28 Ноември, 2020
0.0223

Америка на избори – Русија во исчекување

Објавено во: Македонија, Колумни 02 Ноември, 2020

Утре ќе се одржи можеби најглавниот политички настан годинава. Ширум САД ќе минат изборите за претседател. Ќе се судрат сегашниот претседател, Доналд Трамп и неговиот противник, демократот Џозеф Бајден. Очите на целата светска јавност ќе бидат вперени во Американците кои ќе одлучуваат дали ќе остане досегашниот или ќе добијат нов претседател. Истовремено ќе се бираат 33 сенатори, што е многу значајно за тоа кој ќе ја има превласта во Сенатот. Во Конгресот доминираат демократите. Секако дека Русија ќе биде една од државите во која изборот ќе се следи со големо внимание.

Победникот на изборите овој пат, можеби, ќе се знае дури по две до три недели. Тоа го навестуваат над 90-те милиони гласачи кои гласаа по пошта и чии гласови ќе треба долго да се пребројуваат. Сето тоа ќе влијае и врз развојот на настаните ширум светот. Ќе има шпекулации кои ќе влијаат врз берзите, но и неотворени шишиња шампањско вино за наздравување на посакуваниот победник. Трамп или Бајден, прашање е сега? И Европа и Кина и други големи држави ќе го чекаат одговорот.  „Ситната боранија“ држави нема што да мислат. За нив мисли друг.

Што очекуваат Русите од американските избори? Разни анкети покажуваат дека овој пат не се игра на картата на Трамп. Ако во 2016 година, како што велеа, се отворило шампањско во Кремљ, сега новиот претседател да биде „среќен“ ако му наздрават со вода. Развојот на односите со САД во мандатот на Трамп покажа дека илузија било навивањето за него и очекувањето дека тој ќе ги унапреди односите. Трамп поддржа и воведе најмногу санкции кон Русија. Дали Русите се пишман што го поддржаа Трамп во 2016 година, па и со мешање во изборите во САД? Никако. Сега имаат повеќе резерва во настапите.

Портпаролката на руското МНР Марија Захарова вели: „Ние сме подготвени за заедничка работа со кој било победник на американската претседателска трка, независно од неговата партиска припадност. И ако ситуацијата почне да се менува во позитивна насока, тогаш, мислам, дека во блиска иднина ќе се отворат можности да се направи нешто опипливо, да се оди напред во потрагата по заемно прифатливи решенија за актуелните прашања од билатералната и меѓународната агенда“.

Антируска реторика

Дипломатските фрази на Захарова кријат суштина, а неа на почетокот на октомври во едно интервју ја искажа претседателот Владимир Путин. Според него Русија не се меша во изборите кои се внатрешен политички процес, прашање и проблем на самите САД. Тој го цени постојаното зборување на Трамп во корист на развојот на руско-американските односи. Објективно, според него, направено е многу на билатерален план, иако не се во целост реализирани намерите за кои зборувал Трамп. Вината за тоа тој ја гледа во двопартискиот консензус во САД за ограничување на Русија и зауздување на нејзиниот развој. Тој консензус, според Путин, е и ограничување за сегашната администрација. Тука пред се’ се мисли на санкциите, различните рестрикции и ограничувања. Дури 46 пати се донесени одлуки за нови санкции или за проширување на постојните. Администрацијата се повлече од Договорот за ракетите со среден и краток дострел, не се спроведени заеднички проекти за деловни и експертски совети. Добро е што во времето на Трамп забележително е порасната трговската размена. Исто така и заедничката работа за стабилизирањето на светскиот пазар на енергија, смета Путин.

Што се однесува до демократскиот кандидат, рускиот претседател ја забележува неговата антируска реторика, на која во Русија се навикнале. Но, според Путин,  постојат и работи на кои треба да се обрне внимание. Прво, Демократската партија е традиционално поблиску до таканаречените либерални вредности, таа е поблиску до идеите за социјалдемократија кога ќе се спореди со Европа. „И Комунистичката партија некогаш излезе од социјалдемократското опкружување“, вели Путин. Тој цени многу од левичарските вредности, па смета дека во таа смисла постои дури и некаква идеолошка основа за воспоставување контакти со претставник на Демократската партија. За Путин е значајно што, на пример, „кандидатот Бајден јавно рече дека е подготвен да го продолжи СТАРТ или да склучи нов договор за ограничување на стратешкото офанзивно оружје. И ова е веќе многу сериозен елемент на нашата можна соработка во иднина“. Тој повторува дека Русија ќе соработува со кој било иден претседател на САД, со човекот кој ќе ја добие довербата на американскиот народ.

