„8 март треба да е одраз на нашата култура и подарување безусловна љубов кон оние што не опкружуваат“: Мимоза Рајл

Објавено во: Стил 07 Март, 2025 11:15
Прво освојува со убавината и позитивниот пристап, како одраз на културата и воспитанието, а потоа со нејзината елоквентност стекната со титулата доктор по филолошки науки. Разговор со Мимоза Рајл за „Женски магазин“, авторка на неколку книги како “Охридската книжевна школа” , “Светлината на убавината и уметноста” , “Соништата на писателот“, а ја подготвува „Хармонија на духот“...
Потписник е на многу стихозбирки, есеи во стручни списанија, критики на драмски и музички дела, како и колумни, Рајл од неодамна е на работното место - советничка за култура на премиерот Христијан Мицкоски.
Но, пред се таа е вистински пример на жена која ги доживеала на најубав и најсуров начин и љубовта, бракот и мајчинството. По разводот лавовски се соочува со секојдневното битисување како самохрана мајка на Тим (17) и Лукас (16) Рајл.
ЖМ: Го сакате ли 8 март? Каков е вашиот однос кон овој празник?
Во моето семејство посебно се негува култот на жената и таа е многу почитувана. Мојата мајка Бранка Циривири – Антоновска беше првата жена уставен судија исто така во тогашната федерација и имаше многу успешна политичка кариера. Од мала ги слушав и читав приказните за Клара Цеткин која како член на Социјалистичката партија уште во 1889 година се борела за правата на жените. Движењето за правата на жените кое започнува да се шири во Германија, Австрија, Швајцарија и Данска, успева веќе во 1911 година 8 март да го прогласи за меѓунареден ден за жената, по онаа позната конференција во Копенхаген претходната година.

Но, за жал, барем на балканските простори жената денес не го живее своето целосно достоинство. Овој празник кај нас се сведува на скапи подароци, одење по кафеани, или излети во соседните држави, но ништо суштинско не се менува. Имаме и една друга парадоксална ситуација кај помладите жени. Младата жена денес ја изгуби својата тајна и мистериознот во лавиринтот на егзибиционизмот и ниските страсти. Како таква, таа веќе не извор на инспирација во создавањето на големите уметнички дела како во минатото. Денес жената почна и да го имитира мажот и наместо мажот и жената да се комплементарни и да формираат една хармонична, љубовна коегзистенција, тие станаа ривали, непријатели кои што се мразат во докажувањето на своето его – кој е подобар. На оваа точка тие почнуваат да се презираат помеѓу себе, а токму презирот ве уверувам, е причината за најголемиот број на разводи. Животот во рингот на натпреварот е заморен, тежок и пеколно неподнослив. Жената мора да се врати на себе си, на својата главна природа и да воспоставува светлоска хармонија во домот, а мажот да ја создава сигурноста. Денес улогите се измешани и токму тоа е причината за дезоријентацијата на младите брачни парови и се поголемата одбивност за живот во заедница. Во таа смисла, 8 март треба да е одраз на нашата култура, односот према животот и подарување безусловна љубов кон оние што не опкружуваат, показател на почит, хармонија и толеранција. Доколку почитта ја нема, тогаш и самиот празник ја губи својата смисла. Секоја жена заслужува да биде сакана и почитувана и не само на овој ден. Кога Достоевски еднаш на својата сопруга и рекол “Ана Глигориевна Достоевска, ве љубев и никогаш не ве изневерив дури ни во мислите”, помислувам токму вакви подароци за 8 март добиваат среќните жени, а оние другите добиваат скапи.
- За прв пат во нашата историја имаме жена претседателка, една прекрасна личност со остар ум, стамена појава, авторитет и енормно знаење и мудрост. Да, мислам дека токму таа треба со сето она што го носи во себе да биде инспирација на другите жени и тие да се охрабрат и да го следат нејзиниот пат. Можеби Балканот е простор каде што процесите се движат бавно, но конкретно во Македонија сега дојде на власт една нова мудра генерација на политичари, кои таквите веќе застранети и анахрони балкански сфаќања посебно околу половата доминација и дискриминација целосно ги има надминато.
ЖМ: Како Вие ја доживувате македонската жена?
- Постојат два екстрема барем во поновата историја на Македонија во однос на женското прашање. А тоа е метафората на жена –жртва и жена најблаго да кажам бунтовничка. Третиот тип е љубената жена и онаа која љуби, а таа по самата дефиниција е среќна. Но, кај постарата генерација во Македонија среќавам жени кои што се жртви и во името на некој поголем идеал останале во бракот иако таму не се среќни. Тие не ги сакаат своите партнери или сопрузи, што за мене не само што е зачудувачко, туку е и непоимливо.