29 Септември, 2024
0.0326

500.000 евра се дадоа за реклами, а колку е безбеден сообраќајот во земјава?

Објавено во: Анализа, Македонија 05 Април, 2015

Добивај вести на Viber

Бројот на загинати во сообраќајни незгоди во 2013 година изнесуваше 198 лица или 9 жртви на секои 100 илјади жители, додека во 2014 споредбено со преклани оваа бројка е намалена за 74. Околу 25 % од вкупниот број на жртви во сообраќајни несреќи се пешаци. Во изминатата 2014 година од 124 лица загинати во сообраќајни несреќи 35 се пешаци. Оваа година, 2015, од 23 загинати лица 7 се пешаци.

Само во последните три месеци сообраќајните несреќи го однесоа животот на 23 лица.

Во септември 2014 Владата издвои неверојатни 500 илјади евра за реклами во кампањата за подигнување на свесноста на граѓаните за безбедноста во сообраќајот кои пари беа наменети за предавања во училиштата, едукативни спотови на телевизиите и радијата, интернет реклами, како и летоци и билборди.

Кампањата која беше започната ги имаше за цел - потребата за подигнување на јавната свест, укажување на значителната бројка на жртви и повредени во сообраќајни незгоди, како и потребата од превенирање и укажување на последиците од несaкани незгоди во сообраќајот.

Поентата беше да се даде на значење и поголема свесност кај факторот човек дека почитувањето на правилата покрај тоа што секогаш е добро, рационално и исправно пред се и во оваа смисла претставува заштита за самиот човек, за неговото здравје и за неговата безбедност. Со почитувањето на правилата се почитува и животот.

Загубата на човечки живот во сообраќајна несреќа преставува ненадоместлива загуба, загуба за семејството и за нивните блиски, загуба за општеството, но и сериозна загуба за државата од општествен, економски и социјален аспект, при што економските аспекти достигнуваат и до 2% од националните буџети.

Податоците покажуваат дека во светски рамки бројот на жртви изнесува околу еден милион и триста илјади жртви годишно, или како секој ден да паѓаат по десет авиони Џамбо џет со триста патници.

За жал податоците покажуваат дека на патиштата во Република Македонија секој втор ден згаснува по еден живот.

Сообраќајни незгоди кои што се случија изминатата недела уште еднаш го потврдија фактот дека за жал токму пешаците и младите возачи се најризични и најзагрозени учесници во сообраќајот на патиштата, па колку Кампањата на Владата влијаеше кај луѓето и ја крена нивната свест?

Факт е дека возачите и учесниците се тие кои треба најмногу да внимаваат на однесувањето и безбедноста во сообраќајот, но тој сообраќај треба да биде регулиран, дали поригорозно или со драстични мерки, ама едно прашање не мачи, каде се надлежните да го регулираат сообракајот, каде е полицијата на терен секој ден, да ги контролира возачите?

За време на презентацијата на кампањата пемиерот рече дека поголем акцент ќе се стави на превенцијата. Но, освен едукација ќе има и казни. Полицијата ќе ги засили контролите. Полицијата не постои само да пишува казни и да доаѓа на местото на несреќата само откако ќе се случи лошото и кога ќе биде празна државната каса, полицијата треба да биде нон стоп на улиците, малку ли имаме вработени сообраќајци?

Но, ајде ќе преминеме и преку тоа и ќе се надеваме дека ќе се смени нешто.

Разбудете се и заборавете на шоу програмот кој ви е пласиран секојдневно. Погледнете околу вас. Направете споредба со останатите држави и ќе видите дека работиве кај нас не штимаат. Треба да наведнеме глава од срам, бидејќи преку нашата апатија и незаинтересираност да работиме за нашата земја да стане нормално место за живеење, од некаде мора да почнат промени, а кој ако не граѓаните не се изборат за Закон кој ги штити во вистинска смисла на зборот.

Оваа состојба може и мора да се надмине! Зависи од секој од нас, од секој член на нашето општество, од секој возач на автомобил, на велосипед, на мотор, од секој пешак и од секој учесник во сообраќајот. Невниманието е немилосрдно, може да наштети на секого.