28 Септември, 2024
0.0258

АНАЛИЗА: Козметика или дисциплина – со која цел Владата предложи Уставни измени за долговите?

Објавено во: Анализа 01 Јули, 2014

Добивај вести на Viber

Европска пракса за контрола на државните трошења и зголемување на фискалната дисциплина или потег кој во одредени моменти може да има негативни последици врз вкупната економија? Што ќе донесат евентуалните уставни измени со кои нивото на буџетскиот дефицит и на Јавниот долг ќе се утврдат, односно ограничува со Устав. Домашната експертска јавност е со поделени мислења. Дел сметаат дека на ваков начин Владата, без разлика на тоа од која политичка опција е, ќе мора да се придржува до уставно утврдените лимити, со што ќе се зголеми и финансиската дисциплина. Други пак велат дека уставното уредување на долговите не е европската пракса и дека финансиката дисциплина може да се регулира преку други законски решенија. Уставни измени, Монетарен Борд, Закон за јавни финансии... Уставното регулирање на висината на јавниот долг и на буџетскиот дефицит не е европска пракса – објаснуваат експертите што ги консултираше “Фактор“. Сметаат дека  потегот на Владата преку уставни измени да го огранични нивото на буџетскиот дефицит и на Јавниот долг нема да значи и гаранција дека ќе зајакне фискалната дисциплина .
“Во рамките на Европската Унија познати се други механизми за зголемување на фискалната дисциплина и контрола врз државните трошења. Таков е на пример Законот за јавни финансии кој јасно ги дефинира нивоата на задолжување и динамиката на нивната отплата. Значи, воведувањето на фискалните правила треба да се спроведува или преку Закон за јавни финансии или преку формирање на Фискален совет“ - вели за “Фактор“ Марјан Николов од Центарот за економски анализи.
Познавачите објаснуваат дека уставните ограничувања нема да значат ниту поголема транспарентност во трошењата.
“Точно е дека со усвојување на уставните измени ќе се ограничи нивото на јавниот долг и на буџетскиот дефицит, но тоа не значи дека буџетските пари ќе се трошат со поголема транспарентност. Ако една држава сака да покаже дека е транспарентна во трошењата, дека се придржува до финансиската дисциплина, таа прво треба да ги почитува, односно да не ги коментира извештаите на Државниот завод за ревизија. Ако Владата сака да демонстрира транспаретност во трошњата тогаш може да формира на пример и Монетарен борд, институција која гарантира дека една власт без разлика која е, не може дискреционо да си ги троши буџетските пари“ - објаснуваат за “Фактор“ економистите.
Владата ги најави уставните измени за ограничување на нивото на Јавниот долг и на буџетскиот дефицит со образложение дека на ваков начин ќе се обезбеди поголема дисциплина во фискалната политика.
“Во насока на создавање на силна финансиска дисциплина нашиот предлог е нормирање на дефицитот на буџетот во висина најмногу до 3% од БДП, а јавниот долг да се лимитира на ниво од најмногу 60% од БДП. Ова ќе преставува нов квалитет, и силна гаранција, дефинирана со Устав, за оваа или било која идна Влада, домаќински да се однесува со буџетот, и дефицитот, како и јавниот долг да биде на стабилно и одржливо ниво. Ова е согласно заложбите за креирање на економски напредок и функционирање на економски стабилен систем. На патот кон Европската Унија“ - изјави премиерот Никола Груевски.
Освен преку Буџетот, нивото на Јавниот долг и на буџетскиот дефицит Владата го проектира и преку Фискалната стратегија, документ кој Владата повторно ги исцрта по силните препораки на Меѓународниот Монетарен Фонд. Уставните измени ќе бидат под притисок?  Во изминатите две години висината на буџетскиот дефицит и на Јавниот долг не се совпадна со првичните проекции на Владата. Поголемите буџетски дефицити, според дел од економисите укажуваа на недомаќинско трошење на буџетските пари. Според експертите, едно од решенијата за контрола на задолжувањата и трошењата е Фискален совет.
“Фискалниот совет како тело веќе постои во некои земји од опкружувањето. Тој постои во Србија, функционираше и во Унгарија но таму постепено, со намалување на финасиите за негово одржување, тој се укина. Станува збор за институт во кој би членувале независни експерти од областа на јавните финансии. Тие би биле со неприкосновен кредибилитет, без политичка обоеност. Ова тело би било задолжено да го анализира предложениот Буџет а со тоа и прокециите на власта за задолжувањата.“ - објаснува Николов од Центарот за економски анализи.
Како втор инструмент за контрола на јавните финансии е Минетраниот борд, модел кој функционира во Бугарија.
“Во Бугарија работи Монетарен борд, тело кое е задолжено за следење и контрола на состојбите во јавните финансии. Одлуките, односно оценките на ова тело се конечни и не се оспоруваат. Монетарниот борд е практично гаранција дека власта, без разлика која и да е, не може нетранспарентно и дискреционо да ги троши народните пари“ - објаснуваат економистите.
Експертите по уставно право велат дека предлогот за уставни измени во финанскиот сектор ќе бидат спорни од неколку аспекти. Сметаат дека ваквото решени за згоелмување на фискалната дисциплина е избрзано и нема да даде ефекти.
“Уставни измени за финсискиот сектор, како што предлага владата не се вообичаена пракса во Европската унија. Транспарентноста и јакнењето на контролата на јавните финансии се постигнува со законски решенија. Ако се усвојат уставните измени се отвораат повеќе прашања, прво што ќе се случи доколку во земјата се случат немири поради социјални или економски причини а за нивно решавање ќе бидат потребни пари, односно задолжувања? Што доколку се случи војна во државата, нова економска криза која ќе треба да се амортизира со кредити, односно задолжувања? Сите овие сценарија ги ставаат под притисок можните уставни измени и опасноста од нивно натамошно менување“ - анализира за “Фактор“ еден од експертите по Уставно право, некогашен истакнат функционер во законодавната власт.
Според она што беше соопштено од Владата, овие измени би требало да бидат применети при подготовката на Буџетот за 2017 година.