29 Септември, 2024
0.0242

Академската фела застана на страна на штрајкувачите: УГД Штип треба да ги врати на работа професорите!

Објавено во: Анализа 12 Јули, 2014

Добивај вести на Viber

Случајот со тројцата професори од штипскиот универзитет ја бранува академската јавност. Прв пат во македонската историја образовни работници штрајкуваат со глад. И покрај позитивните рецензии, наставничкиот совет на чело со деканот Ристо Фотов на економскиот факултет донесе одлука да не ги избере професорите Крсте Шајноски, Маргарита Матлиеска, Александар Костадиновски. Толкувањата на академската фела засега одат во одбрана на тројцата професори. Ви ги нудиме размислувањата на универзитетските професори Јове Кекеновски, Татјана Стојаноска Иванова, Ненад Новковски, Роберт Димитровски. Претходно професорот Томе Неновски изјави дека Факултетот во Штип треба да ја преиспита одлуката за бркање на професорите од работа! Професор Јове Кекеновски: Законот е јасен и е на страна на штрајкувачите Во принцип ретки се случаите кога Наставно научниот совет ја одбива рецензијата, а уште повеќе кога потписник на рецензија, самиот си гласа против. Зошто потпишал? Очигледно доаѓа до израз непознавањето и волунтаризмот во образованието, кое во принцип негативно се одразува на целото образование. Жално е на ваков начин да се решаваат проблемите особено пред очите на јавноста и уште повеќе пред студентите. Се поставува прашањето каков ќе биде авторитетот на тие професори кои гласале против своите колеги. Законот е јасен и е на страна на штрајкувачите. Треба да победи правдата. Професор Татјана Стојаноска Иванова: Невиден преседан, професорите ги исполнуваат сите услови! Научната и Универзитетска елита си има свои правила, и во рамките на фелата тие се еден вид на устав. Она на што деновиве сме сведоци отстапува од тие правила и навистина за мене е фрапантно доценти кои се признати и познати во рамките на својата фела да не им биде дозволено напредување во повисоко звање. Уште повеќе ме загрижува фактот што по сите барања за напредување во звање тие стандардите и критериумите ги исполниле, што значи дека условите за напредување се апсолутно исполнети. Како поткрепа на тоа се нивните рецензии потпишани од универзитетски професори, докажани и покажани во фелата и на тој начин се става и сомнеж и на самите рецензенти. Ова е невиден преседан и рушење на интегритетот и суверенитетот на универзитетските професори и навистина е далеку од нормалното поимање за правилно и чесно функционирање на научната елита. Да се подјаремуваат научници и да не им се овозможува напредување во нивната универитетска кариера е далеку од етичките принципи кои треба да се алфа и омега во рамките на универзитетската фела. Податокот кој исто така загрижува е ставот на професорите кои се дискриминирани дека сето тоа е резултат на одреден реваншизам, а доколку е така тоа е навистина за секаква осуда. Дефинитивно треба да се даде поддршка на колегите и јас како дел од универзитетската фела потполно стојам на ставот дека никој не треба да биде над законот и дека не треба никој без причина да биде сопрен и девалвиран во својот научен развој. Професор Роберт Димитровски: Ректоратот треба да го дисциплинира деканот Ако кажам дека сум вчудоневиден нема да бидам потполно искрен. Се обидувам да бидам рационален во размислувањето но никако не можам да го пронајдам ќарот на сопствениот зијан. За жал на нашите Универзитети и факултети позициите не секаде ги запоседнале вистинските компетенции. Без разлика дали се државни или приватни. Дипломите и студентите не се ни државни ни приватни. Отсуството на релевантна практика и искуство при изборот на  наставник во помладите академски средини понекогаш креира вакви проблеми кои наместо со изјави, тужби, пријави и сл. треба да претставуваат свечен чин на промоција. Ова е  посебно важно за еден млад универзитет како што е УГД. Универзитетот го чинат луѓето кои во него растат. Не водејќи сметка за нив и игноирирајќи ги креираме лоши практики насочени против сопствениот растеж и напредок. И што е најлошо имплицираат поведение кое во поврат може да има погубни последици. Мислам дека УГД потпомогнато со МОН мора да изреагира и да го маргинализира значењето на оваа случка со цел тоа да не се претвори во практика. Обврската е пред се на институциите но и Ректорот кој треба да ги смири страстите и да го дисциплинира деканот кој изгледа нема доволна координација со Законот и академските узанси. Како инаку да го толкувам чинот во кој од една страна деканот е рецензент а од друга страна гласа против сопствената рецензија. Се обидувам да бидам најблаг и укажувам на непознавање и неискуство. Ајде нека ова остане поука и подука дека кога се заземаат позициите и не мораме да знаеме се, но дека довербата треба да ја оправдаме и да се научиме. Сепак не треба да учиме преку колатерала, затоа што утре по сета логика ќе имаме некој друг декан. Само почит на автономијата, академската слобода и пред се наставниот кадар може УГД да го спаси од аферата-економски факултет. Се надевам дека Ректорот ќе укаже дека позитивната рецензија е извршна а не манипулативна категорија и ова ќе остане само лош сон што подучува. Ненад Новковски: Жално е за штипскиот универзитет, си ја урива иднината Вакви работи не се случуваат прв пат на Универзитетот во Штип, претходно имаше професор чинам по физика кој на сличен начин беше отпуштен од работа. Зачудува тоа што универзитетот кој е во оскудација со кадри, каде има огромен број на студенти на еден професор да отпушта вакви кадри. Во принцип и покрај позитивна рецензија, може да се случи наставно - научниот совет да не изврши избор, но е зачудувачки. Таквиот неизбор може да се случи по исклучок, но овде станува збор за масовна појава, што сериозно загрижува. Жално е за универзитет кој допрва треба да се развива, на ваков начин да си ја урива својата иднина.