Анализа: Кои се сериозните обврски за спас на Шара, новиот национален парк?
Објавено во: Македонија 13 Јули, 2021
Дивата
сеча на Шара годишно нанесува неколку милиони евра директна штета, а
последиците врз природата се огромни, се зголемува ризикот од ерозија и лизгање
на земјиштетото што може да однесе и човечки животи. Дивоградбите исто така го
загрозија балансираниот потенцијал за економски, социолошки и туристички
развој. Ловокрадството и неконтролираната експлоатација на ресурсите често
поминуваа неказнето. За да не биде предоцна по три децении Шара е прогласена за
нов национален парк, законот е изгласан и сега започнуваат сериозните обврски
за заштита на природата и овозможување услови за одржлив развој. Од
Македонското еколошко друштво велат дека задачата нема да биде лесна. Со Фросина
Пандурска-Драмиќанин од МЕД разговаравме за улогата и притисокот од граѓанските
организации од платформата Пријатели на Шара за спас на новиот национален парк
и кои мерки ќе мора да се спроведат во следните години.
Фото: Јован Божиновски
Долга беше борбата за Шара конечно да биде прогласена за национален парк. Што понатаму. Кои се вашите следни очекувања за заштита на природното богатство?
- За Шар Планина да се прогласи како национален парк беа потребни 27 години, соработка помеѓу повеќе институции, експерти, меѓународни донатори, граѓански сектор и локално население. Како Македонско еколошко друштво и платформа Пријатели на Шара очекуваме во месеците што следат да се формира модерна институција ЈУ НП „Шар Планина“ со адекватен кадар што ќе работи кон зачувување на природата на Шар Планина и ќе врши мониторинг врз природните реткости што ги има оваа наша најубава и најголема планина, вели Пандурска-Драмиќанин.
Треба да се формира посебно јавно претпријатие и ренџерска служба. Ќе го следите ли тој процес и кои се вашите препораки?
- Ренџерската служба треба да биде најважната служба во идната управа на националниот парк. Потребни се најмалку дваесет до триесет луѓе што добро го познаваат теренот и што ја сакаат природата. Освен патролирање во природа, нивната улога ќе биде и да едуцираат и да вршат мониторинг на растителни и животински видови. Нивната задача нема да биде ни најмалку лесна во првите 5 до 10 години додека се воспостават сите правила за дозволени и забранети активности на целата територија на паркот. За жал природните ресурси на Шар Планина се под постојан притисок од човекот повеќе децении и сите тие нелегални активности ќе треба постепено да се намалуваат но, не очекуваме дека ќе исчезнат преку ноќ со формирањето на националниот парк, посочува Пандурска-Драмиќанин.
Со националните паркови во земјава имаме помешани искуства, не сите имаат еднаков развој и посветеност. Кои лекции треба да се научат за новиот национален парк да покаже резултати?
- Шар Планина како четврти национален парк не може и не треба да се споредува со парковите воспоставени во државата пред повеќе од 50 години. Секако новата установа треба да соработува со другите национални паркови и да учи од нивното искуство но, значајни разлики меѓу новиот национален парк и останатите три има бидејќи на Шар Планина има живи села на територијата на паркот и население кое активно ги користи и живее од природните ресурси на планината. За разлика од Шара, во некои од останатите паркови речиси и да нема сточари на територијата на паркот. Друга разлика е што населението во останатите три паркови пред повеќе од половина век не било прашано дали сака или не сака да живее во национален парк, а ситуацијата со Шар Планина е што процесот на воспоставување на паркот траеше речиси три децении и клучните засегнати страни беа постојано информирани и вклучени во сите чекори се до изгласувањето на законот. Секако идната установа ќе треба во секој поглед да соработува и да учи од искуството на другите паркови но, и да презема чекори што ќе го подобрат одржливото управување на паркот, смета Пандурска-Драмиќанин.
Што значи категоризацијата национален парк за жителите на Шар Планина, колку треба спроведување на едукација, јавна кампања и дијалог за планираните зони и решенија?
- Во моментов со помош на експерти од IUCN а со поддршка на УНЕП се подготвува план за управување на заштитеното подрачје во којшто ќе бидат утврдени начините и правилата за управување со природните добра на Шар Планина како и забранетите и дозволените активности по одделните зони на паркот. Овој процес треба да биде транспарентен како за локалното население така и за општата јавност се со цел јасно информирање за идните правила што ќе треба да се почитуваат во заштитеното подрачје. Нови хидроцентрали во паркот освен оние за кои веќе постои концесија нема да смее да се градат, потенцира Пандурска-Драмиќанин.
Очекувате ли зголемување на туристичкиот потенцијал на Шар Планина и како да се обезбеди одржлив раст и развој?
- Обврска на установата ќе биде да формира Совет на засегнати страни којшто редовно неколку пати во годината ќе го свикува и информира за својата работа. Националниот парк ќе треба да комуницира со месните заедници на селата во рамки на паркот како и општините во регионот со цел да се пренесат правилата за однесување во паркот но и да се отворат можности за регионална соработка на регионално ниво или прекугранично ниво во поглед на заштита на природата, развој на туризмот и слично. Потенцијал за развој на туризмот постои огромен, но новиот национален парк ќе треба да се развива постепено и да не цели кон масовен туризам бидејќи за да се воспостават правилата за заштита на терен ќе треба време, соодветен кадар и многу едукација кон локалното население и посетителите на паркот. На пр. потребно ќе биде раздвојување на планинарските патеки од оние за користење на моторни возила како и дефинирање на типот на возила што ќе смеат да се користат во различните зони на паркот. Сето ова очекуваме да биде дефинирано и презентирано во идниот менаџмент план на паркот, вели Пандурска-Драмиќанин.
Националниот парк Шара влегува во заштитена погранична област во Косово и Албанија и со паркот Маврово се доаѓа до огромна површина. Гледано од тој аспект што треба да се преземе за интегрирана заштита и унапредување на природата и биодиверзитетот?
- Со прогласувањето на Шар Планина за национален парк се формираше едно големо прекугранично подрачје што има огромен потенцијал во однос на развој на туризмот и прекуграничната соработка. Првенствено ова територија треба да се гледа како скривалиште и дом на многу ретки загрозени видови како што е балканскиот рис, балканската дивокоза, мечката и сл. Прекуграничната соработка првенствено треба да биде насочена кон напори за спроведување на заеднички мониторинг на загрозените видови а потоа и во поглед како можност за регионален развој, регионално брендирање и зголемување на туристичката понуда. На животните не им требаат пасоши и тие не познаваат граници, па доколку едно стадо диви кози е мета на илегален лов во земјава, тогаш загубата е на ниво на популација и на другата страна на границата во Косово или во делот на Кораб-Коритник во Албанија. Токму затоа неопходна е синхронизирана заштита и мониторинг на прекугранично ниво со заштитените подрачја во Косово и Албанија, заклучува Пандурска-Драмиќанин.
Х.С.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.