29 Септември, 2024
0.0321

АНАЛИЗА: Кој, колку и по кој основ ќе мора да плаќа придонеси за вработените?

Објавено во: Анализа 24 Јули, 2014

Добивај вести на Viber

За едно лице ќе се плаќа и по неколку пати исти давачки за пензиско, социјално и здравствено осигурување. Граѓани што заработуваат хонорари по основ на различни ангажмани, сами ќе треба да плаќаат придонеси доколку месечната сума надминува една просечна плата. Работодавачите кои исплаќаат хонорари повисоки од минималната плата ќе мора да го осигураат лицето, но што доколку некој работодавач во текот на месецот има потреба неколку пати да ангажира исто лице за одреден хонорар? Дали тоа значи дека  во текот на месецот, за тоа ангажирано лице ќе  треба неколкукратно да плати и придонеси? Серија на дилеми кај експертската и бизнис заедница отворија законските измени на пет Закони. Што содржи законите? Измените на Законот за работни односи ги поставија основите за новите правила за доброволно пензионирање и за плаќање на придонеси по основ на хонорари и авторски договори, но останатите четири закони, за пензиско и инвалидско осигурување, за здравствено, социјално осигурување и Законот за вработување во случај на невработеност ги дефинираа новите правила.  Во законите пишува дека секое лице ( без разлика дали е веќе вработено или не) што месечно заработува нето приход повисок од минималната плата, ќе мора да плаќа придонеси за осигурување.
“Се воведува нова категорија на обврзници за плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување, и тоа лица кои остваруваат приходи од извршување физичка и/или интелектуална работа, врз основа на договор за дело и/или авторски договор или друг договор со кој е определен надоместок за извршената работа во нето износ повисок од износот на минималната плата за претходната година, утврдена со закон“ – пишува  во изменетиот Закон за придонеси од задолжително социјално осигурување, како и во останатите други закони со кои се регулираат државните давачки.
Според економистите има неколку недоречености кои упатуваат на опасноста дека ќе се случи двојно плаќање на давачките. Прво, едно вработено лице за кое веќе се плаќаат давачки, доколку остварува приход и од хонорар од друг работодавач, тогаш ќе мора повторно и тој работодавач да ги плати придонесите, со што за едно лице, во исти фондови ќе се слеат “дупли“ давачки. Второто спорно решение е што доколку едно лице од повеќе ангажмани заработува повеќе од минималната плата. Законските измени го обврзуваат лицето само да ги плаќа придонесите. Еве што пишува во еден од законите, а се однесува на сите давачки по основ на плата:
“Ако лицата остваруваат приходи од повеќе договори ќе станат обврзници за плаќање на придонес за задолжително пензиско и инвалидско осигурување кога збирниот нето износ на приходите по тие договори ќе го надмине износот на минималната плата утврдена со закон.“
Од 1 јануари идната година, според планот на Владата, од листата на невработени ќе се избришат сите хонорарци и лицата кои работат со договор на дело или друг вид договор, во вредност поголема од минималната плата во државата.
“Невработено лице или друго лице кое што бара работа не може да биде евидентирано во регистрите доколку има склучено договор за дело, авторски договор или друг договор за кој се плаќаат придонеси од задолжително социјално осигурување согласно со закон“, стои во предложената измена на членот 53  од Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност.
Законска обврска е на хонорарците и на нивните работодавачи да го пријават хонорарното работење или договорот за дело кај соодветните институции кои треба да ги внесат во сопствените регистри. Изменетите законски решенија предвидуваат казни и за работниците и за работодавачите во случај на непочитување на законот. Глоба во износ од 500 до 1.000 евра ќе му се изрече на обврзникот за уплата на придонесите сам за себе доколку не го достави договорот за дело и/или авторскиот договор или друг договор до Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија. Казна во износ од 300 до 600 евра ќе му биде изречена на оној кој нема да се пријави за плаќање на придонес за пензиско и исто толкава казна ќе плати одговорно лице кај обврзникот за пресметка и уплата на придонесот за пензиско осигурување. Двесте евра  ќе треба да плати невработено лице кое зема хонорар или работи со договор на дело ако инспекторите го најдат како работи кај некој работодавач, а со ист износ ќе биде казнет и работодавачот. Глоба во износ од 2.000 до 3.000 евра ќе му се изрече и на обврзникот за пресметка на придонесите - правно лице доколку во пропишаниот рок не го достави извештајот до Управата за јавни приходи. Р.Ф.