Добивај вести на Viber
Со усвоениот ребаланс на Буџетот пред три месеци, Владата посегна по кратење на капиталните инвестиции, додека од друга страна ги зголеми расходите за социјални транфери и за плати и надместоци, а се зголеми и ставката за отплата на камати по основ на долгови.
Вториот ребаланс на Буџетот 2016 година, пак, од август 2016 година ја рефлектира новонастанатата состојба на потреба од трошења за санирање на последиците од природната катастрофа што го зафати Скопскиот регион во истиот месец.
„Притоа, ребалансот го зголемува износот на "стоки и услуги" за околу 2 милијарди денари, чие финансирање е предвидено преку зголемување на дефицитот, наместо преку кратење на други тековни трошоци.
Проектираниот дефицит на буџетот за 2016 година се искачува на 4% од БДП“ се вели во известувањето на Фајнанс тинк.
Според податоците дополнителните 2 милијарди денари ќе се обезбедат од депозитните сметки на владата, кои претходно се дополнија со износот на еврообврзницата во износ од 450 милиони евра. За експертите е нејасно зошто Владата не влезе во кратење на некои непродуктивни расходи, и така да дојде до пари за оштета на поплавените туку мораше повторно да се задолжува.
Постојат редица на проекти што трпеа одложување, пред се од проектот Скопје 2014 сметаат експертите.
Вака само ќе се зголемат отплатите на камати за нови кредити, а македонската економија тоа тешко може да го издржува.
Со претходно ребалансираниот Буџет, Владата најави повлекување на кредитни средства за исплата на обврски произлезени од изградбата на Коридорот 10 па така, во буџетот се наведе:
“Обезбедување на дополнително повлекување на кредитните средства за навремена исплата на обврските кои произлегуваат од интензивната градба на Коридорот 10“.
Повеќе пари ќе има за проектот гасификација, но во исто време ги намали средствата на пример за изградба на хидросистемот Злетовица, потоа намалување има и кај капиталната ставка “Инвестиции во железничката инфраструктура“, за Слободните економски зони, за изградба на дел претходно планираните водоводни и канализациони мрежи како и за за реконструкција и доградба на објекти на Јавните здравствени установи.
Со ребаланс на Буџетот, годинава капиталните раходи се намалија на 366,6 милиони евра. Во првичниот Буџет, оваа ставка беше позиционирана на 412,1 милион евра и во однос на оваа проекција, реализацијата на капиталните расходи заклучно со првата половина од годинава изнесуваат 24,2%.