокаутираш противникот. Напротив, постојат и достоинствени порази. Не сакаше да го погледнеш најдоброто во мене и мојот народ. Во твоите очи мојот народ беше најлошиот, најкорумпираниот, најподмитливиот...и затоа ти беше доволен само бичот. Сто пати ќе повторам – најлесно е да ги најдете човековите слабости и таму да притиснете. Секој има своја „Ахилова пета“ и не сте баш „фраер“, ако на таа „пета“ владеете. Особено во држава со 30% невработеност, со 1/3 сиромаштија, со нестабилност, социјална несигурност, економска неизвесност...Во таква држава секого,секогаш имате за што да го уцените, да го притиснете на неговата „Ахилова пета“ и да го натерате да игра по вашите ноти. И така владеевте – притискајќи и ликувајќи кога луѓето се виткаа од тој притисок. Ако бевте родители – ќе бевте најодвратните родители на светот. Детето беспоговорно ќе ве слушаше, оти ќе ви се плашеше. Но, немаше да се радува. Затоа сега се злорадуваме! Ете затоа сега оваа злорадост. Оти со најлошто во нас владеевте, најлошото сега од нас излегува. Но, уште еднаш, во секој случај, злорадоста е лошо чувство. Овој народ мора да научи да се радува, а не да се злорадува. Оти вака, вака само ќе се менуваат актерите на кои ќе им се злорадуваме – денес се едни, утре други – а сцената на злорадоста ќе остане иста. Овде мора да се смени сцената, да стане сцена на радост, наместо на злорадост. Злорадоста е нашиот „Титаник“ – колку и да е величенствена, еден ден ќе се сретне со својата санта мраз. Д-р Трајче Стојанов  

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД