19 Декември, 2025
0.0428

АКО СТЕ РЕШИЛЕ ДА КУПИТЕ СТАР СТАН: Колку пари ќе ви требаат за реновирање?

Објавено во: Економија 18 Јули, 2025 07:43

Добивај вести на Viber

Од агенциите за недвижности велат дека луѓето кои ќе купат стари станови, најчесто за реновирање трошат по 15.000 евра, но оваа сума може да биде и повисока, зависно од тоа што сакаат и како сакаат да изгледа нивниот дом.

Потребно е добро да размислат, да направат некоја ориентациона проценка и да знаат колку ќе им треба за реновирањето. Луѓето кои ќе се вселат во стар стан најчесто ги реновираат бањата, кујната, заменуваат врати, прозорци, го средуваат подот.

„За реновирање најчесто се тоалетот, кујната и да се направи замена на прозорците. Тоа е стандардно за реновирање за стари станови. Секој реновира според можностите. Има и имоти кои се добро сочувани, ама младите сакаат нешто по нивен избор и менуваат плочки, кујна. Ламинатот се менува, ако подот не е во ред. Тоа е тоа што треба да се направи. Клиентите до 15.000 евра максимум даваат за реновирање. Повеќе од таа сума би било ако сакаат некој луксуз, нешто екстра. Се случува дури муштериите да се откажат од купување на станот ако има потреба од поголемо реновирање. Истото важи и за куќите. Купувачите си гледаат да има потреба од помало инвестирање, ако има скоро сменето врати, прозорци, тоа им е подобро како опција“, велат од агенција за недвижен имот од Охрид.

Оние кои веќе го поминале процесот на купување стар стан и негово реновирање, објаснуваат дека треба да не се избрзува со изборот, и советуваат луѓето да разгледаат повеќе станови и потоа да одлучат кој стан ќе го купат.

„Главно старите згради во Битола, ако се реновирани, делумно реновирани, затоа што газдите кога продаваат велат дека се добро реновирани, но сепак тоа значи од 10 работи, 6 ќе фалат.  Ако се купува „реновиран“ стан, цената е повисока. Тоа „реновирано“ често е само за да ја крене цената, а инаку ако не е реновиран, по свој вкус ќе уредиш. Класично реновирање, само замена на врати и прозорци може да ги чини луѓето неколку илјади евра“, објаснува битолчанец.

Додава дека во својот стан лани реновирал и потрошил  околу 20.000 евра.

„Кога реновирав, најбитни ми беа водата и струјата, затоа што тие работи се прават еднаш и остануваат за цел живот. Понатаму како што имав финансии, така си реновирав. Зависи што се реновира, како се реновира, но и најобичните работи се скапи. И еден тоалет да се реновира, материјалите, елементите се скапи, мајсторите се скапи. За кујна исто е знак прашалник колку некој ќе потроши за замена. Се работи за животна инвестиција, и стан не се купува секој ден. Според мене, треба многу детално да се провери и местото и населбата, соседството, близина на продавници, градинка, школо, паркинзи. Исто многу добра работа е да не се оди во 4 очи да се купува стан, секогаш да се оди со адвокат, агент за недвижности, затоа што може да има нерасчистени поделби, да не се јават правни проблеми. Уште пред да одиме да видиме стан, имавме некоја замисла. Детално знаевме која населба ја сакаме, во кои згради, евентуално погоре или подолу, која квадратура. Нешто ќе биде плус или минус, сигурно нема сите желби да ни се исполнат. Да се видат повеќе станови е подобро, за да се види разликата меѓу нив. Ако се гледаат 4 реновирани станови, јас тврдам дека разликата меѓу нив е огромна, дури и ако цената е иста. Планирањето на реновирање, иселувањето отстапува со рокови многу често. Ако се реновира во лето, шансите да се доцни од месец до два се преголеми, затоа што самите мајстори се многу зафатени, одморите влијаат, а во зима внатрешните работи може да се средуваат, но да се отворат прозорци, зависи како материјалите се сушат, сѐ си има некои предиспозиции“, вели битолчанецот.

Од струмичка агенција за недвижен имот објаснуваат дека за разлика од пред неколку години, сега цените за реновирање се повисоки. Материјалите се поскапи, но и работната рака.

„Ако станот чини 50.000 до 60.000 евра, значи на луѓето ќе им требаат 20.000 до 30.000 евра за реновирање, за замена на прозорци, врати, под, мајстори и друго. Треба да се види, да се направи проценка, но сега имаме голем избор, и на плочки и на други работи, има од најевтино, до најскапо“, додаваат од струмичка агенција за недвижен имот.

Во огласите за продажба на станови, некаде стои само дека просторот е реновиран, а некои огласи имаат детално набројано што сѐ е сменето. Други огласувачи пак ја навеле и годината кога е направено реновирањето на становите.

Инаку, резултатите од Пописот 2021 покажуваат дека просечниот број на соби по стан е 3.7, а просечната станбена површина по лице е 30.1 м2.

Сања Атанасовска

foto freepik.com

Можеби ќе ве интересира

Во која земја од ЕУ храната е најевтина?

Во која земја од ЕУ храната е најевтина?

Словенија ќе го зголеми минималецот - колку ќе изнесува?

Словенија ќе го зголеми минималецот - колку ќе изнесува?

Хрватска ги заострува условите за вработување странци

Хрватска ги заострува условите за вработување странци

Култура со голем потенцијал - заработката е до 20.000 евра по хектар

Култура со голем потенцијал - заработката е до 20.000 евра по хектар

Во кои европски земји најмногу поскапе млекото?

Во кои европски земји најмногу поскапе млекото?

Еве како изгледаат владини станови за млади луѓе од 21 квадратен метар во Холандија: Чинат 45.000 евра

Еве како изгледаат владини станови за млади луѓе од 21 квадратен метар во Холандија: Чинат 45.000 евра

„Нашата цел е да привлечеме компании кои носат знаење, современи технологии и квалитетни работни места“: Димовски од ТИРЗ до менаџментот на Philips

„Нашата цел е да привлечеме компании кои носат знаење, современи технологии и квалитетни работни места“: Димовски од ТИРЗ до менаџментот на Philips

ДЗР: Застарени предмети и неуплатени средства во буџетот на државата, ИТ напади и повеќе неправилности во работењето на Министерството за економија и труд

ДЗР: Застарени предмети и неуплатени средства во буџетот на државата, ИТ напади и повеќе неправилности во работењето на Министерството за економија и труд

Хрватска повлекува храна за бебиња: Аптамилот има поголемо присуство на бактерии

Хрватска повлекува храна за бебиња: Аптамилот има поголемо присуство на бактерии