4 кредитни линии за туризам и хотелиерство:Под какви услови се даваат парите?
Објавено во: Економија 05 Јануари, 2013
Обезбедени се четири кредитни линии за долгорочно финансирање за купување, изградба и адаптација на мали сместувачки капацитети до 70 легла со стандард не поголем од оној кој е определен со три ѕвезди, информираше денеска владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев кој ова го најави како проект кој е дел од Програмата на Владата за 2011-2015 година.
„Владата преку четири кредитни линии под поволни услови со прифатлив и разумен рок на отплата и вклучен грејс-период помага при купување, изградба или адаптација на сместувачки капацитети. Се работи за поттикнување на отворање на нови сместувачки капацитети кои особено во европските држави се масовно искористени и претставуваат значаен дел од обртот на средства во светскиот туризам, а претставуваат и модел за развој на малиот и среден бизнис“, посочи Ѓорѓиев.
Владата на минатата седница обезбеди четири финансиски инструменти - кредитни линии кои може да се користат за таа намена, рече Ѓорѓиев и ја објасни секоја од нив:1. Првиот финасиски инструмент значи користење на евтината кредитна линија на Европската инвестициона банка во специјален договор со Македонската банка за поддршка на развојот. Договорено е определен квантум од овие средства, од третата транша од 100 милиони евра да бидат употребени за овој проект. Минималниот износ на средства кои крајниот корисник може да го искористи е 10.000 евра, а максималниот износ е 3,5 милиони, со рок на отплата до 8 години и вклучен грејс период до 24 месеци, од денот на подигнување.
Каматната стапка е 5,5 отсто и неа дополнително ја субвенционира државата. Таа останува фиксна во вкупниот период од 8 години. Овие средства може да се искористат за купување на материјални средства, недвижности - купување, изградба и адаптација на сместувачкиот капацитет, опрема од хотелиерството и обртни средства не повеќе од 30 отсто од вредноста на кредитот, како и инвестиции во нематеријални средства, развој, планирање и финансирање во фаза на конструкција, како и трошоци на плати и останато.
2. Вториот финансиски инструмент е инвестициска кредитна линија РФ (Револвинг фонд од Италијанската стокова кредитна линија). Каматната стапка е фиксна и изнесува 6 %. Износот на кредитот за крајниот корисник се движи од минималниот износ 40.000 евра, а максималниот износ 500.000 евра. Рокот за отплата е 6 години, а грејс период изнесува 12 месеци.
Намената за користење на овие средства е набавка или изградба на постојани средства вклучително и купување, изградба и адаптација на мали сместувачки капацитети и за обртни средства.
3. Третиот финансиски инструмент е Посебен Кредитен Фонд со гарантна шема. Минималната сума која може да се повлече е 10.000 евра, а максималната 300.000 евра. Рокот на отплата е до 8 години, со грејс период 12 месеци, а ако крајниот рок е до 3 години тогаш максималниот вклучен грејс период е до 6 месеци.
Седумдесет отсто од средствата ги дава МБПР, а 30 отсто комерцијалните банки за што е направен претходно договор кој, како што рече, го поддржуваат. Каматна стапка е 6,75 отсто. Во случај на неможност за поврат на кредитните средства од страна на корисникот, државата отплаќа значаен дел од кредитот, што овозможува комерцијалните банки полесно да одобруваат кредити.
4. Четвртиот инструмент финансискиот инструмент е МСП-МБПР кредитна линија. Специфична кредитна линија е денарска, минималниот износ на кредит е 15. 000 евра, а максималниот 500.000 евра. Рокот на отплата е до 8 години, со вклучен грејс период до 12 месеци и максимална крајна каматна стапка 8 отсто, а директно се аплицира кај МБПР и полесно се добиваат средствата. Намената за користење на овие средства е набавка или изградба на постојани средства вклучително и купување, изградба и адаптација на мали сместувачки капацитети и за обртни средства до 50 отсто од вредноста на кредитот.