АД ЕСМ отповика тројца директори - членови на Управниот одбор
Објавено во: Економија 28 Мај, 2021
АД
Електрани на Северна Македонија донесе одлука да отповика тројца директори -
членови на Управниот одбор на државната енергетска компанија која е најголем
произведувач на електрична енергија во земјата.
Отповикан е Фатмир Лимани како заменик генерален директор на акционерското друштво, поранешниот пратеник Марјанчо Николов како директор за комерцијални работи и Ѓорѓи Михаилов, директор за правни и општи работи. Иако „Фактор“ се обиде да стапи во контакт со лицата за односи во јавност со АД ЕСМ, за да побара објаснување, во тоа не успеа.
Во Централниот региостар е наведено дека се работи за одлука за отповикување донесена на 25 мај, а наедно и назначување на нови членови на нивното место. Засега се назначени само двајца - Имер Зенку на местото на Лимани како нов заменик генерален директор, и Данчо Стојановски како директор за комерцијални работи на местото на Николов.
За Имер Зенку е познато дека e експерт по Енергетска економија на Тетовскиот универзитет. Лимани, доскорешен висок функционер на владеачката ДУИ, претходно поднесе оставки од сите функции во ДУИ и најави самостоен политички настап, поради, како што објасни, несогласување со политиката на актуелното раководство на партијата, иако е близок роднина со лидерот Али Ахмети.
Ваквата одлука на поранешно АД ЕЛЕМ доаѓа во време кога јавноста очекува ново поскапување на струјата. Владата веќе размислува да се намали стапката на Данокот на додадена вредност (ДДВ) кој граѓаните го плаќаат на испорачаните сметки за струја откако ќе псокапи наесен електричната енергија. Според информации на Фактор веќе почнале пресметките за тоа колку откажувањето од дел од овој данок ќе го чини буџетот.
Во моментов не е познато официјално билансот на приходи и расходи на АД ЕСМ за минатата година, а единствено опозицијата од свои извори тврдеше дека се работи минус од десетици милиони евра остварени во 2020.
Зголемените трошоци кои ги имаат енергетските компании оваа година можат да донесат нова цена на струјата за граѓаните од јуни или јули. Регулаторната комисија за енергетика допрва ќе одлучува, но речиси сите доставиле барања во кои прикажале поголеми трошоци. Од комисијата велат дека посебно внимание ќе се посвети на направените и планираните трошоци на компаниите. За минататa година МЕПСО прикажа загуба, а во очекување на ланскиот извештај на Елекстрани на Северна Македонија, (ЕСМ) сите очекувањa се дека и производствената компанија ќе биде во минус.
А.К.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.