23 Април, 2024
0.0262

Ако Ахмети го обезвласти Груевски сите негативни политички игри ќе завршат

Објавено во: Анализа 04 Февруари, 2017

Добивај вести на Viber

Се додека ДУИ не донесе конечна одлука дали ќе се реши на коалиција со СДСМ и останатите албански партии ќе продолжи оваа бескрајна политичка агонија која трае уште од Пржинскиот процес. Кога ДУИ веќе не може да му ја возврати „љубовта“ на Груевски тогаш вистинско прашање е што го спречува Ахмети да му го сврте грбот на ВМРО-ДПМНЕ, дали постои некаков страв или задржување за кое јавноста сеуште не е информирана. 

Една можност е стравувањето од дестабилизација на Македонија ако ВМРО-ДПМНЕ биде во опозиција и биде изигран од албанските партии во корист на Заев кој има само 49 пратеници. Тогаш Груевски може да ги повика своите сеуште лојални следбеници да излезат на радикални протести кои би извршиле огромен притисок врз новата влада и би издејствувале нови избори. 

Веќе и од ДУИ стигнуваат сигнали дека во оваа фаза договор со Груевски практично е невозможен. Можеби неизвесноста овој период се должи на внатрешни преговори меѓу СДСМ, ДУИ, БЕСА и Алијансата околу албанската платформа како и поединечните барања на секоја од партиите за поделба на владиниот колач, па само прашање на време е кога ќе се соберат побараните 61 потпис со кои ќе му се докаже на претседателот Иванов дека е обезбедено новото парламентарно мнозинство. 

Тука може да има уште една стапица со која Иванов би одбил да им го довери мандатот за што тој однапред си го подготви теренот со несфатливите прерогативи да бара гаранција на унитарноста и безбедноста на државата. Претседателот нема никакви овластувања да наметнува било какви услови за формирање на новата влада и токму во овој дел тој излезе од уставот, но затоа пак си обезбеди алиби за да не го даде мандатот на Заев. 

Тоа може да биде засилено и со потенцијална оставка и форсирање на нови парламентарни, претседателски и локални избори кои ќе се одржат симултано, а со тоа што ВМРО-ДПМНЕ сеуште е на власт и ги контролира институциите ќе може да издејствува нова, овој пат посилна победа доколку народот ја прифати нарацијата за државни и странски непријатели, федерализации, двојазичности и што уште не. 

Затоа во овој момент Ахмети треба да донесе правилна одлука, дали ќе остане дел од власта за која секако и самиот тој и ДУИ имаат голема вина за одредени погрешни политики или пак, ќе се реши да ризикува и целосно да го обесвласти Никола Груевски кој кога ќе нема толкава контрола над државниот апарат ќе нема ни простор за различни негативни сценарија.

Автор: Христијан Станоевиќ