Добивај вести на Viber
Кумановчани, прилепчани и битолчани до сега се најактивни во ставањето на својот потпис за враќањето на евтината дневна тарифа на електричната енергија, како и за укинување на одредбата граѓаните што се исклучени од Топлификација да плаќаат паушал од околу 20 денари за метар квадратен секој месец.
Катерина Попоска
Уште само 1.000 потписи и граѓанското здружение АМАН ќе успее во целта-да иницира измени на Законот за енергетика. Сите граѓани кои сакаат да се врати дневната евтина тарифа на електричната енергија и кои не се согласуваат да и плаќаат одреден паушал на Топлификација иако се исклучени од нивната мрежа, имаат уште многу малку време да отидат до своите општини и да се потпишат за барањата на АМАН.
“Се уште не сме ги спобрале потребните 10.000 потписи за да можеме да бараме измена на законот за енерегетика. До сега имаме собрано околу 9.000. Но, после Нова година ќе продолжиме поагресивно со нашата заложба. Сметаме дека потребните илјади потписи ќе успееме да ги собереме до крајот на годинава, бидејќи граѓаните постојано се интересираат. Иако имаме можности локациите за собирање на потписите да бидат отворени до 30 јануари 2013 година, сепак, штом го имаме потребниот број на потписи ќе ги затвориме локациите и ќе ја проследиме иницијативата за измена на Законот за енергетика до Собранието на Република Македонија“, вели
Алeксандар Гочев од граѓанското здружение АМАН.
По доставата на 10.000 потписи Собранието е должно во рок од 30 дена да ги стави на дневен ред предложените измени на Законот за енергетика.
Кумановчани, прилепчани и битолчани до сега се најактивни во ставањето на својот потпис за враќањето на евтината дневна тарифа на електричната енергија, која од неодамна со правилниците на Регулаторна комисија за енергетика беше укината, како и за укинување на одредбата граѓаните што се исклучени од Топлификација да плаќаат паушал од околу 20 денари за метар квадратен секој месец. Жителите на главниот град, Скопје пак, се покажаа како најапатични, вели Гочев за Фактор. За иницијативата да успее во законскипот рок потребно е во просек дневно по 111 граѓани да се потпишувале за измените на Законот за енергетика за кои се залага АМАН.
“Меѓу другото, предлагаме воведување на три часа дневна евтина струја. Оставем да се избере терминот помеѓу 12 и 18 часот. Наш предлот е и законски да се регулира плаќањето на топлинската енергија, односно бараме граѓаните кои се откажале од парно да не плаќаат никаков надоместок. Има и други измени, но овие се најважните“, велат од АМАН.
Неколку пати до сега граѓаните се собраа на масовни протести низ земјава за да го искажат револтот против поскапувањата на парното и струјата и да се заложат за измена на Законот за енергетика и правилниците за работа на Топлификација.