За разлика од политичките погледи експертите се уште поконкретни. Димитриј Тренин, директорот на Московскиот центар на Карнеги фондацијата  вели дека проблемот на односите меѓу САД и Русија е како проблемот со косата и каменот: „Американската коса, која коси се', и рускиот камен, кој не се движи никаде, за разлика од косата. На него можете да оставите колку што сакате лузни, но со косата не можете да го помрднете“. За Тренин и двата претседателски кандидата се лоши за Русија. „Ако го добиеме Трамп, тогаш ќе добиеме освета од демократите преку Конгресот, која ќе биде сериозна. „По втор пат да се украдат избори“, ќе чини уште поскапо. Во кој и да е случај такво ќе биде толкувањето.  А, ако биде Бајден, тогаш тој ќе треба да покаже дека „не е Трамп“. Тој нема да ја „тинтра“ Русија. Уште повеќе, госпоѓа Харис(Камала Харис), која оди со него како потпретседател, дефинитивно ќе додаде енергија и жар во сето тоа. Ќе биде полошо во секој случај“.

Проширување на санкциите

Рускиот министер за финансии Антон Силуанов повикува на „подготовка кон се’“, во случај да победи Бајден. Можно е проширување на санкциите кон Русија. Кон банките и рускиот долг. Економски аналитичари во Русија очекуваат победа на Бајден затоа што во САД „никогаш немало повторна победа на претседателот во чиј прв мандат имало рецесија“. Победата на Трамп би влијаела на рубљата, која малку би поскапела во однос на доларот, повеќе од психилошки карактер, отколку од реалната потреба. Инаку за време на мандатот на Трамп рубљата поевтини за 22,7 проценти. Аналитичарите очекуваат пореални оценки да дадат во втората половина на ноември, кога се очекува да бидат познати резултатите од изборите, со оглед на големиот број гласачи по пошта.

Победата на Бајден би донела промени во односите кон ЕУ. Трамп за четири години внесе таков раздор што на Бајден ќе му требаат уште толку да ги санира последиците. Промената на односите кон ЕУ би значело актуелизирање на Трансатлантскиот трговски договор, „оттргнување“ на ЕУ од соработката со Русија, но најверојатно нема да се засега во енергетската политика на Унијата. На пример во завршувањето на изградбата на гасоводот „Северен поток – 2“. Ова од причина што  Камала Харис е противник на производството на гас од шкрилци со што се нанесуваат големи еколошки штети. А Трамп својата политика за извоз на  течен природен гас ја темелеше токму на истиснувањето на Русија од европскиот пазар.

Во поглед на договорите за намалување на нуклеарното оружје, факт е дека Трамп продолжи со политиката на напуштање на сите договори. Останува уште СТАРТ-3 за кој се преговара, а кој истекува догодина. Доколку победи Бајден тој би бил подготвен за продолжување на преговорите со Русија. Дотолку повеќе што и денес дава изјави во полза на договор. Доколку победи Трамп, тогаш може да се очекува преговорите да продолжат онаму каде што застанаа. Тие беа сериозни последниве месеци. Иако имаше и американски ултиматуми, кои Русија ги отфрли, сепак може да се очекува преговорите реално да продолжат. САД на овој план повеќе се заинтересирани за вклучување на Кина во договорите, но засега наидуваат на отпор од нејзина страна.

Поделена земја

Кој и да биде претседател на САД ќе има големи предизвици. Во прв ред борбата со коронавирусот. Потоа решавање на економските проблеми предизвикани од него. Голем проблем се и расните проблеми кои доведоа до голема поделба во општеството. Многумина укажуваат и на опасност од граѓански немири во САД, дури и вооружени, бидејќи може да се случи непризнавање на изборните резултати  да дојде до отворен судир меѓу приврзаниците на едниот или другиот претседателски кандидат. Така што меѓународната политика се чини ќе биде во нивна сенка. А со тоа и развојот на односите со Русија.

