05 Декември, 2025
0.0289

Зошто некои иновативни лекови не доаѓаат во Македонија?

Објавено во: Колумни 08 Август, 2025 07:30

Добивај вести на Viber

Автор: Филип Ачкоски, м-р по фармација, извршен директор во фармацевтска индустрија, медицински писател и здравствен едукатор со повеќе од 20 години искуство на пазарите во Југоисточна Европа. ТопЕдукатор.

„Зошто некои современи и иновативни лекови кои спасуваат животи, достапни во другите земји, едноставно ги нема во Македонија?“ Ова прашање, за жал, често го поставуваат пациентите, но и луѓето од бизнис заедницата кои разбираат дека здравјето директно влијае и врз продуктивноста на економијатавоопшто.

Одговорот не е едноставен, но во оваа колумна ќе се обидам да ги опфатам клучните фактори кои ја диктираат достапноста на новите терапии во нашата земја.

Високата цена – главна пречка

Најчестата причина поради која иновативните терапии не стигнуваат до Македонија е едноставна – нивната исклучително висока цена. Многу од новите биолошки и генски терапии чинат од 50.000 до 2.000.000 евра по пациент годишно. Овие цени го надминуваат годишниот буџет на цели одделенија во нашите болници.

Инфо од пракса:

Само еден пациент со генска терапија може да го „исцрпи“ буџетот кој во нормални услови би бил доволен за лекување на стотици други пациенти.

Лимитиран здравствен буџет и проблематичен финансиски модел

Македонија располага со ограничен здравствен буџет, кој не е флексибилен за брзо и едноставно воведување на нови терапии. Додека развиените земји користат модели за преговарање на цена базирана на исходи од терапијата (outcome-based pricing), ние најчесто сме врзани за фиксни тендерски постапки со нагласок на најниската цена.

Тоа во пракса значи дека иновативните лекови остануваат надвор од позитивната листа, бидејќи системот ги игнорира нивните долгорочни придобивки, а ги гледа само краткорочните буџетски импликации.

Недостаток на фармакоекономски анализи и HTA

Во светот, влезот на новите лекови на пазарот е придружен со детални фармакоекономски анализи и health technology assessment (HTA) кои ја оправдуваат нивната вредност и ја потврдуваат долгорочната исплатливост.

Во Македонија, за жал, сеуште не се прави редовна детална економска анализа која би помогнала да се процени вистинската вредност на лекот, а не само цената. Тоа е сериозна системска слабост која ги одвраќа производителите од нашиот пазар.

Забелешка:

Во недостаток на фармакоекономски проценки, наједноставно е иновативниот лек да се отфрли како „прескап“.

Регулаторни и административни бариери

Дури и кога компаниите сакаат да донесат нов лек, често се соочуваат со административни пречки:

·  специфични регулаторни барања,

·  нејасни критериуми за позитивната листа и влез на тендерските листи,

·  ограничен дијалог со здравствените институции.

Ова го обесхрабрува инвестирањето во пазарот кој и без тоа е релативно мал.

Заклучок

Иновативните лекови не се луксуз, туку често единствената надеж за пациентите. Но, нивната достапност не зависи само од цената, туку и од спремноста на здравствениот систем да се модернизира, да воведе рационални фармакоекономски модели и да инвестира долгорочно.

Тоа не е само медицинско, туку и економско прашање кое бара сериозен пристап. Без промени, Македонија ќе остане настрана од најновите медицински достигнувања, што долгорочно ќе ја чини далеку повеќе од тоа што денес го заштедуваме со невнесување на иновативните лекови.

* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:

Можеби ќе ве интересира

Зеленски „под контрола“!

Зеленски „под контрола“!

Топ 10 лекови во светски рамки – и каде е Македонија во овој поглед?

Топ 10 лекови во светски рамки – и каде е Македонија во овој поглед?