28 Ноември, 2024
0.0134

70 години слободно Скопје! Мали битки за голема победа!

Објавено во: 13 Ноември, 2014

Добивај вести на Viber

“Да живее 13 Ноември, да живее мирот  и слободата” -ова се зборовите кои и по седумдесет години одекнуваат во мислите на Трајко Стаматовски, еден од учесниците во борбите за ослободување на Скопје. Тој за Фактор, раскажува за еланот, желбата и поривот на тогаш  младите партизани кои своето детство го паметат со пушка во рака, рамо до рамо со повозрасните борци во операцијата за ослободување на главниот град. И денеска вели се свежи спомените за неговите соборци, другари и другарки кои со парче леб и главица кромид знаеле да се радуваат на новиот ден, идејата за слободата  и непокорливоста. 13-ти Ноември 1944-та –студено утро и слаб снег. Страв, неизвесност, одлучност-овие испреплетени емоции за тогаш деветнаесет годишниот партизан Стаматовски,  биле она што го натерало да чекори кон крајната цел-ослободување на Скопје. “Борбите претходно траеја со денови. Младинците распоредени во третата, 12 и 16-та бригада со сета енергија сакаа да помогнат во борбата  за ослободување на Скопје. Свиреа куршуми на сите страни. По заобиколен пат одевме на заземање на Народната банка. Стигнаа и борците од третата бригада. Борбите се разгоруваа. Се заземаше објект по објект. Најжестоки борби дванаесетатта бригада водеше  кај Офицерскиот дом, , поштата, хотелот „Македонија“ и кај други објекти во кои беше   окупаторската војска. Една од последните борби беа за  женската гимназија која се наоѓаше кај Владата, за која  се водеа борби за секоја училница. Голема битка се водеше кај Старата железничка станица каде Германците беа присилени да се предадат. Нивниот командант неможеше да се помири со поразот и се самоуби. Голем отпор имаше и кај поранешната Учителска школа која се наоѓа кај денешната општина Центар, но окупаторските војски ги разби 12-тата бригада” -се сеќава борецот Трајко Стаматовски. Младите борци во борбата за ослободување на главниот град оделе докрај, до остварување на крајната цел –слободата,  иако знаеле дека можеби за многумина тоа ќе биде последната средба со своите соборци. Диверзантски групи-организирана акција! Помош вели Стаматовски,  добивале од диверзантските групи кои го знаеле секое ќоше од градот, успеале да ги прекинат телефонските врски, а голем дел од нив знаеле како да се вклучат во групите за деминирање. Нивна заслуга е, се сеќава, операцијата за спасување на Камениот мост кога успеале да ги пресечат каблите и да го спасат од минирање. Една од групите во која имало вешти борци успеале да ја спасат и браната на Матка, бидејќи во последните обиди на наепријателот еден од плановите бил и рушење на браната која требало да го потопи Скопје. Овие акции, се сеќава, уште повеќе го зајакнале духот на младите партизани, ја поттикнале енергијата и победоносниот дух да се оди кон целосна победа и ослободување на главниот град. Неколку дневните борби окупаторот ги водел со последните единици и  припадниците на 22-та гренадирска германска дивизија, составена од 47-от и 65-от полк и делови од 11-та воздухопловна десантна дивизија, како и со германската тврдинска бригада „Ангермилер“ која била распоредена пред Качаничката клисура.Патот на окупаторските војски, се сеќава им го попречиле од  Куманово кое било веќе слободено, па Германците се извлекувале  само од  Качаничката клусура кон  Блаце, но таму  ги чекала  во заседа шестата бригада. Патот до победата послан со цвеќе и солзи радосници! По растурањето на окупаторските редови, борците кои учествувале во ослободувањето на Скопје победата ја дочекале со своите сограѓани. Велат прв пат по долго време се вратила насмевката на нивните лица. За миг ги заборавиле, гладот и студот, непроспиените ноќи. Борците  победоносно на коњи гордо поминале низ градскиот плоштад каде што граѓаните ги поздравиле со солзи радосници и  цвеќиња. “Нема поискрена, потопла и поемотивна слика од онаа кога во прегратки не згрижија нашите сограѓани, мајки, роднини. Ние сепак бевме нивни деца кои со месеци живееја далеку од дома со малку храна и облека но со една мисла, да се стигне до слободата.На гордоста и радоста им немаше крај. И по седумдесет години се сеќавам дека тој ден беше најубавиот и најсреќниот во нашите млади животи. Ние бевме креатори  на мала битка, но голема борба-за слободно Скопје”-вели  Стаматовски. Стаматовски:Не дозволуваме други да се китат со туѓи перја! Она што е најважно за еден од добро познатите филолози и првите луѓе на Сојузот на борци Трајко Стаматовски, е кога се зборува за минатото и историјата   има реална  потреба од изнесување на вистината на виделина. Во виорот на војната, во борбата за ослободување на Скопје, според него  имало обиди неколку бугарски единици победата над окупаторот и ослободувањето на Скопје да си го препишат како своја заслуга. Ова,  вели борецот Стаматовски,  “не го дозволивме тогаш, а нема ниту денес”! Најголемата и најтешката битка според борците била извојувана на 13 Ноември 1944-тата година. По Скопје, останале неослободени градовите Тетово и Гостивар. Борците велат дека овие денови вечно ќе останат запаметени од оние малкумина кои останале како живи сведоци да говорат за едно време кое ја пишувало историјата на главниот град, на македонскиот народ. Иднината за која својот живот го положиле осумдесетина млади борци кои ги водела единствената мисла-слободно Скопје, онакво какво што тие го сакале за себе и за своите поколенија, онакво како што очекуваат да биде и во иднина за младите кои треба да ја сакаат и чуваат својата земја, а надлежните да им го овозможат вековниот аманет и целта на борбата за слобода платена со скапите човечки животи-достоинствен и слободен живот. С.Б.

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.