Добивај вести на Viber
Анализирано во апсолутен износ, најголеми приливи од СДИ имаат Србија, Бугарија и Албанија, додека Македонија, Косово и Босна и Херцеговина најмалку, се истакнува во одредени анализи.
Странските директни инвестиции во Македонија изнесуваат 96,76 милиони евра во првите четири месеци од 2016 година. Во споредба со истиот период лани, кога изнесувале 98,44 милиони евра, има намалување за околу 2 милиони евра.
Експертите сметаат дека ниското ниво на инвестиции и лани и годинава е резултат на политичката криза во земјава
-Падот почнува некаде од половината на претходната година. Инаку од 2011-та година има пад од година во година. Всушност не е ниту за изненадување намалувањето на странските директни инвестиции. Од кога почнаа бомбите, владејачката партија требаше веднаш да направи промени во раководството. Наместо тоа, тие почнаа да се вплеткуваат во замки. Прво се вадеа на странски служби, па потоа снимките беа неовластени, па беше виновна опозицијата. Кој инвеститор ќе сака да инвестира во хаотична ситуација и во поглед на законите и во поглед на продуктивноста на луѓето ако најпродуктивните граѓани се на улиците протестираат или се во домовите загрижен за ситуацијата? Парадоксално е што една партија е на власт 10 години, а сите овие години им е крива опозицијата. Сите тие конфликтни ситуации, нејасни пораки што се праќаат за деловната клима, сето тоа влијае на сите инвеститори вклучително и на странските инвеститори кои бараат политичка стабилност. Тоа се сигнали за странските инвестиции да ги намалат постоечките инвестиции или да не инвестираат, изјави неодамна Венко Глигоров, стопанственик.
Лани во земјава влегоа 157 милиони евра. Во 2014-та година беа инвестирани 205 милиони, а во 2013-тата година 252 милиони. Во 2007 година странскиот капитал изнесуваше 506 милиони.
Странските инвеститори добиваат низа поволности во земјава, од разни даночни олеснувања до државна помош. Но и по осум години институционална тајна остана која странска компанија колку државни субвенции добила.Едно од истражувањата на Центарот за економски анализи покажа дека едно работно место во периодот од 2007 година до 2014 година ја чини државата 21 000 евра.
Клучниот адут на Владата за моделот за привлекување на странските инвестиции е дека ќе се зголеми вработеноста и растот на економијата. Податоците од НБРМ покажуваат дека последните три години се намалува учеството на странските инвестиции во бруто-домашниот производ. Така ако во 2013 година учеството на странските директни инвестиции во БДП било 2,8 проценти, лани тоа изнесувало 1,9 проценти.
Инвестициите споредени со другите земји, во Македонија се меѓу пониските.