26 Ноември, 2024
0.0243

Зошто „бега“ странскиот капитал?

Објавено во: Колумни 04 Февруари, 2013

Добивај вести на Viber

Сардисани од неповолни влијанија од надвор и од внатрешни политички и економски проблеми, нормално е да се бараат светли точки во тековните состојби  во земјата за да се одржи  ниво на расположение кое, во поповолни услови, ќе придонесе побрзо да се надминуваат неповолните текови. Но, како што не е злато се‘ што сјае, така ни некои аргументи,  изнесени со намера состојбите да ги прикажат во подобра светлина, не ги оправдуваат намерите. Напротив, ако се тие единствените, само ја потврдуваат сериозноста на проблемите кои се сака да се минимизираат.

Имено, проблемот со ниското ниво на странски директни инвестиции во 2012 година, кога наместо планираните 350 влегоа само 45.7 милиони евра беше релативизирано со податокот дека ваквата ситуација пред се‘ се должи на големиот одлив на капитал, од страна на странските компании што функцинираат на домашно тло. Значи проблемот се лоцира во одливот на странскиот капитал. Но, доколку продолжиме понатаму и го земеме ова објаснување како веродостојно, ќе констатираме дека на  стопанството не му олеснува констатацијата дека приливот на странски директни инвестиции во 2012 година, сепак, не е толку лош доколку се исклучат одливите на капитал. Повиканите чија цел беше да ги споделат аргументите со намера состојбата да ја прикажат во подобра светлина пресметаа, ако се исклучат одливите на само три компании нивото на инвестициите би изнесувало над 200 милиони евра. И сега, математиката е направена , но она што остава впечаток е дека  сметката е срочена по принципот „што би било кога би било.“ Суштествено е што ваквата пресметка не може да го „подобри“ реализираното ниско ниво на странски директни инвестиции. Салдото (разликата меѓу приливот и одливот на капитал) на странски инвестиции значи големо потфрлање во очекувањата, па и во однос на реализираните во 2011 година. Подобрувањето со други „математики“ нема никакво значење за економијата, бидејќи сметањето е точно, ама сметката е погрешна.

Странските директни инвестиции не можат да се набљудуваат само како прилив на капитал, туку како процес на прилив и одлив на капитал, а салдото го покажува интересот на странците за вложување во домашната економија. Тоа значи дека не треба да се релативизира крајниот резултат, туку да се побараат причините зошто е драстично зголемен одливот на капитал од земјата. Зошто, и покрај сите погодности,  странските инвеститори не се заинтересирани  остварената добивка да ја реинвестираат во земјата, туку ја трансферираат во матичните компании. Веројатно станува збор и за влијание од кризата во домицилните земји на странските инвеститори во Македонија. Во барањето на „внатрешни резерви“  за надминување на неповолните финансиски состојби, матичните компании посегнуваат и по остварувањата на компаниите што дејствуваат во нашата земја. Тоа е нивно право. Но, наша обврска е да знаеме дека тоа е така и дека земјата својот развој не може да го темели, пред се‘, врз странска дополнителна акумулација. Мора да се води сметка за големата мобилност на странскиот капитал. Малку се земјите, особено од недоволно развиените, кои не се погодувани од нагол одлив на странски капитал, било од внатрешни било од надворешни причини или од двете истовремено. Не е за чудење ако, во определен момент, инвеститорите се повлекуваат од земјата. Би било добро тоа да не се случува често и не со големи износи на средства, кои можат да ја нарушат макроекономската стабилност (најпрво со удар на девизните резерви, па потоа и со други мерки, вклучувајќи и промена на интервалутарната вредност на домашната валута). Не треба да се заборави на природата на  капиталот, особено во поглед на брзината на неговото„селење“ од една во други земји. И не е случајно што и Меѓународниот монетарен фонд неодама го промени својот став во однос на слободното движење на капиталот. Согледувајќи ги ризиците од досегашната практика, официјално допушти да се практикуваат определени ограничувања на движењето на капиталот, вклучувајќи и директна контрола. Македонија со законски прописи има обезбедено слободно движење на капиталот. Директните инвестиции од странски  инвеститори се слободни. Ним  им се гарантира сигурност на преносот на добивката, на преносот на финансиски средства добиени со отуѓување и продажба на сопственички дел во директната инвестиција, како и на преносот  на остатокот од ликвидационата маса. Имаат право на надоместок или обесштетување, сразмерно на вложениот капитал, за настаната штета. Можат да вложуваат во недвижности, да вршат упис, да уплатуваат и да тргуваат со хартии од вредност во Македонија и тн. Значи, многу е направено странските директни инвестиции да остануваат што подолго во земјата, но очигледно тоа не е доволно. Во ноември минатата година странските директни инвестиции регистрираа минусно салдо од 9.2 милиони евра.

Ќе констатирам,  не може да се чека  состојбите сами од себе да се променат.  Уште помалку со мерки на контрола кои ќе го задушат и ограничениот интерес за влез на странски капитал. Задржувањето на странските инвеститори претпоставува потемелни реални промени во функционирањето на пазарните односи и демократијата, а не само формално -правни усогласувања со системските решенија во Европската унија, кон чие членство се стреми земјата. Без ефикасно функционирање на правната држава и без успешна макроекономска политика странските инвеститори не се чувствуваат сигурни. Меѓутоа , доколку немаат доверба, и беззначајни настани ги одвраќаат од вложување и ги присилуваат да се повлекуваат во постабилни држави. Само да потсетам дека не е случајно што инвеститорите кои се обидуваат да отворат бизниси во Европа ги претпочитаат развиените скандинавски земји. Сигурно не е случајно што од 2007 година досега во Шведска се влезени 113 милијарди долари, во Норвешка 95 милијарди долари. А во Македонија? И малкуте што доаѓаат, се враќаат.

Д-р Крсте Шајноски

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.