Добивај вести на Viber
Струјата купена на слободниот пазар е повисока од регулираната што се уште ја плаќаат околу 150 компании во земјава, кои имаат над 50 вработени и годишен обрт од околу 10 милиони евра. Иако вториот пакет од либерализацијата на пазарот на електрична енергија Владата планираше да го спроведе уште во 2012 година, оттаму дури сега признават дека сите инволвирани страни во процесот се уште не се “наштимале“ и изготвиле “неподготвени анализи“.
Речиси 150 македонски фирми втора година по ред куртулуваат од купување струја на слободен пазар, по пазарни цени. Вториот пакет на либерализација на пазарот на електрична енергија се одложува четврти пат. Според првичните најави околу 150 индустриски потрошувачи од 01 јануари 2012 година требаше да станат квалификувани потрошувачи, што ќе им овозможеше да купуваат струја на слободен пазар.
Иако најавениот почетокот на часовното балансирање на струјата за 150 компании се одложува речиси две години, Владата дури сега признава дека се уште сите инволвирани страни во процесот не се “наштимале“ и изготвиле “неподготвени анализи“. Втората фаза од либерализацијата на пазарот на електрична енергија, каков што го конципирале одговорните, ќе доведел до значително поскапување на струјата, призна министерот за економија,
Ваљон Сараќини.
“Од последните анализи коишто ги направивме во Министерството за економија јасно и прецизно може да се види дека, уште еднаш ќе кажам, од избрзани одлуки, од неподготвени анализи може многу лесно да дојде до покачување на цената на електрична енергија и тоа за дури 20% за индустријата односно за бизнис заедницата, додека за граѓаните ова покачување би било до 25%. Како Влада нема да дозволиме ова да се случи без да направиме дополнителни анализи, изјави Сараќини.
Со сосема спротивно тврдење неодамна излезе претседателот на Македонската енергетска заедница,
Кочо Анѓушев. Тој тврдеше дека компаниите се добро информирани, подготвени и точно знаат што треба да се случи.
“Очекуваме дека со примената на либерализацијата на пазарот на електрична енергија трошокот за енергија кај овие компании просечно ќе се намали помеѓу 20% - 25%. Законот е донесен во 2012 година. Либерализацијата требаше да почне од 1 јануари 2013 година, но се одложи од 1 јули. Дали ќе има ново одложување ќе треба да се произнесе пред се Регулаторната комисија за енергетика. И без разлика на тоа дали ќе има или не одложување ние се обидуваме компаниите да бидат подготвени за тој чекор на либерализација“, изјави Анѓушев.
Зошто и до кога ќе се одложува целосната либерализација на пазарот на електрична енергија во Македонија?!
И на 1 јануари 2013 година компаниите куртулија од обврската да почнат сами да купуваат струја на слободниот пазар. Добија нови шест месеци за да се “наштимаат“ околу примената на новите пазарни правила за електричната енергија. Струјата купена на слободниот пазар е повисока од регулираната што се уште ја плаќаат 140 компании во земјава, кои имаат над 50 вработени и годишен обрт од околу 10 милиони евра.
Поголемата либерализација на пазарот на електрична енергија ќе значи и балансирање на потрошувачката на струја на часовно ниво, наместо како досега на месечно ниво. Од Владата неодамна најавија и дека можно е да се интервенира во пенализирањето на компаниите во случај да отстапат од најавената и потрошена струја во текот на денот.
Но, со одложувањето на новите пазарни правила за електрична енергија, Македонија ги прекршува и препораките на Европската енергетска заедница според кои пазарот на електрична енергија мора да се либерализира - за малите компании до 2012 година, а за домаќинствата до 2015 година. Големите компании веќе купуваат струја на меѓународниот пазар.
Се купува ли социјалниот мир со одложувањето на либерализацијата на пазарот на струја?
Познавачите за Фактор коментираат дека излегувањето на компаниите на слободен пазар ќе значи и крај на практиката цената на струјата да биде социјална категорија. Дел од компаниите кои доминантно работат на струја стравуваат дека тоа ќе ја загрози одржливоста на бизнисот. Додаваат дека во време на намалена ликвидност, слаба конкурентност, намалени нарачки од странство, зголемувањето на цената на струјата драстично ќе им го поскапи работењето. Велат дека ако купуваат струја на слободниот пазар, ќе им се зголемат трошоците за најмалку 15%. Тоа автоматски го загрозува проектираниот економски раст од 2% за 2013 година.
Дека либерализацијата на пазарот на електрична енергија може да значи и поголем трошок за помалите фирми неодамна изјави и вицепремиерот за економски прашања,
Владимир Пешевски.
“Либерализацијата на регионалниот енергетски пазар, обврска што Македонија ја презеде со стапувањето во енергетската заедница, во определени сегменти ќе донесе придобивки, како што е привлекувањето повеќе странски инвестиции во оваа област. Но, тоа значи и дерегулација на цената, односно наредните години може да се очекува притисок за зголемување на цената на струјата“, изјави Пешевски.
Дел од компаниите признаваат дека во моментот не се подготвени да излезат на нерегулираниот пазар, кој нуди поскапа струја.
“Во нашите трошоци струјата учествува со над 60%. Либерализацијата ќе значи и поскапа струја, но ако целта ни се ЕУ и европските пазари, мора полека да се адаптираме на условите, не одеднаш. Ние како компанија се подготвуваме за либерализацијата. Колку што можеме ќе вложиме во заштеда на енергија“, изјави неодамна
Симон Наумоски, претседател на Управниот одбор на Витаминка од Прилеп.
Од кумановската фабрика за челични конструкции Стилкон пак, сметаат дека е можеби подобро побрзо да се отвори пазарот за електрична енергија, затоа што тогаш ќе склучуваат годишни договори со трговците, кои не мора да значат и поскапа струја.
Пресметките на Стопанската комора покажуваат дека струјата има најголемо учество во цената на производот во прехранбената индустрија (10%). Во металната индустрија и во електроиндустријата има учество од 3%, а во текстилната, дрвната и во индустријата за хартија од 2%.
К.П
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.