Добивај вести на Viber
Компанијата на Субрата Рој, ниту побарала ниту пак пријавила дека планира постапка за градење на монденското летувалиште во Љубаништа во Министерството за животна средина и просторно планирање . Вакво официјално барање не стигнало ниту од останатите надлежни органи, реагираа денеска од Министерството на изјавите од албанска страна според кои за секој поголем зафат во националниот парк мора да биде информирана и другата страна.
„Од оваа причина, МЖСПП не може да ја започне постапката за прекугранична консултација со Република Албанија“, стои во соопштението од Министерството.
Оттаму додаваат дека на сите средби со претставниците на индиската компанија им образложило како течат процедурите и што е потребно за да се земе дозволата за градење на луксузниот комплекс.
„МЖСПП ја уверува јавноста дека во целост ќе се почитуваат законите и постапките од областа на животната средина за кое е надлежно министерството“, соопштуваат од ресорното министерство.
Претходно во изјава за Утрински весник, членот на Билатералниот комитет од албанска страна, Аријан Мероли, вели дека за идејата на индискиот бизнисмен досега никој не ја контактирал албанската страна.
„За жал, нема ниту една конкретна информација од македонска страна. Знам онолку колку што самиот сум се информирал во вашето Министерство за заштита на животната средина, Националниот парк „Галичица“, Хидро-биолошкиот институт и од македонските медиуми. Имаме потпишано и ратификувано билатерални договори и меѓународни конвенции да се информираме меѓу себе за сите активности кои имаат влијание на квалитетот на водата, флората и фауната во литералната зона на езерото. Само меѓудржавниот договор бара почитување на осум меѓународни конвенции. Примена на сите стандарди и норми во ЕУ и нов статус на езерото“, реагира Мероли за весникот.
Според планот Субрата Рој сака да гради луксузен објект во Љубаништа и тоа во две фази. Тој тврдеше дека нема да биде нарушена еколошката состојба на езерото согласно прописите на УНЕСКО. Според плановите, индиската компанија на милјардерот Рој во Охрид ќе прави центар со луксузни хотели, казина, спортски терени, пристаниште, објекти за забава и рекреација, одмор, терени за голф, спа центри, марина-хотели и казино на вода на површина од 240 хектари. Во меѓувреме беа побарани дополнителни 17 хектари земјиште во Љубаништа, за да имало доволно простор за комплексот.