Од искажувањето на Путин погоре се добива впечаток Трамп како да е негов фаворит. Американски официјални лица ја предупредија Русија „да не се меша“ во изборите во земјата. Таа како што негираше во 2016 година, негира и сега дека има некакво мешање. Фиона Хил, која работеше во американскиот Совет за национална безбедност од 2017 до 2019 година, а сега е соработник во институтот Брукинг, вели дека: „Руските оперативци не ја измислија нашата груба племенска политика, тие измислија ликови во интернет за да ги возбудуваат луѓето. Американските политичари ја поделија земјата на црвени и сини држави, руските оперативци купија он-лајн реклама, која беше нацелена на двете поделени страни во нашата земја. Американските коментатори лепеа остри етикети на нашите национални лидери. Руските ботови ширеа навредливи коментари во сите насоки. Идејата дека Русија ги определила резултатите од изборите (во 2016 година) е преувеличување. САД со десетлетја воспоставуваа меѓународни стандарди за слободни и чесни избори. Меѓутоа претседателот Трамп, а не претседателот Путин, нашиот изборен систем го нарекуваше „валкан“ и го ставаше под сомнение принципиелниот приод при пребројувањето на гласовите“. Според неа, најголем ризик за претстојните избори не се Русите, туку самите Американци.

Ако е така, тогаш Русите можат спокојно да ги следат изборите. Да го гледаат дуелот до истребување, како што личи според создадената предизборна атмосфера. Перспективите на подобрување на односите со САД на краток рок се фатаморгана. Бесперспективни. Кој и да стане претседател. Ќе има конфронтации. Но и тие можат да бидат од полза за Русија! Димитриј Тренин вели: „ Ако сте решиле да соперничите со Америка, тогаш или ќе изгубите, ќе ве разгазат, или ќе станете подобри, почисти и пољубезни. После откажувањето на Русија од комунизмот на линијата Русија-Запад настапи мир, но веднаш почнаа конфликти внатре во распаднатиот Советски Сојуз, имаше страшни демографски загуби на Русија во 90-тите години. За да се кренеш треба сериозен предизвик. А таков предизвик нам ни создава конфронтацијата со САД“. Првата декада на 21 век во развојот на Русија покажа дека во ова искажување на Тренин има дел вистина. Конфронтација како мотив за подобро утре. Нешто што не може да го направи секој.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

KOРОНАВИРУС: Нови 1.093 случаи и 28 починати

KOРОНАВИРУС: Нови 1.093 случаи и 28 починати

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Koалицијата размрдана, дел од политичарите дадоа поддршка на Заев

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Koалицијата размрдана, дел од политичарите дадоа поддршка на Заев

Груевски демантира дека е вмешан во настаните од 27 април

Груевски демантира дека е вмешан во настаните од 27 април

Ахмети за Заев: Jа ризикува својата политичка кариера со најдобра намера за земјата

Ахмети за Заев: Jа ризикува својата политичка кариера со најдобра намера за земјата

ВНИМАВАЈТЕ: Полицијата го следи говорот на омраза на интернет насочен кон Бугарија

ВНИМАВАЈТЕ: Полицијата го следи говорот на омраза на интернет насочен кон Бугарија

Македонија ќе ја зафати студен бран, а се најавуваат и врнежи

Македонија ќе ја зафати студен бран, а се најавуваат и врнежи

Колозова: Никаде немаше негација на фашистичката историја на Бугарија

Колозова: Никаде немаше негација на фашистичката историја на Бугарија

Невидени турканици пред ковид-центарот на ГОБ „8 Септември“: Директорот Костов уверува дека сите ќе бидат прегледани

Невидени турканици пред ковид-центарот на ГОБ „8 Септември“: Директорот Костов уверува дека сите ќе бидат прегледани

Освен за Втората светска војна, Заев не кажа ништо друго погрешно во интервјуто - се огласи и Георгиевски

Освен за Втората светска војна, Заев не кажа ништо друго погрешно во интервјуто - се огласи и Георгиевски