26 Ноември, 2024
0.0244

Зошто на националните економии им е потребна вистинска светска валута?

Објавено во: Колумни 04 Март, 2013

Добивај вести на Viber

Нема нешто што е толку неопходно потребно за унапредување на меѓународните економски односи, а во истовреме да е толку запоставувано и заобиколувано како што е прашањето на глобалната валута. Земјите чии валути вршат функција на светски пари (долар. фунта, евро, јен), а од тоа остваруваат и определени привилегии (кредитирање без камата) немаат интерес и време да се зафатат со реформирање на меѓународниот монетарен систем, секојпат наоѓајќи изговор во потребата за решавање на тековните проблеми- излез од рецесијата, намалување на невработеноста, забрзување на растот, намалување на нееднаквоста, избегнување на валутни војни  и зголемување на протекционистички мерки и тн. Притоа, секако свесно, се превидува дека трајно решавање на повеќето од овие проблеми не е можно без креирање на глобална валута и соодветни меѓународни институции. Одржувањето на статус кво односите веројатно е можно уште извесен период, меѓутоа, таквото време ќе биде исполнето со неизвесности и конфронтации, кои никако не погодуваат на унапредувањето на објективниот процес на глобализација. Напротив, го кочат и запираат, бидејќи без светско мерило на цените нема услови за рационална меѓународна поделба на трудот, а тие се клучна претпоставка за продолжување на процесот на глобализацијата. Факт е дека фунтата и доларот во 19 и 20 век (респективно) успешно ја обавуваа и функцијата на светски пари, меѓутоа, само како претставници на златото, како стоковни пари. Националните економии на двете земји остваруваа определени привилегии, меѓутоа, имаа и одговорност (да не емитираат повеќе банкноти отколку што објективно можат, на барање на клиентите, да ги конвертираат во злато, во стоковни пари). Имателите на банкнотите секојпат можеа да сметаат дека наведената количина злато на банкнотата им е сигурна, со оглед на стабилноста на курсевите. Инвеститорите во сите национални економии (чии валути беа утврдувани во определена количина злато, а интервалутните курсеви ги одразуваа златните содржини на валутите) можеа долгорочно да ги планираат своите бизнис активности, барајќи од каде можат најефтино да купат, а најскапо да продадат. И не е случајно што во такви услови се  бележи умерен, но континуиран раст на светското стопанство, заснован врз растот на продуктивноста на трудот. Бидејќи, само во такви услови, секоја национална економија   својата позиција во меѓународната поделба на трудот може да ја подобрува преку зголемување на својата конкурентност и искористување на компаративните предности, наспроти современите можности за манипулирање со парите во националните економии (релаксирана монетарна политика) и со интервалутните курсеви (слободно флуктуирачки курсеви) на штета на помалку развиените. Нема сомнение дека е нереално да се бара враќање на системите на златно важење. Меѓутоа, исто така е неодржливо натамошното функционирање на националните споменати книжни валути како мерка на вредноста и мерило на цените и како меѓународни резервни валути, бидејќи се подложни на постојано губење на нивната внатрешна и надворешна вредност, со отворени можности за нивно обезвреднување кое  ги загрозува интересите на другите земји и ги нарушува реалните калкулации при инвестирањето. Некој ќе рече дека тоа досега не се случило во такви размери. Тоа е точно. Меѓутоа, има сигнали кои укажуваат дека стравот од инфлација не е наивен. Не беше таков дури ниту во времето на системот на златно-доларски стандард кога курсевите осцилираа еден процентен поен под и над фиксниот девизен курс и кога доларот беше конвертибилен во злато. Позната е случката кога францускиот претседател Де Гол побарал доларските побарувања на Франција Американците да ги конвертираат во злато. Не се работи за тоа дека на Франција и‘ требаше златото, туку да им покажат на Американците дека доларските побарувања не само што не се конвертибилни во злато (а врз таа поставка ие остваруваа огромни привилегии), туку и дека инфлацијата во САД ги обезвреднува доларите што другите земји ги чуваат како монетарна резерва. Денеска опасноста е уште поголема. Со укинувањето на конвертибилноста во злато и со преминувањето на флуктуирачки курсеви (1971 година) се пристапи кон таргетирање на инфлацијата за да се влее сигурност во стабилната вредност на валутите. Системот функционираше и врз негови основи  се остваруваше и процесот на глобализација. Меѓутоа, заврши со најголема криза по Големата депресија од триесеттите години  на минатиот век. Настојувањата да се одржи постојниот систем само ги зголемуваат опасностите од нови кризи. Уште повеќе што се заговара  наместо досегашната стапка на инфлација од 2% да се таргетира стапка од 4% , па и повеќе. Емисијата на национални пари во функција на светски доведе до зголемување на инфлацијата, до пораст на нееднаквоста во одделни земји и меѓу нив, до пораст на буџетски дефицити  и огромни јавни долгови, до глобални неурамнотежености. На јавна сцена се присутни притисоци кон одделни земји да ги апресираат вредностите на нивните валути (порано јенот, денеска јуанот). Отворено се стравува од започнување на валутни војни преку изведување на конкурентски девалвации. А тоа е почеток на трговски војни. Трајно избегнување на овие опасности е можно само со воспоставување на глобална валута во рамките на посеопфатна реформа на меѓународниот економски поредок. Само на тој начин  може да се избегне генерирањето на глобални нерамнотежи и да се надминат пречките во развојот на светската трговија, меѓународните резерви да не зависат од националните валути, волуменот на резервите да расте во однос на развојот на меѓународната размена, да се спречат анархичните текови на краткорочниот капитал кој постојано ги доведува во прашање паритетите меѓу одделни валути  итн. Да резимирам, повеќе од потребно е светот да се ослободи од практиката проблемите на националните економии  да се претставуваат како светски, и во исто време неопходно е секоја од националните економии да биде подготвена да ја сноси одговорноста за успешното односно неуспешното решавање на сопствените економски аномалии. Не дека доколку се прифати ваквиот концепт проблемите во иднина ќе ги нема, но само така би биле многу помали. Д-р Крсте Шајноски  

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.