ЗОШТО ЦЕНИТЕ НА МАКЕДОНСКИТЕ СТАНОВИ УШТЕ „ЖАРАТ И ПАЛАТ“ - во последниот квартал поскапување за над 20 отсто, а секаде во светот пазарите се ладат
Објавено во: Економија 10 Јануари, 2023
Становите во Македонија не престануваат да поскапуваат. Народна банка на Македонија го објави податокот за последниот квартал од минатата година, кој говори дека годишната стапка на раст кај становите изнесува 20,6 отсто.
Тоа е огромно зголемување на цената на становите, и е само малку пониска годишна стапка на промена во однос на третиот квартал, кога годишната стапка на раст изнесувала 21,2 отсто.
Всушност, минатата година беше година на убедливо најголеми поскапувања на станбениот квадрат, започнувајќи со годишна стапка на раст од 12,4 отсто во првиот квартал, по што следуваше второто тримесеје со стапка на пораст од 16,5 проценти. Следуваше третиот квартал со своевидна драма на пазарот на недвижности, поскапувајќи ги становите на годишно ниво за 21,2 отсто, и четвртиот, со минорно пониска, но сепак многу висока стапка на раст на цената од 20,6 проценти.
Ако ги погледнеме, пак, стапките на промени на цените на недвижностите во секој кварртал споредено со претходниот квартал, можеме да забележиме дека во четвртиот квартал од минатата година имало највисок квартален раст од 4,8 отсто во однос на третиот квартал, додека, пак, во третиот квартал тоа зголемување изнесувало 4,7 проценти. Највисок квартален пораст од 6,9 проценти имало во вториот квартал од минатата година.
Она што сега се случува во светот, и во Европа, пак, е своевидно ладење на пазарот на недвижности.
Такви информации објавуваа светските медиуми уште во октомври и ноември минатата година. Меѓу нив беше и информацијата дека зголемената инфлација веќе се одрази на странските пазари на недвижности, а оние во САД, Германија и Велика Британија полека се ладат. Во овие земји цената на метар квадратен, ако не паднала, стагнирала.
Во Соединетите Американски Држави, најважниот светски пазар на недвижности, номиналниот раст на цените беше пресметан во вториот квартал од минатата година, но тој беше значително помал во однос на истиот период 2021 година. Причината аналитичарите ја припишуваат на намалената побарувачка и помалите очекувања на инвеститорите за станбени проекти.
Се ладат и пазарите во Европа. Ако во Германија раст на цените е забележан во вториот квартал од 2021 година кој изнесувал речиси 12 отсто, во вториот квартал лани цените на станбените недвижности пораснале за само 2,2 отсто на годишно ниво.
Најголем пад е забележан во Полска или Варшава. Додека цените таму реално пораснаа за 4,5 отсто во вториот квартал од 2021 година, лани пресметаа пад од 7,6 отсто. Пресврт на годишно ниво се случи и во Шпанија, каде што цените пораснаа за 7,1 отсто во вториот квартал од 2021 година, а паднаа за 6,27 отсто во 2022 година.
Фактор го праша Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите, која е причината што во земјава се уште драматично расте цената на недвижностите, кога во светот пазарите веќе се ладат.
Оттаму велат дека овој тренд е ист на целиот Балкан, а растот на цените бил неизбежна последица на поскапувањето на струјата, како и на градежните материјали, но и комуналните такси.
„Анализите кои ги подготвуваме и
анализите во земјите од Западен Балкан покажуваат дека секаде цените на недвижностите
пораснаа, а особено тоа е изразено во главните градови и понаселените места.
Тоа значи дека трендот во земјава и земјите од регионот е ист. Растот на цените
беше неизбежна последица на енормниот раст на цената на енергенсите и
градежните материјали, а според последните сознанија, раст бележат и трошоците
за комуналните такси за повеќе од 40 отсто и за купување на земјиште за градење.
Сите овие ставки директно влијаат на трошоците за изведба, што се одразува на
цената на крајниот производ и на понудата, во услови кога зголемување има и на
страната на побарувачкатана недвижности“, се вели во одговорот што го добивме од Здружението на градежништво.
Оттаму дополнуваат и дека после речиси три години неизвесност, цените на градежните репроматеријали и производи се стабилизираа, а со тоа може да очекуваме стабилизација на пазарот на недвижности, со оглед дека компаниите ќе може да ги планираат своите деловни активности.
„Меѓутоа, во секој случај стабилизирањето на цените на недвижностите според нас подразбира стабилизирање на повисоко ниво, при што цената ќе ги опфати трошоците за изведба, профитот на компаниите и финансиската моќ/подготвеност на купувачите. Стабилизацијата може да се очекува на ниво кое според нашите проценки би значело цена по метар квадратен која е за најмалку 20 – 25 отсто (секако зависно и од местото на недвижноста) повисока од цената пред кризата. Статистичките податоци се всушност потврда на нашите прогнози кои веќе ги изнесовме во текот на претходната година“, потенцираат од Здружението на градежништво за Фактор.
Нина Нинеска-Фиданоска* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.